Марко има посетено стотици селца и природни реткости низ Македонија: Секогаш со отворени врати ме пречекуваат бабички и дедовци кои последни останале да го „чуваат“ нивното село

Марко има посетено стотици селца и природни реткости низ Македонија: Секогаш со отворени врати ме пречекуваат бабички и дедовци кои последни останале да го „чуваат“ нивното село

Објавена во: Stars // Интервјуа

„Честопати посакувам да одлетам во некоја идилична куќарка, некаде далеку од градскиот бетон каде што не допира звукот на цивилизацијата, во срцето на некоја планина, опколен со бескрајно зеленило и звуците на природата“ Марко Џамбазоски

29-годишниот Марко Џамбазоски има посетено стотици селца и природни реткости низ цела Македонија, а со својот фотоапарат успева да ги долови најубавите пејсажи и убавини од нашата земја. Неговите авантури се вредни за раскажување и прераскажување, па и во оваа интервју, нè потсетува со какви сè богатства изобилува Македонија.Светот би рекол дека Марко е човек од 29 години, кој живее и работи во Скопје, но субјективното чувство на Марко вели дека тој сѐ уште е дете кое тврдоглаво го одбива стереотипниот начин на живот и преку уметност и патување бара начин да ѝ побегне на монотонијата која општеството немилосрдно ја наметнува.
По професија е видео монтажер, но се занимава и со глума, музика, фотографија, филмска режија и пишување, а слободното време ужива да го поминува на места каде што работите изгледаат и функционираат малку поразлично од она на коешто сме навикнати.


Според твојот Инстаграм профил не е тешко да се заклучи дека уживаш да ја истражуваш Македонија, бидејќи истиот изобилува со убавините од нашата земја. Како започна твојата авантура наречена „Истражи ги убавините на Македонија“?

- Во еден момент од мојот живот почувствував потреба дека сакам да ги осознаам и да ги истражам оние затскриени ќошиња на нашата земја, оние места кои ретко се споменуваат, каде што не знам што се крие и што ме очекува. Како и во моето творење во уметноста, каде сум насочен кон алтернативниот правец, така и тука чувствував одбивност кон она што се нарекува мејнстрим и решив да го следам својот инстинкт.


Водиш ли сметка колку места низ државата имаш посетено, и како ги наоѓаш, бидејќи многу од нив се недоволно истражени и непознати за повеќето од луѓето. 

- Сите места кои сум ги посетил педантно ми се означени на карта. Не би го знаел точниот број, но станува збор за стотици селца и природни реткости низ цела Македонија, одбрани на различен начин, но дефинитивно спонтаноста е онаа која најмногу ми го буди авантуристичкиот дух и адреналинот. Многупати знам да изберам локација водејќи се по мојата интуиција, гледајќи ја картата на Македонија и одбирајќи места кои ми „звучат“ како дестинации кои треба да ги посетам. Се имам уверено дека кога одиш некаде без очекувања најдобро ќе го доживееш духот на местото.

Твоите патешествија се особено привлечни за читање и слушање, често споделуваш интересни случки со некој од мештаните, запознаваш бабички и дедовци кои навистина имаат многу што да раскажат, па сподели нешто и со нас. 

- Кога ќе пристигнеш во некое помало селце секогаш со отворени врати те пречекуваат бабичките и дедовците кои последни останале да го „чуваат“ нивното село. Таа љубезност и гостопримливост тешко може да се најде на друго место. Странците од западните држави се чудат како тоа некој непознат без размислување можеш да го примиш во своја куќа и да го угостиш како близок пријател или роднина. Тоа таму го нема. Најчесто, разговорите започнуваат за селото, историјата, нивниот начин на живот, а секако, гордите бабички не испуштаат да ни раскажат и за нивните внуци кои живеат и работат во град. Но, многу често има и интересни и несекојдневни луѓе кои чекаат гости за да ја претворат средбата во „забава“ и од визбите да ги извадат залихите на ракија кои ги чуваат за некоја ваква прилика. Последниот пат, бевме „киднапирани“ до доцните вечерни часови во куќата на еден дедо по име Ефто и не бевме пуштени да си одиме сѐ додека ракијата не беше испиена, а за тоа време се изнаслушавме интересни приказни, случки и шеги. Луѓето низ селата живеат скромно, но знаат да уживаат и да се веселат!


На овие твои авантуристички патувања веројатно наидуваш и на потешкотии за да стигнеш до некои од тие места, сигурно имаш да споделиш и други занимливости или непогодности кои ти се случиле.

- Многу често, мојот автомобил морал да глуми теренско возило за да стигнеме до некое тешко достапно место. Па така, во најстудените денови на една зима патувавме до едно селце, кое според сателитска снимка на Google Maps изгледаше лесно пристапно. Како што возевме по селското земјено патче и ги искачувавме угорниците, патот се стеснуваше сѐ потесен, во еден момент левата страна веднаш до автомобилот се претвори во провалија над која наѕираше прекрасен хоризонт, а патот пред нас замрзнуваше сѐ повеќе и повеќе, збогатен со огромни кратери кои со оглед на ширината на патот не може да се избегнат, па иако изгледаше како пат кој за мојот автомобил е прилично незгоден, сепак мораше да се продолжи во неможност да се свртам и да возам назад, па овие неколку километри ми изгледаа како најдолгите кои некогаш сум ги возел. Кога пристигнавме, неколкуте жители на селото, во чии дворови имаше паркирано моќни теренци, беа зачудени како сме стигнале тука со обична кола. Јас гордо реков дека мојата Лада е „руска машина“ за која нема зима, правејќи се дека сѐ било по план.


Кое е твоето омилено место во Македонија, кое ти оставило најголем впечаток и кое го препорачуваш за македонските граѓани но и за странски туристи за да ги видат и почувствуваат убавините на Македонија?

- Секој може да ја доживее убавината на Македонија на свој начин. Овие мои патувања на места кои се недоволно познати се мојот начин на кој јас го наоѓам својот мир и ја спознавам земјава на начинот на кој моите сетила можат да се препуштат во она што за мене значи убавина. За некој друг, убавината лежи во големите градови, плажите, рестораните, кафетериите, ноќните клубови... И тоа не е погрешно, секој треба да го следи својот инстинкт и да го прави тоа што го сака, па затоа сметам дека препораките не секогаш се благодарни. Од моја гледна точка, сите места кои јас сум ги посетил ми се драги и во зависност од расположението ми будат различни чувства, па би рекол дека немам омилени места, туку омилени искуства. За оние кои се пронаоѓаат во тоа што го правам, би им препорачал летово да го посетат Кожуф и неговата околина.


Покрај истражувањето на природните богатства кои ги имаме, твоја пасија е и фотографирањето и дефинитивно на твојот Инстаграм можат да се забележат некои од најпрекрасните пејсажи од Македонија, дали некогаш си наишол на опасност обидувајќи се да ја направиш совршената фотка? 

- Желбата за добра фотографија знае да го предизвика стравот. Мојата најголема фобија е височината, па многупати фотоапаратот ми давал некаква сила со која сум успеал да заборавам на неа и да успеам да го уловам погледот кој сум го посакувал. Исто така, неодамна, мојот дрон во височините беше нападнат од птица грабливка, која веројатно го помешала ова летало со плен, па после кратка бркотница успеав да и побегнам и безбедно да го слетам дронот. Од тогаш, секој пат кога ќе го полетам мојот дрон, ми се раѓа уште една фобија – дека може да биде соборен од некоја бесна и гладна птица.


Овде не завршува муабетот со тебе, бидејќи Марко е и дел од филмската индустрија - актер, но и гитарист како дел од бендот Визија. Како постига Марко да биде сето тоа во текот на денот? Која професија е твојот приоритет и во што најмногу се пронаоѓаш?

- Јас сум човек кој тешко се справува со монотонијата. Сакам да се чувствувам живо и продуктивно и никогаш не сум можел да се замислам работејќи само едно нешто. Всушност, мојата рамнотежа во животот сум ја постигнал токму во правењето на сѐ она што ме исполнува и мислам дека сите овие гранки од уметноста ме полнат со енергија, ме надоградуваат како личност и ме прават помотивиран и пожелен за работа.

Изминатиов месец ја доби наградата за најдобар актер на Фестивалот на фестивалите во рамките на „Културно лето Требиње“, каде со театарот „Чекори“ од Скопје настапивте со дуо драмата „Гласови“. Колку ти значи оваа награда за твојата кариера во иднина и дали планираш повеќе да се посветиш на актерстото, работиш ли на нови проекти во тој поглед?

- Наградата во Требиње, како и одличните критики кои ги добивме од познати театарски дејци од регионот ми значат и несомнено е голем поттик и мотивација за понатака. Но тоа што ми е најважно е што успеавме како тим да и приредиме на публиката една вечер во која ќе ужива. Најголемата награда која ја добивме беа задоволните лица на овие луѓе кои три пати со аплаузи нѐ враќаа на сцената. Се надевам дека тоа непроценливо чувство ќе можам да го искусам уште многу пати низ мојот живот, што подразбира дека актерството и понатака ќе биде дел од мојот живот, не само во театарот, туку и преку филмската глума, која отсекогаш ми била огромен предизвик.

Дали чистачот Тоти и Марко имаат нешто заедничко или се два различни света и секако, каде можеме да ја гледаме претставата доколку имате агенда за претстојниот период?

- До овој момент немаме закажани изведби на „Гласови“, но да причекаме да заврши летото, а потоа ќе ги обработиме плановите за понатамошниот живот на претставата. Оригиналниот лик на Тоти немаше допирна точка со мојот карактер, но токму тоа е вистинскиот предизвик во актерството, да влезеш во психологијата на лик кој е спротивен од твојата личност, па дури и да можеш да го чувствуваш и мислиш истото како и ликот кој го играш, особено во ваква дуодрама во која час и половина си активен на сцената, без поголеми паузи. За тоа беше потребен вистински тренинг на концентрацијата и кондицијата. Среќен сум што успешно го завршивме целиот подготвителен процес и што претставата беше одлично прифатена од публиката.

*Љ.Иванова

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: