На 12 години магистрираше квантна физика: Има само една желба - да ги направи луѓето бесмртни
Има само 12 години и се смета за гениј. Лоран Симонс од Остенде на северот на Белгија магистрираше квантна физика за само шест месеци, објави дневниот весник „Het Laatste Nieuvs“.
Дванаесетгодишното момче има само еден сон - сака да создаде вештачки органи кои човекот ќе го направат „бесмртен“.
Во јули 2021 година, медиумите ширум светот објавија за надареното 11-годишно момче кое дипломирало со најголеми почести на тригодишниот додипломски курс по физика на Универзитетот во Антверпен во рок од една година, а својата диплома за средно образование ја добил на 8-годишна возраст.
„Не се чувствувам посебно, секој од нас е поинаков на свој начин“ - кажа момчето.
Коефициентот на интелигенција на ова момче е 145, со просек од 90 до 110. Како резултат на тоа, Лоран има одлично помнење кое му овозможува да усвојува знаење со многу побрзо темпо од своите врсници.
Од следната година, 12-годишното момче ќе студира медицина, а потоа планира и да докторира. Неговиот сон е да ги направи луѓето бесмртни.
„Начинот да се постигне тоа ќе биде замена на некои делови од телото со механички уреди“ - вели 12-годишното момче, кое сака да работи со најдобрите професори на светот.
фото: Принтскрин / Јутјуб