Мајка ми се гордее што сум свој: Внукот на Тоше, Кристијан гради успешна кариера
„ Си замина како војник одејќи во војна, слушнав шепот, ми рекоа дека си отишол. Јас сѐ уште те барам на твоето тајно место, иако знам дека не си таму. Знам дека ме браниш од небото, ние сме крв“, се дел од стиховите на песната „We Are Blood“, која младиот музичар Кристијан Ристески ја сними лани. Приказната во текстот многу потсетува на неговиот вујко, Тоше Проески кој денеска ќе наполнеше 38 години.
Автор на рок-баладата која изминативе месеци доби позитвни критики од јавноста е англискиот продуцент Енди Рајт, автор на хитовите на Тоше од англискиот албум „The Hardest Thing.“
За Женски магазин, Кристијан вели дека е горд што испеал балада за која знае дека би му се допаднала на Тоше.
„ Знам дека вујко ми би ми кажал дека песната е многу убава. Најважно е што е во рок стил, кој на него многу му се допаѓаше“, вели Кристијан кој студира музика на Универзитетот ЕСРА. Првата позитивна критика за песната, тој ја добил од неговото семејство. Особено ѝ се допаднала на Дора, сестрата на Тоше, неговата мајка.
Тоше со внуците Кристијан и Никола, со мајката Домника и со таткото Никола
„ Моите беа многу задоволни, тие ја слушнаа песната уште кога беше во демо верзија, само со една гитара и мојот глас и многу им се допадна. Мајка ми кога ја слушна, рече дека е прекрасна дури и верзијата само со гитара. Таа се гордее што сум свој“, додаде младиот музичар.
За да се реализира овој проект, на него и на продуцентот Енди Рајт, им требало повеќе време.
Кристијан со продуцентот Енди Рајт, кој е автор на неговата песна „We Are Blood“
„ До соработка со Енди Рајт, дојде уште пред неколку години, а последнава година, кога го доработуваше последниот албум на вујко ми, Secret Place, самиот предложи да ја снимиме и ја сум му многу благодарен на довербата и на помошта. Работата со Енди е секогаш опуштена и природна“, ни изјави Кристијан.
Кристијан на концертот посветен на Тоше, во ноември лани во Скопје
„ Имав блиска соработка со семејството на Тоше. Да беше жив, ќе снимавме уште стотици песни заедно. Тоше пееше на совршен англиски јазик и среќа е што неколку ни останаа уште додека го работевме претходниот албум на англиски на Јамајка, во 2006 година. Песната Secret place ја напиша Тоше. Зборува за тајното место кое Тоше го имаше кога сакаше да избега од сѐ. Тој пееше од срце и од душа“ изјави англискиот композитор Енди Рајт за својот омилен соработник.
М.Џаровска