Ќе бидам отворен со вас и ќе ви ја прикажам реалноста спонтано: Искрено интервју со Марио Манов по враќањето на социјалните мрежи

Ќе бидам отворен со вас и ќе ви ја прикажам реалноста спонтано: Искрено интервју со Марио Манов по враќањето на социјалните мрежи

Објавена во: Stars // Интервјуа

Познатиот инфлуенсер Марио Манов пред некое време повторно се врати на социјални мрежи. Лошиот период го остави зад себе и реши да сврти нов лист. Сега отпочеток ќе се труди да ги освои своите обожаватели, но на еден сосема поинаков начин, својствен само за него.

За Хаштаг се наврати и на лошиот период, но и на она што го поттикнало да се врати на социјалните мрежи.

# Ќе можеш ли накратко да ни раскажеш како настана целата таа драма на социјалните мрежи, поточно да ни ја раскажеш твојата страна од приказната?

- Сметам дека сите добро се запознаени со целата ситуација што се случи пред некое време. Исто така, сметам дека моето јавно обраќање е доволно за да се стави точка на истата, затоа што нештото се случило и нема потреба да се навраќаме кон истото.

# Како го надмина периодот по навредите на социјалните мрежи?

- Голем дел од македонските портали, медиуми и јавни личности одлучија да заземат став и да го кажат истиот на нивните платформи. Ми беше прилично тешко да се дистанцирам од целиот тој хаос. Беше тежок период и се изгубив самиот себеси. Знаев дека ќе ми биде потребна поддршка од најблиските и спокој за да се пронајдам повторно. Благодарен сум за секој еден што остана до мене и ми помогна во целиот тој процес.

# Ти недостасуваа ли социјалните мрежи и твоите обожаватели во периодот додека беше изолиран од социјалните мрежи?

- Времето поминато надвор од социјалните мрежи беше нешто што навистина ми беше потребно. Колку и да сакаме да негираме дека таков јавен линч не може да повреди едноставно повредува. Времето го поминував со моите сакани, си посветив доста време сам на себе и се обидов да се вратам психички таму каде што бев, пред да ги напуштам социјалните мрежи. Моите души ми недостигаа, да! Пресреќен сум што конечно повторно можеме да поминуваме време заедно.

# Што правеше во периодот додека не беше активен на Инстаграм, велиш дека си променет, што е она што клучно те промени и во која насока?

- Поголемиот дел од времето го поминав во патувања. Се преселив од дома и почнав самостоен живот. Моментално сум фокусиран на самиот себе и на луѓето околу мене. Се водам по тоа дека сѐ што ни се случува, ни се случува со причина. Сфатив дека не можеш на секој да му веруваш и дека не секој сака да ти биде пријател. Дека приказните можат да бидат извртени и дека тишината затвора усти. 

# Што беше пресудно да се вратиш на социјалните мрежи?

- Никој и ништо на овој свет нема да ме спречи да го правам она што го сакам! Инстаграм за мене беше еден вид на сигурно место кое го создадов заедно со сите прекрасни луѓе што ме следат. Времето кое што го поминував на Инстаграм, почна да ми недостига и со оглед на фактот дека останатите животни нешта ми се подредени, време беше да се вратам.

# Серијалот „Македонски мајки“ беше она што на некој начин те прослави. Зошто повеќе го нема на твојот профил на Инстаграм? Што ќе се случува со него?

- „Македонски мајки“ беше период од животот и буквално служеше како издувен вентил. Беше нешто што ме исполнуваше и го правев со задоволство. Навистина се радував кога преку видеа успевав да насмеам многу и да ја стекнам бројката и симпатиите од сите оние што ме следат. Но, во последната година се сменија многу нешта во мојот живот. Погледот кон животот не е истиот како порано, па затоа „Македонски мајки“ е завршена книга. Се надевам ќе ја имам можноста да ви го покажам животот кој го живеам, има многу интересни нешта кои се променија и истите сакам да ги споделам со сите.

# Каква е сега твојата замисла? Во кој правец ќе го водиш твојот профил на Инстаграм? Ќе имаме ли можност повторно да гледаме некој хумористичен серијал?

- Сакам да почнам чекор по чекор и да осознаам што мене ќе ме исполнува да пласирам на Инстаграм. Ќе бидам отворен со вас, ќе ви покажам што се случува во мојот живот и ќе ви ја прикажам реалноста спонтано, без да се подготвувам со часови за да објавам нешто за кое навистина треба подготовка. Мислам дека е време да покажам дека во мене се крие нешто повеќе отколку една перика и смешни монолози. Хуморот секако останува, тоа е дел од мене и искрено се надевам дека и мене и вам ќе ви биде интересно!

# Што би ги советувал сите млади кои со соочуваат со сајбер булинг? Како полесно да ја надминат целата ситуација?

Најважно од сѐ е да знаат дека не се сами. Многу млади живеат пеколно секојдневие не само на интернет, туку се соочуваат со булинг и во вистинскиот живот. Важно е да зборуваат отворено за истото и да не го потиснуваат во себе, бидејќи така само може да предизвикаат други последици. Дистанцирањето на одреден период е една од најважните одлуки, а пренасочување на фокусот и правење нови нешта ќе им биде од голема полза.

И. Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: