Натпреварувањето го искористи да ја најде изгубената сестра: Бевме заедно во дом, па не разделија
Поранешниот натпреварувач во хрватскиот Суперталент, 19 - годишниот Анте Драгојевиќ ги погоди следбениците на социјалните мрежи со последната објава, во која ги моли да му помогнат да ја пронајде изгубената сестра.
Анте и неговата сестра Ивана последен пат се виделе во домот за незгрижени деца „Маслина“ во Дубровник, а откако таа била посвоена, го изгубиле секој контакт. Неговата сестра го прославила 18 - от роденден, а по тој повод Анте решил да ја пронајде.
„Среќен роденден, те сака брат ти“ - започнува Анте, кој во домот бил до својата шеста година, по што бил сместен во згрижувачко семејство.
„Родена си на 12.11.2001 година во Дубровник. Името ти е Ивана Драгојевиќ (најверојатно сега е променето). Бевме заедно во домот Маслина во Дубровник, а потоа не разделија. Ти си посвоена и покрај сите обиди никако да те пронајдам. Сега кога имаш 18 години никој не може да ни забрани да се сретнеме. Те молам, јави му се на твојот брат.“ - напиша Анте и ги замоли добрите луѓе за помош. Многумина веднаш му дадоа совети за помош во коментари, а неговата објава за помалку од 24 часа е споделена повеќе од 1500 пати на Фејсбук.