Колку корпи имам „попиено“, можев да отворам продавница на пластичарска: Димитар Атанасовски открива детали од тинејџерските денови
Неговото лице ви е познато од малите екрани, а впечатливиот глас невозможно е да го немате уловено на радио станиците. Димитар Атанасовски е водител со долгогодишна кариера, кој ќе погрешиме доколку кажеме дека не е омилен помеѓу луѓето.
Неговата смисла за хумор, емпатија кога е потребно, ведрина и искреност, кога ја работи својата работа, се карактеристиките со кои ги купи гледачите. На приватно поле, по она што можеме да го видиме од социјалните мрежи, Димитар ги има истите особини. Постојано споделува фотографии и видеа од семејните авантура, на кои во главните улоги се тој, неговата сопруга, пејачката Сара Мејс и ќеркичката Илина.
Димитар денес е ваков, но знаевте ли каков бил во тинејџерските денови? Сигурно ве интересира каков тинејџер бил, како ја одбрал оваа професија, колку „корпи“ добил од девојчиња... Е, сето тоа и многу повеќе водителот го откри за Хаштаг.
# Веќе долго време си присутен како водител на радио и телевизија, но може ли да се навратиш наназад и да ни раскажеш како помина твоето прво појавување? Имаше ли трема?
Првото појавување ми идеше да земам да се закопам во најдлабоката дупка. Можда некаде по дома ја чувам и снимката. Инаку првото појавување ми беше на МТВ во емисијата „Ефект“, која ја водев една сезона и ѝ правев интервју на Маја Вукичевиќ. Појма немам што се дешаваше за време на интевјуто, само памтам дека после интевјуто, Маја ми рече: не си лош и од тогаш тргна возот.
# Дали водителството беше твојот избор уште од тинејџерските денови?
Во тинејџерските денови ни на крај не ми паѓаше дека ова ќе ми биде професија. На крајот од основно и во средношколските денови ми беше желба професионално да се занимавам со фудбал, ептен бев навлезен во тоа, иако не знам зошто и како ама ми даваа можност училиштата да ги водам приредбите за патронатите. Тренинзи, исхрана, одење на припреми и слично ми беа секојдневието. Кога завршив средно, ми беше голема желба да се запишам на драмски факултет, ама отидов на правен. И од правен, буквално за уши, животот ме стави пред камера.
# Кое беше твоето омилено ТВ лице? Дали тоа ти беше инспирација во оваа работа?
Не верувам дека некој ми бил толкава инспирација, ама сигурно имал удел. Јас бев дете што растеше со Мет ЛеБлан од Френдс, Џим Кери и Еди Марфи. Од секогаш ми се допаѓала комедијата и ведрината на животот, па најверојатно и затоа толку сум сакал да ги гледам. Памтам, дека уште бев основно (прво или второ одделение), кога чичко ми ме носеше во кино за да го гледаме Џим Кери и како бев месец дена после тоа под импресии и ги кажував репликите по дома.
# Каков беше Димитар како тинејџер?
Многу бунтовен, секогаш за дружба, активен 24/7, сакајќи сѐ да направам. Голем дел од желбите и карактеристиките до ден денеска ми останаа, само што сега обврските се различни.
# Додека те враќаме наназад во тинејџерските денови, ти се случило ли некогаш да добиеш „корпа“ од девојче?
Некогаш? Ехеееееее, колку корпи имам попиено, можев да отворам продавница на пластичарска. Ама од денешен аспект, кога ќе се сетам, тоа е дел од животот и е нешто што сите сме го поминале.
# Чии совети ги слушаше најмногу, кога имаше „тин проблеми“?
За среќа, имав мајка што пред сѐ знаеше да биде најдобар другар. Секогаш беше тука за мене, професорка беше по професија, знаеше да ислуша, да советува и да ме насочи во правилна насока. Кога ќе ми текне какви се погрешни патишта ќе одберев да не беше она, мислам дека немаше да бидам тоа што сум денес.
# Има ли некоја ситуација од тој период која никогаш нема да ја заборавиш?
Ситуации имало милион, ако почнам за нив да раскажувам, ќе ви падне сајтот од големината на фајлот. Од бегање со чаршафи преку балкон на припреми, за да одиме во диско, до пливање гол во охридско во 4 сабајле.
# Се дружиш ли уште со другарите од тој период на животот?
За жал не често. Знаеме да се собереме еднаш / двапати годишно во кафана, ама реалноста е дека тие два саати што ќе ги поминеме заедно, не знаеме што попрво да си кажеме.
# Татко си на ќерка, а синот е на пат. За која грешка која си ја направил ти како помлад, стравуваш дека и твоите деца би можеле да ја направат?
Моето дете, а за скоро и второто, го воспитувам да прави што повеќе грешки. Зошто од грешките најдобро се учи, без разлика колку и да воспитуваме ние и да зборуваме, додека не осетат на своја кожа, може до утре да збориме. Од грешките најдобро се учи, а и грешката не значи дека не сме успешни, туку само еден начин како не сме стигнале до успех. Најуспешните луѓе на светов, стигнале до успех, после многу грешки.
И. Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм