Македонската Били Ајлиш ја промовираше првата песна: Слушнете ја „Do You Remember“ на Тамара Волческа
На специфичен датум, во специфично време, Тамара Волческа ја промовираше својата прва песна „Do You Remember“.
Вчеравечер, на 20.02.2022, во 20ч. на Јутјуб каналот на 24-годишната пејачка беше прикажана премиерата на песната зад која како автори се потпишуваат Весна Малинова како продуцент, додека аранжманот е на Јордан Манов.
„Текстот беше напишан во убав период од мојот живот, едноставна емоција создадена за други времиња и после краток период го прифатив и како дело и чувства кои ги доживував. Кога ќе направам времеплов, денес ја доживувам многу поразлично и токму во тоа се крие пораката преку спотот што го направивме“ - вели Волческа, која е автор на текстот на песната.
За спотот е заслужен Александар Нешкоски, во кој, како танчерка се појавува нејзината сестра Теодора Волческа.
„Снимањето на спотот... Тоа е вистински ден за прераскажување. Јануари, без греење, се тресеа вилици и колена, секој со своите улоги трча наваму-натаму, желби за перфекција, смеење, one shot сцена со боја на која мислам дека сите бевме со возбудени милиони сетила и концентрација, за на крај да ги избојам со гушкање. Беше лудо, ќе го паметам цел живот“ - раскажува Тамара за авантурите што ги доживеале за време на снимањето на спотот во Културниот дом во Гостивар.
Ќе се согласиме дека физички, а донекаде и вокално, Волческа многу потсетува на светски познатата пејачка Били Ајлиш, па за тоа како реагира кога ја споредуваат со неа, вели:
„Ми годи. Не би можела да кажам поинаку. Во една прилика кажав дека не е возможно да не се почувствуваш убаво да те споредуваат со светска ѕвезда, артист, чија музика ја обожавам и ме инспирира. Но, сакам моето име, она што јас го носам во себе и го давам, да биде акцент на моја автентичност и покрај изгледот. А за Били, верувам дека за некоја година ќе го имам тоа задоволство да прифатам понуда за дует, па ете да се најдеме на иста сцена, хаха“ - искрена е пејачката.
Инаку, покрај тоа што е вечен позитивец и трагач по „светлината“, уметник и човек кој со сето срце сака да ѝ се посвети на музиката, Тамара работи во АРМ.
„Како воено лице, предизвиците во животот ги пречекувам со голема гостопримливост, борбеност, силна верба во она доброто, и уште поцврст чекор после секое паѓање“ - заклучува Волческа.
Повеќе фотографии од снимањето на спотот, погледнете во продолежние:
Фото: Александар Нешкоски