Момчиња и девојчиња: Најважниот натпревар
„Можеш ти тоа Сергеј boy, можешшшшш“ - си зборува Сергеј на својот одраз во огледалото. Од вратата го гледа Теди и врти со главата лево-десно.
„Ццц, знаев дека не си точен, ама дека до толку си откачил, немав идеја“ - мрмори и навреме се повлекува за да го избегне чешелот кој Сергеј го фрла во нејзин правец. Со смеење извикува дека ја промашил, додека од купатилото се слуша како Сергеј со лутина во гласот зборува нешто неразбирливо.
„Мамо, овој скроз откачил, си зборува сам со себе“ - прекажува Теди и пика во устата од вкусниот колач со јаболки.
„Остави го, нервозен е веќе 2 дена, имаат утре натпревар во кошарка со друго училиште, неподнослив е веќе“ - се издишува мама.
„Ааааа, епа тогаш го разбирам. Ќе им кажам на девојките да одиме и да навиваме најгласно што можеме, иако последниот пат Ина и Марија ги изгубија гласовите“ - се смее.
Подоцна, во училиштето се собираат Теди, Ина, Марија и Нина, а Теди им раскажува за сабајлешната случка.
„Значи, утре со свирчиња и спремни грла за викање и бодрење“ - ги организира Нина - „да им покажеме дека сме најдобри, ќе ги уништиме, ќе бидеме први“ - со стисната тупаница занесено вика, додека останатите ја задеваат:
„Ти нешто многу си по кошарката... или по кошаркарите?“ - ја задева Марија, додека пребарува една песна на мобилниот телефон. Ина, со полна уста од варена пченка, се надоврзува на разговорот: - „И тоа не по сите кошаркари, нели?“ - намигнува.
„Не тропајте глупости, навивам за нашето училиште“ - Нина се обидува да се одбрани, иако знае дека не може да ги излаже другарките - „Впрочем, не сакам сега да зборувам за тоа“.
Подолу, во училишниот двор, Сергеј и Јован се под кошот и вежбаат. Доаѓа Борјан, го фрла ранецот на земја и почнува да плеска со рацете во одреден ритам и да вика:
„Напред наши, ќе победиме ние... ќе си одат дома со плачење“ - се врти кон Филип и му вели - “А? Кажи, добро е?“.
Филип, зачитан во еден стрип, не кревајќи ја главата му одвраќа: - „Брат, убаво, ама немаш рима во песнава“ - и продолжува да чита.
„Ти па многу знаеш“ - се подналутува Борјан - „Важно е да го уплашиме противникот“ - со тупаници се удира по градите и веднаш офнува.
„Многу е важно да победиме утре... опаааааа, тројка“ - задишано зборува Сергеј, додека со Јован се туркаат за топката.
„Абе знам, ама не се туркај толку, не сум од противничкиот тим“ - се смее Јован и дава кош.
До нив доаѓаат девојките. Ги оставаат ташните на земја и седнуваат на клупа.
„Брат, сите доаѓаме утре“ - му вели Теди на Сергеј - „дури и ноктите ќе ги излакираме во црвено и жолто, како боите на вашите дресови“ - гордо извикува.
Сергеј и Јован превртуваат со очите. Девојчиња-помислуваат истовремено. И за натпревар, гледаат да се дотерани.
„Доста е“ - му се обраќа Сергеј на Јован - „Да не добиеме воспаление на мускулите до утре. И да се наспиеш, немој да заглавиш гледајќи некој филм“ - го предупредува.
Сите си одат накај дома. Попладнето девојките се собираат кај Ина и се лакираат, додека ги прераскажуваат најновите случувања во училиштето.
„Мила од 7-мо Б ќе дојде на натпреварот?“ - наеднаш прашува Нина.
„Која беше таа?“ - прашува Ина.
„Абе таа што ви кажував дека е заљубена во Сергеј“ - ја удира Марија со лактот и ѝ намигнува.
„Ахаааааааа“ - вели Ина и се загледува во Нина.
„Не ме гледај така! Само онака прашав“ - се мршти Нина.
Останатите девојки се погледнуваат меѓусебе и се смешкаат под мустаќ.
Осамнува најважниот ден за Сегеј и Јован. Девојките се спремни и фаќаат добро место и за Филип и Борјан. Опремени се со свирчиња и големи листови на кои се испишани пораки за победа. Натпреварот може да почне.
„Не дека се наши, ама се подобри“ - вика Ина, обидувајќи се да биде погласна од галамата.
И навистина се подобри. Особено Јован и Сергеј кои се вистински победници и кои ги даваат кошовите со невидена леснотија. Тимската работа се гледа и на дело. Екипата на Сергеј и Јован победува со дури 8 кошеви разлика. Цело училиште е на нозе и ракоплеска на победниците. Во метежот Нина гледа наоколу. Добро е, Мила од 7-мо Б не е тука. Ина, Марија и Теди ја гледаат, а кога го приметува тоа, Нина им го исплазува јазикот и продолжува да плеска со рацете.
„Забавата е вечерва во кафулето во близина на училиштетоооооо“ - извикува Сергеј - „Дојдете ситеееееее“.
Победниците и нивните навивачи се забавуваат до доцна во ноќта. Среќа што е петок и што е утре неработен ден. А и родителите се горди и не им бранат да останат подоцна од вообичаено. Забавата е многу убава, со музика на која се игра и многу балони, црвени и жолти, во боја на дресовите на победниците и ноктите на нивните најверни навивачки.
-ПРОДОЛЖУВА-
Може да ве интересира:
Момчиња и девојчиња: Girls nightМомчиња и девојчиња: Нина и Јован