На само 4 години, мајка ми ме запиша во школо за цртање за да го развивам мојот талент: Интервју со 12-годишната Теодора Стојановска
Теодора Стојановска е млада и талентирана девојка, која на само 12 години, може да се пофали со многу успеси. Ученичка е во седмо одделение во ООУ „Браќа Миладиновци“, а освен што е посветена на школувањето, таа е многу посветена на своите хобија.
Имено, слободното време на оваа 12-годишна девојка е исполнето со многу уметност и спортски активности. Таа црта, но и оди на пливање. За Хаштаг, открива дека со добра организација успева да постигне сѐ, а воедно откри и од каде црпи инспирација за своите цртежи. За 10 години се гледа на Летните Олимписки игри, а што друго кажа за себе прочитајте во продолжение.
# Од кој го имаш наследено талентот за цртање? Кој ти ја пренесе љубовта кон уметноста?
Во моето поблиско семејство немаме уметници. Но, би ги потенцирала моите баби од кои едната била надарена за цртање, а другата е особено креативна и изработува накит и играчки од волница.
Јас од малечка сакав исто многу да цртам и креирам, па на само четири години мајка ми ме запиша во школо за цртање за да го развивам мојот талент. Започнав со часови по цртање кај наставникот Петар Беслаќ кој ме воведе во светот на уметноста, учејќи ме на разни техники и стилови за цртање. Со наставникот правевме и неколку изложби, како и учествувавме на натпревари каде тој беше мој ментор и добивав награди.
# Во моментов црташ суперхерои, дали можеби тие ти се омилена тема за цртање или нешто сосема друго?
Моментална инспирација ми се женските супер хероини на „Marvel“, но истовремено цртам и дизајнирам разни видови женска облека.
Голема инспирација за цртање ми се портрети на ликови од игри, филмови и цртани, како и познати личности.
# Од каде црпиш инспирација за твоите цртежи? Што те мотивира?
Инспирацијата ја добивам најчесто од филмови, како и од интернет. Мотивацијата е впрочем можноста да ја реализирам мојата креативна енергија која ја поседувам и уживањето во процесот на креирање и секако огромното задоволство од крајниот резултат.
# Имаш ли некој идол, кога се уметниците во прашање? Кој ти е омилен уметник?
Па немам некој особен идол во уметноста. Но, најмногу ми се допаѓаат делата на Пабло Пикасо.
# Имаш ли освоено некои награди и која ти е омилена?
Па да, имам освоено награди, а една од нив е наградната игра на „Ладна“ кога освоив трето место за мојот цртеж Сирена на 5 годишна возраст.
# Имаш ли некое друго хоби освен цртањето?
Да, јас сум пливачка веќе 7 години и пливам во ПВК Орион. Многу го сакам пливањето како спорт и секојдневно тренирам на Олимпискиот базен. Имам настапувано на доста натпревари во Македонија, Србија и Косово каде имам освоено многу награди и медали.
# Како успеваш да избаласираш помеѓу твоите хобија и училиште обрвски? Каков ученик си?
Со добра организација постигнувам на секое поле. Во училиште сум одличен ученик, а по завршување на училиштето и училишните обврски се опуштам со цртање, додека попладне одам на тренинзи за пливање. За викенд со моите другарки се дружиме во нашето маало.
# Каде се гледаш за 10 години?
За 10 години се гледам на Летните Олимписки Игри 2032 година во Австралија како дел од Македонската репрезентација во пливање.
Но, покрај мојата визија за спортот, себеси се гледам и како иден астроном или моден креатор.
И. Мисајловска