Миа Перевска откри со што ја освои македонскиот генијалец: Марко Чаласан и ќерката на Пере Нокаут ни ја раскажаа нивната љубовна приказна

Миа Перевска откри со што ја освои македонскиот генијалец: Марко Чаласан и ќерката на Пере Нокаут ни ја раскажаа нивната љубовна приказна

Објавена во: Stars // Интервјуа

Во еден дел од просторот, во еден миг од времето, се среќаваат двајца млади луѓе и се раѓа љубов. Миа (24), композитор и пејачка, студентка по аудиоинжинеринг и наставник по пијано и Марко (22), програмер, вработен како софтверски инжинер, на студии по информатички науки. Познат на јавноста како компјутерското чудо од дете, македонскиот генијалец и шесттиот најпаметен тинејџер во светот.

- Се запознавме при крајот на 2018 година преку заеднички пријатели, со кои делевме хоби кон друштвени игри. Поради интровертната природа на нашите карактери, ни беше потребно подолго време до моментот на разговор, иако и за двајцата беше љубов на прв поглед. Едноставно кликнавме на начини на кои ни се неописливи. Веќе изминаа четири години многу брзо и многу убаво. - вели Миа на почеткот од нашиот разговор.

#Прифаќањето на сопствената индивидуалност и одвоеност е најважната основа на една силна врска. Со што те освои Марко? Како е да се живее со генијалец, ја сака ли музиkата ? 

Миа: Секако дека е најважно, тоа беше и е една од причините зошто Марко ме освои и ме освојува секое утро одново. Индивидуалноста и јачината на карактерот за мене се најважниот дел од Марко. Постојано настојуваме да не си ја потиснеме, дури и се трудиме да ја истакнеме сѐ повеќе еден кај друг. На тоа се должи меѓусебната доверба која ја градиме. Да се живее со него е многу креативно и позитивно. Тој е мојата најголема потпора, а сакам да верувам дека и јас сум неговата. Јас сум по пијаното, а тој е по шахот. Тоа двајцата нѐ опишува во кратки црти. Како музичар многу ми е важно за вкусот на музика, филмови и естетика, која ја има мојот партнер. А кликнавме баш поради тоа што ме изненади нереалната сличност во вкусот кој го делиме. Утрата ни започнуваат секогаш со музика, па дури и во моментов кога го пишуваме ова интервју слушаме “Talking Heads” .

# Марко, што најмногу ти се допаѓа кај твојата девојка? Има ли познавања од твојата наука? 

Марко: Мојата омилена карактеристика кај Миа е нејзината нециничност и волја целосно да се внесе во одредена ситуација или чувство - дали е тоа љубов, творештво, или прошетка на сонце. Никогаш не сум се почувствувал како да држи некаква вештачка дистанца, и секој ден гледам - а и сакам - тоа да го возвратам. Има познавање од мојата наука колку што јас имам од нејзината.

# Како функционираат една музичарка и еден генијалец во секојдневието? Што најмногу ве прави среќни? 

Миа: Како и секој функционален пар, покрај индивидуалноста умееме и взаемно да делуваме на ситуациите како добар тим. Делиме многу заеднички интереси, а понекогаш тоа ни ги вкрстува и дејностите па некои денови се уште покреативни кога нешто заедничко ќе ни истекне. Како креативци најмногу ја чувствуваме среќата кога ќе создадеме нешто еден за друг, па така готвењето и на двајцата ни стана јака страна. Покрај заедничката љубов кон музиката, фанови сме на слични или исти режисери, па така и филмовите, киното или театарот ни се чест дел од денот. Сакаме да сме надвор - денски и ноќно, со фамилија, пријатели, или сами без разлика дали се работи за некоја дневна авантура, на точак или долга прошетка на сонце или дожд.

# Имате ли посебен однос кон храната, како израз на размислување и живеење? Кој е задолжен за готвењето? Ги имате ли поделено домашните работи? 

Миа: Процесот на изготвување на храната е дефинитивно многу важна кај нас дома и секогаш домашното готвење го преферираме повеќе од храната од надвор. Сите обврски еднакво ги делиме и секојдневните и домашните, а така и кулинарските. Марко е најчесто задолжен за изготвување на деловите од рецептите кои содржат тесто, како што се домашна месена паста, домашен леб, кифли, колач, а и други видови на рецепти кои ги научил од своето семејство. Додека јас сум најчесто задолжена за подготовките околу самите вкусови на храната, забавни коктели, сосови, месо и салати и употребата на самите зачини како уметност во разните видови храна кои ни се омилени да ги приготвуваме. Сакаме да правиме оброци кои долго се приготвуваат со сите финеси кои рецептот си ги бара, иако многу често си правиме и наши верзии од разни егзотични јадења. Често сакаме да пробуваме нови состојки кои ретко може да се најдат во нашата држава, а кога патуваме приоритет ни е да дегустираме сѐ што до сега не сме пробале. 

# Миа неколку години беше дел од настапите на твојот татко Никола Перевски Пере, но дури неодамна тргна во соло водите. Колку си задоволна од сработеното? Подготвуваш ли нешто ново?

Миа: Да, „Нокаут“ беа искуството кое ме подготви за сѐ она кое ќе следи во иднина од мене. Горда сум дека не му дадов на стравот да ме надвладее и тргнав по овој убав и трнлив пат. Во две години активно работење на проекти на кои сум целосен композитор и продуцент на своите дела, можам да издишам и да кажам дека Миа од минатото би била горда на мене. Пет проекти полни музика, анимации и уметност подоцна, спремна сум веќе за снимање на својот втор спот годинава. Првото видео кое го содржи мојот лик беше за песната “Follow” која излезе на почетокот на оваа година. Како таков, ми е екстремно драг проект и го сметам за храбар почеток на годината. Исклучиво драго ми е за луѓето кои ги имам околу себе како уметници кои се секако дел од моето творење и главен производ. Автентичноста дозволувам да ми е јака страна, свесна дека не можам и не треба да му се допаднам на секому. Оставам периодов само да тече она кое сака да излезе од мене.

# Марко кои се твоите нови успеси. Што да очекуваме од тебе?

Марко: Моментално работам во софтверската индустрија, а се фокусирам и на учењето. Покрај мојата секојдневна работа, инволвиран сум и во сопствени проекти кои ги работам за разни клиенти, а и за самиот себе. Целиот свет е засегнат од огромен технолошки бум, па секогаш има нешто интересно да се прави. Засега нема нешто специфично кое можам да го изјавам или откријам, но кога ќе дојде до тоа секако дека ќе споделам. 

# Велат, доколку сте млади и талентирани, како да имате крилја. Со што сте моментно окупирани, какви се плановите?

Марко: Покрај градењето на заедничкиот живот, моменталниот фокус ни е насочен на професионален план. А патувањата се секогаш неизоставен дел од секој наш план во блиска или далечна иднина. Се вративме од Дизниленд кој како дестинација го планиравме долго, бидејки сакавме да го посетиме детето во себе и двајцата. Па така полни со импресии веќе го планираме следно патување за претстојните празници.

#Марко е генијалец, но во овој случај ќе употребам една синтагма на Балзак: „Една жена треба да е гениј, за да изгради добар сопруг“. Живеете заедно, дали сте подготвени за брак?

Миа: Заедно го живееме поголемиот дел од неделата кога обврските не налагаат поинаку и максимално се трудиме да го уживаме заедничкото поминато време. Досегашниот живот дефинитивно ни беше исполнет со секакви предизвици со кои вешто се соочуваме благодарение на луѓето во кои веруваме дека се градиме еден со друг. Така и иднината оставаме да се движи каде што треба.

Соња Аексоска Неделковска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: