Ми викаа дека не знам да цртам, а јас бев прва во светот на уметноста - Интервју со Ангела Петрушевска
Ангела Петрушевска е 14 - годишна девојка, која со својот талент допрва ќе го остава светот без зборови. Учи во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ и е 9 - то одделение. Таа со еден збор е уметник. Има познавања од сликарството, графичкиот дизајн и анимацијата.
Нејзината мајка, Ивана Ајтовска раскажа дека талентот кон уметноста го наследила од неа, бидејќи и таа била одлична кога е сликањето во прашање. Но, додаде дека најголема поддршка и едни од најголемите виновници за откривање на талентот на Ангела се наставничката по ликовно и класниот раководител.
„Кога Ангела заврши 4 - то, поточно 5 - то оддление, започна друга наставничка да и предава ликовно, Соња Поповска - Трајковска, а не одделенската наставничка. Истата ме повика кај неа во кабинет и започнаа со работа. Заедно со неа, класниот раководител - Живко Василевски од кои имаме голема поддршка, откривме дека Ангела има неверојатен талент.“ - раскажа мајката на Ангела.
Инаку, Ангела истакнува дека од мала црта, но дека со сликањето започнала да се занимава од пред две три години и дека нејзиниот талент е откриен од нејзиното семејство.
„Дома го открија мојот талент. Мала кога бев постојано ми викаа 'Ти ќе бидеш уметник.', а јас не сакав да бидам, бидејќи мислев дека сите уметници се мрзеливи. Постојано им велев: 'Јас нема да бидам уметник, ќе бидам ветеринар'. Како растев, односно пред 3 - 4 години одличив дека ќе се занивам со уметноста и анимација.“
Најпрво започнала да слика на таблет, а потоа научила да слика на платно, но вели дека се уште има многу да учи.
„Животни, природа, но сакам и машини, автомобили, домови и слично.“ - е она што Ангела сака да го слика.
Како омилени уметници ги истакна Арон Блејс, Стан Прокопенко и Марко Буци.
„Многу ми се допаѓаат нивните стилови. Особено внимание обрнувам на видеата и курсевите на Прокопенко, кој што работи анатомија на луѓе и сакам од него да научам повеќе од оваа област.“ - беше искрена Ангела.
Како омилена награда ја издвојува онаа за прво место на 20 - тото Kanagawe биенале за детска изложба во Јапонија и овој месец ќе оди да ја посети. Иако таа беше скромна и не ги наброи останатите успеси, мајка и ни откри голем дел од нејзините признанија и успеси.
„Таа успеа да биде прва во Република Македонија, прва од светот, како најмал учесник во Велес на 17 - от Стрин центар зема прва награда, работи и црта за една книга, влезе во кинотеката на Република Македонија со цртежот на Чарли Чаплин, има многу награди од училиште и другарче, во Србија е во првите 10 претставници во Стрит центрите.“ - гордо раскажа мама Ивана.
Нејзиниот талент често бил ставан и под знак прашалник, но со тек на времето работите се стабилизирале, иако постојат некои дечиња кои и љубоморат.
„Порано кога немав многу другарки како сега, често ми велеа дека сум прекопирала цртежот, дека не знам да цртам, дека е испринтано. И сега ми љубоморат, но има некои од нив што ме поддржуваат и сакаат да одам понатаму.“ - малку разочарано сподели со нас Ангела, а потоа додека дека многу ја нервира кога и бараат да им нацрта некој цртеж.
„Тоа многу ме нервира, иако порано го правев тоа. Сега сфатив дека тоа е моја оценка, а не нивна. Наставничката често приметуваше.“
Слободното време го користи за да чита книги и спортува, иако како што ни раскажа, проблемите кои ја следат од мала ја спречуваат во активното спортување.
„Многу сакам да читам. Често црпам инспирација од книгите кои ги читам. Сакам авантури и една од најомилените книги кои што сум ги прочитала е „Белиот ден“ од Џек Лондон. Исто така сакам и да спортувам, но за жал не можам да се запишам на спорт, бидејќи порано како мала имав проблеми со одењето на прсти, а сега со коленото. Па затоа, приватно колку што можам трчам и вежбам.“
Македонија сака да и биде нејзина матична земја и за 10 години би сакала да има сопствено студио.
„Во некое приватно студио , каде што работам анимација, графички дизајн, сликарство и такви слични работи. Сакам тука во Македонија да ми биде главното седиште и привремено да одам надвор од неа.“
За разлика од неа, нејзината најголема поддршка мајка и, Ангела ја гледа некаде далеку од Македонија.
„Јас претпоставувам дека таа нема тука да остане, зошто работеше и графички дизајн. Знае анимација, цртање и презентирање. Имаме многу понуди од Грција, Бугарија, Хрватска и ќе видиме каде таа ќе заврши на крајот од денот.“
На крајот немивно беше да ни открие кои хаштази ги користи, а тоа се:
#art #digitalart #tradicionalart
Ивана Мисајловска
фото: Вангел Тануровски