Коронавирусот ја зголеми онлајн продажбата на книги
Време е кога повеќе се седи дома, впрочем тоа моментно е нужност. Додека некој готви, друг гледа серии, голем дел од граѓаните одлучија да читаат и книги. Се разбира тоа секогаш нуди предност повеќе. Во овие моменти кога движењето е ограничено, се зголемил интересот и за онлајн нарачки на нови книги. Читателите кои сакаат да купат нова книга тоа се почесто го прават нарачувајќи ги на интернет, потврдуваат од Арс Ламина и од Просветно дело. Двете издавачки куќи и дополнително ја збогатуваат понудата и атрактивноста на нарачувањето книги онлајн.
Од Просветно дело велат дека се нарачувале по стотина книги во просек дневно, од оваа издавачка книга исто така велат дека најмногу се порачува белетристика, но и изданија за деца, сликовници, едукативни изданија и литература за деца.
„ Со цел зголемување на мотивацијата за читање Просветно дело организираше виртуелен саем на книгата со големи попусти за онлајн купување. Виртуелниот саем на книгата одлично е прифатен од сите љубители на пишаниот збор. Онлајн нарачките се спроведуваат преку нашите социјални мрежи на фејсбук и инстаграм, а купувачите имаат можност од бесплатна достава“, соопштуваат од Просветно дело.
Оваа издавачка куќа, го поддржува и наставниот онлајн процес со изготвување на онлајн содржини за поддршка на учениците, наставниците и родителите.
Наставните содржини секојдневно се објавуваат на нивниот официјален фејсбук профил, а едукативните видеа може да се гледаат на нивниот јутјуб канал.
Училишните списанија за деца РОСИЦА, ДРУГАРЧЕ, РАЗВИГОР И НАШ СВЕТ исто така, во овие денови секојдневно споделуваат литературни, едукативни и интерактивни содржини на своите фб страници, прилагодени на актуелната наставна програма во предучилишното и основното воспитание и образование. Од Просветно дело велат дека, овие содржини, секојдневно се споделуваат и на социјални мрежи преку официјалните профили, групи и страници како на издавачката куќа, така и во многубројни групи на наставници и едукатори во нашата држава.
И од Арс Ламина тврдат периодов најмногу се нарачуваат бестселери, книги за деца, мотивациски книги и изданија со совети за поквалитетен живот.
Оттаму додаваат дека во тек е акцијата за 50 % попуст на избрaни наслови од Арс Ламина нарачани онлајн преку веб-страницата www.literatura.mk. Дополнително ќе биде даден 20 % попуст за новите книги. Поволностите се збогатени и со подарок.
„ И останатите наши активности се пренасочени онлајн. Секојдневно на нашите профили на социјалните мрежи споделуваме интересна и богата содржина и препораки на изданија за сите генерации, а и промоциите на новите книги на „Арс Ламина“ се одржуваат онлајн. На нашиот блог објавуваме бесплатни извадоци од книги, како и цели изданија (во продолженија). Исто така, се трудиме да го исполниме секојдневието на најмладите со едукативни и забавни содржини. На профилите на Фејсбук и веб страниците на Образование и Ресурси секојдневно објавуваме едукативни материјали за помош и поддршка на учениците кои следат настава од дома. Дополнително, сѐ со цел да ги поттикнеме читањето и љубовта кон пишаниот збор кај најмладите, деновиве ја почнавме акцијата видеочитална, во чии рамки на нашиот канал на „Јутјуб“ објавуваме видеа во кои вработените на „Литература.мк“ и „Арс Ламина“ ги читаат омилените детски книги“, велат од издавачката куќа Арс Ламина.
Н. Миланова