Зад ликот на Марта се крие вистинско девојче, но со друго име: ГОРЈАН ПЕТРЕВСКИ со ексклузивно интервју за Hashtag.mk

Зад ликот на Марта се крие вистинско девојче, но со друго име: ГОРЈАН ПЕТРЕВСКИ со ексклузивно интервју за Hashtag.mk

Децении наназад е најчитан автор за деца и млади во Македонија, тоа е човекот кој најемотивнно знае да ги одгатне тинејџерските тајни и да ги раскаже приказнините за младоста - Горјан Петревски, „таткото“ на романот „Марта“.  Тој за Hashtag.mk открива ексклузивни факти за 20. издание на романот „Mарта“, за неговото продолжение „Другата Марта“, но и досега нераскажани приказни за тоа како се настанати неговите најчитани романи...

*Вие, со децении наназад, веќе проверено пред читателската публика, сте најчитаниот автор за деца и млади во Македонија, па оттука и прашањето, колку е тешка и одговорна оваа титула?

- Благодарам, за „титулата“ што ми ја доделувате - „најчитан“, која, морам да признам, ми прозвучува колку збунето, толку и возвишено. Уште повеќе сериозно и обврзувачки, а најмногу одговорно и со почит пред „праведниот суд“ на читателите со кој, ако се стекнеш, мораш да го одржуваш и да го сочуваш, да го градиш и да го надградуваш. Штом веќе си поставил сигурен темел, на некој начин, си ја изнашол и формулата на успехот, си проверил и си научил како да сметаш и да пресметуваш, ама и да внимаваш да не згрешиш, зашто читателите, сепак, не умеат да простуваат и бараат од тебе да им го понудуваш она на кое навикнале да го добиваат. Одговорност, барем кај мене, како што наведов, несомнено, постои. Но, уште од самите почетоци, кога се појавив како автор, па сѐ до денес, околу мене имало и сѐ уште има и „зла крв“ на штетници кои можеби не се реализирале како што се надевале и, без потреба, си предизвикал некаква завист, та одвај чекаат да паднеш, да ти го видат крајот. Сум имал и се уште имам такви подјадувања и од оние, подалечните, но најмногу од оние што биле блиску до мене, а ме напаѓале подмолно и анонимно, но и отворено, со пакост. Ама, колку и да е парадоксално, не им успевало да ме сопрат, туку само ме предизвикувале и ме влечеле напред и никогаш немале влијание кај читателите. Зашто, ако ја имаш и ако умесно и искрено ја одржуваш довербата кај публиката, верно те бранат, стојат зад тебе и ништо нема да ги поколеба. А јас, на моја среќа, ја имам, настојувам да ја сочувам и како раскажувач да им ја возвратам љубовта. Тие тоа го чувствуваат и не ме напуштаат.  

* Знаме дека тинејџерската читателска публика е специфична и знае да биде најискрен критичар, па, оттука, се јавува ли кај вас трема пред излегувањето од печат на некој нов роман, особено заради критиката на читателите?

- Тинејџерите, како публика, умеат да се одушеват или да се разочараат ако нешто не им се допадне. Со восхит и љубов те прифаќаат ако ги освоиш, но умно и невоздржано умеат да те кудат и да ти судат ако не си успеал да им се доближиш. Кога те фалат трепериш и се збунуваш пред нивната искреност, но тоа те понесува уште повеќе да се потврдуваш пред нив, трепериш да не ги разочараш. Арно ама, кога не ти успева да ги освоиш, нивната критика боли и сакал да си признаеш или не, стануваш дури и несигурен пред нив и се преиспитуваш како автор каде  и дали си згрешил!? Не е тоа трема во класична смисла на зборот, но одговорност - да! И да бидам искрен, никогаш до крај не сум задоволен од сработеното, секогаш мислам дека можело и подобро. Создавајќи, целосно се соживувам со она што го пишувам, а кога ќе помислам дека приказната бавно „ми се влече“, се обидувам да внесам динамика и загатка, да го забрзам раскажувањето. Кога и самиот ќе почнам да верувам дека сето она што го пишувам „навистина се случува“, уверен сум дека и читателите ќе го прифатат.  

* „Марта“ – најчитаниот роман за тинејџери во Македонија, ако не се лажам го доживеа своето 20 издание, која е приказната за оваа култна книга и како настана ликот на Марта?

- Така е, јубилејното издание се случи минатата година. Всушност, „Марта“ првпат се појави во 1989 година и тоа во двеилјаден тираж, а потоа и никогаш помал од првиот, туку во нагорна линија, еднаш дури и четириилјаден. Набрзо тинејџерите ја прогласија за своја, но ја прифатија и возрасните, во прв ред наставниците. На нивно барање, подоцна, влезе како лектира по избор во седмо одделение, а потоа и како редовна. По објавувањето на „Споменка“ (која дојде како откупен роман на анонимен конкурс на „Детска радост“ и наголемо ги освои читателите), писателот Глигор Поповски кој, (како тогашен уредник, со расказот „Старата црешна“ за првпат ме внесе во литературата за деца и млади во јануарскиот број на „Развигор“ во 1970 г.), со најдобра намера ме праша и ме потсети, што ќе пишувам кога ќе ги „дораскажам“ темите од селото!? Тоа малку ме сепна и ме подзамисли, но и ме подисплаши, а по излегувањето на „Марта“, која ми беше шеста по ред објавена книга, се потврдив и како „урбан автор“ и сѐ уште не запирам. Доаѓаа романите „Далечна љубов“, „Исти очи“, „Снеговите на Климентина Евин“, „Вечниот ветар“, „Сама“, „Пламени залези“, „Ехото на старата тага“, „Јавачот на божилак“, а и романот за возрасни „Духот на Михаела Косар“, кој е сосема нешто друго ... Но, „големиот влез“ кај тинејџерите, (иако се поделени, меѓу „Сама“ или „Исти очи“, но и „Снеговите на Климентина Евин“), сепак, праведно или неправедно, ми е „Марта“. Приказната за неа е едно добиено писмо на 19 декември 1985 г. со печат од поштата во селото Ракотинци, кај Скопје, потпишано со „несреќната Емона“ на адреса од „Вљубената страница“ во „Наш свет“, рубрика која живееше 36 години. 

На писмото одговорив „човечки“ и како „психијатар“, можеби, редакциски, (тогаш не бев семен човек за да бидам родител), во текстот „Мамо, зошто ме навреди“...  Тоа го правев онака како што проблемите на тинејџерите „ги решавам“ во романите, а читателите и родителите моите одговори ги прифаќаа. Тоа е таа вистина за ликот Марта...  

Писмото од „несреќната Емона“, инспирација за создавање на романот „Марта“.

* Значи, според тоа, сепак, постои Марта, не е лик само на писателската имагинација?

- Секој мој роман поаѓа од некоја вистина и со тоа е поубедлив и за мене како автор, но и за читателите. Во тоа време, случката на „Несреќната Емона“, најпрво ја подготвив како телевизиска серија за МТВ во десет епизоди, но, за жал, до реализација не дојде. Потоа според сценариото со наслов „Марта од седмо-седум“, ми беше многу поедноставно да го напишам и романот. Името „Емона“ го одбегнав, но во тоа време децата на моите пријатели Ивана и Илија Маркоски, синот Сашо и ќерката Марта ми беа мили и необични, па побарав да им го „присвојам“ името Марта. (Илија Маркоски, всушност, е големиот сатиричар и лиричар, сега, за жал, рано починатиот Иван Карадак творецот на емисијата “Хихирику“ на Македонското радио, а Марта Маркоска денес е истакната македонска поетеса.) Но, да нема забуна, станува збор само за името - Марта! А вистина е и тоа дека, пред повеќе години, тогашниот директор на ООУ „Драга Стојановска“ во Ракотинци, Александар, на една средба со учениците кај нив, ми најави дека ја знае случката со девојчето и може да ми го открие нејзиниот лик. Тој човек набрзо ненадејно почина и тајната ја однесе со себе. Веројатно, „несреќната Емона“ знае дека е ликот од романот, но никогаш не посака да се открие. Тоа е добро и ѝго почитувам. Сакам девојчето Марта да ми остане онака како што си ја замислив. А најблиску до нејзиниот визуелен профил е ликот од стрипот „Лажниот витез“ работен според романот кој, веднаш по неговото појавување го реализира големиот стрип-мајстор на цртежот, покојниот карикатурист Љупчо Филипов. Стрипот, во тоа време, се преведе во Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина... Ликовите на Марта, мајката Бисера, на Витан... неверојатно се блиски до мојата замисла.   

* Минатата година од печат излезе и „Другата Марта“. Која е, всушност, другата Марта?

- Другата Марта е истиот лик од првата, а романот почнав да го пишувам во 2016 година во Детското одморалиште „Радости“ во Охрид на средбите со ученици од училишта кои доаѓаа на настава во природа. А оваа година, на досетка и предлог на секретарот на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, г. Игор Поповски, но и на заложба на директорот на ООУ „Св. Климент Охридски“  во нас. Бутел 1 во Скопје, г. Златко Тапчановски, во јуни, оваа 2018 година, на 39. Фестивал „Детски лирски треперења“, на вратата од собата свечено се постави украсна плочка со овој текст: Во оваа соба, во април 2016 г., писателот Горјан Петревски го пишуваше романот „Другата Марта“.  Не кријам, овој чин го доживеав со посебна возбуда. И пак, сѐ некако ми е врзано со „легендата“ за Марта...

* Бидејќи е така, тоа е факт, дали ќе има ли некои новости околку романот „Марта“, можеби трето продолжение или филмска адаптација на истиот?

- Пријатна новост за мене, како автор, е податокот што првото издание на „Другата Марта“ се распродаде за шест месеци, а наскоро ќе се појави второ, со поговор на проф. д-р Васил Тоциновски, почитуван колега и пријател, најчест промотор на моите новоизлезени книги, кој е аналитичен и речит проследувач на моето творештво.

А пред да се појави „Другата Марта“, на една средба со читателите во Радовиш, сосема искрено најавив дека - ако вториот дел не ми помине со оној успех што го очекувам, можеби малку ќе ги „напуштам“ тинејџерите и ќе се посветам на творештвото за возрасни. Набрзо потоа, по излегувањето на романот, пак на средба во истиот град каде што имаше неверојатно голем интерес за новиот роман, ми пријде едно симпатично девојче, „загрижена“ тинејџерка и ме охрабри дека „Другата Марта“ ѝ се допаднала „многу повеќе“ и од првата, можеби за да не се поколебам и да „избегам“ од нивниот свет, којзнае!? 

На сето ова, да се надоврзам, вториот дел дојде како природно продолжение на вистината од првиот, во кој „несреќната Емона од Скопје“, по навредата од мајка си, во голема депресија, си ја сече косата, испива повеќе таблети, посегнува по својот млад живот и завршува во болница. А по враќањето, своето момче го затекнува во прегратката на нејзината најдобра другарка... Но, ако не беше оваа болна вистина во анонимното писмо, веројатно немаше да да го напишам романот. Подоцна, како автор, чувствував обврска и потреба сето тоа да го доразјаснам. „Другата Марта“, со нови заплети и расплети, со новововедени, но и со постоечките ликови, всушност, овојпат, несомнено, е ода за животот, негова пофалбена сторија, негово воспевање и возбуда, разјаснување дека животот е убав, а среќата секогаш секого некаде го чека, треба да се биде само трпелив. Тој ни е даден за да го живееме и да го надградуваме, а не да го омаловажуваме и да го разградуваме. Мислам дека во намерата тоа да го разјаснам успеав, а хепиендот во секоја приказна, главно, им се допаѓа на читателите.  

Што се однесува, пак, до екранизација или филмска реализација на „Марта“ сценаријата, телевизиски и филмски, одамна се подготвени и во постојан интерес, но... Пред десетина години со режисерот Томче Стојков и со мојот сега веќе покоен другар со кого реализиравме многу емисии за МТВ, врвниот снимател Бошко Ацевски и целата екипа, со доделените средства од државата кои не беа којзнае колку обемни, се обидовме да реализираме тинејџерски филм во траење од 45 минути. Арно ама, оние што го пријавија и го добија проектот, не беа подготвени и професионални за целосна реализација. Тој потфат пропадна. А и сега има некакви најави, но, да бидам искрен, сѐ помалку им верувам. Туку, којзнае, никогаш ништо не се знае!? А моето телевизиско искуство се состои од десетина години работа на програмата за деца во МТВ и околу триста реализирани емисии, документарни и играни серии, но во некои други времиња. Сега сме подложни на нови текови и поинакви состојби во кои можат да влезат и моите романи, затоа што се пишувани со филмски приод, а нештата во приказните на тинејџери, сепак, остануваат исти. Тоа го чувствувам и сакам да го проследам, да останам блиску и никогаш далеку до нив. Внимавам на генерациските промени, но и не му допуштам на времето сѐ од корен да промени. Од никого ништо не почнува, туку тоа се случувало одамна, пред нас, а ние сме само нечие продолжение.   

*Без разлика на промената што ја доживуваат модерните генерации тинејџери, технолошките промени и напливот на социјалните мрежи, со години наназад „Марта“ се чита и препрочитува, што е според вас успехот за ваква читаност на еден роман?

- Секое време ќе си го земе својот данок. Тоа е разбирливо. Но што ќе беше ако не дојдеа компјутерите? Ајде ако може да си замислиме, како ќе се појави една книга без денешнава технологија­? Ќе речат, денес помалку се чита. Добро, така нека биде. Но оние што сега читаат, многу се поупатени, умеат да прашуваат и да разговараат. Книгата никогаш нема да изумре и, на овој или оној начин, ќе биде присутна во животот. Многу векови проживеала и ќе го издржи и ова време. Кога почнував да пишувам сакав да го разбијам стереотипот на поделбата на литературата на „детска и возрасна“. Си мислев, она што го пишувам, треба да им се допадне и на возрасните, ако дојдат до него. Зашто, секој родител ќе се заинтересира што е тоа што го чита или не може и не сака да го прочита неговото дете. „Марта“ и по триесет години живее и е актуелна лектира која ги допира проблемите не само на тинејџерите, ами и на родителите. Возраста во романот е малку поместена, а тоа дојде како резултат на сознанието од илјадните писма што ги добивав во „Вљубената страница“ дека тинејџерските вистини се сосема поинакви од оние какви што ги гледаат возрасните. Кога го пишував романот, интуитивно се обидов да го извадам од рамката на времето за да не застари. Во писмото од „Несреќната Емона“, таа го слушаше Бој Џорџ, но јас си мислев дека тој пејач, можеби нема да го издржи времето и ги зедов „Битлси“ со Let it be за кои и денес се знае кои биле, но на Бој Џорџ малкумина се сеќаваат. И уште некои други детали од претходниот општествен систем свесно ги одбегнав и бев во право. Најбитно е да се понуди приказна која ќе им биде блиска до интимата и нема да застари, ќе биде вонвременска, а истовремено на сосема поинаков начин ќе го отслика моментот во кој се случува.

*Што е тоа што треба да го очекуваат читателите од Вас? Можеби некој нов роман со „приказна што не застарува“ или нешто сосема друго?

- Деновиве треба да се појави мојата најнова книга „Пак се тука Петар и Лука“, раскази за деца од предучилишна и раноучилишна возраст. А во следната година, напролет, читателите ќе имаат можност да се соочаст со мојот најнов роман „Името ми е Вивиен Ли“, кој и покрај „застарениот“ наслов, е приказна од оваа година што истекува. И пак е дојден преку тинејџерска „вистина“ на петнаесетгодишна девојка која, на една средба во нејзиното училиштето, ми пристапи со благодарност но и солзи во очите, доверувајќи ми дека ѝ се случува истото она што и на девојчето од Охрид во писмо од 12 март 1986 г. според кое е пишуван романот „Снеговите на Климентина Евин“, кој многу ѝ помогнал да се соочи со проблемот. Ете, уште една сегашна случка „што плаче“ за нов роман. Тоа значи, проблемите и љубовта на ист или сличен начин се преповторуваат и може да се рече дека се безвременски. Само треба да се претворат во приказна. Зашто, во литературата, сепак, сѐ можно и затоа и самата е безвременска. 

Б.М.

Можеби ќе ве интересира: