Не сум разочаран што испаднав од натпреварување: Омар Џафероски за искуството во „Ѕвездите на Гранд“
Омар Џафероски е 20-годишно момче кое сигурно ви е познато од малите екрани. Тој се натпреваруваше во музичкото натпреварување „Ѕвездите на Ганд“, каде стигна до четвртиот круг во кој за жал испадна. Омар е роден во Чикаго, но живее во Скопје, каде е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Омар за Хаштаг зборуваше за своите искуство во најголемото натпреварување, откри кој член од жирото би го одбрал, но и дали е вратен во жирито. Исто така, Омар посочи дека ова натпреварување му донело само позитивно искуство.
# Дали беше твоја желба да се натпреваруваш во „Ѕвездите на Гранд“ или некој те натера да го направиш тоа?
Па искрено желбата да се пријавам ми се појави минатата година, гледајќи ја мината сезона сфатив дека би било убаво искуство.
# Кој ти беше најголема поддршка во текот на твоето учество во шоуто?
Најголема поддршка ми беше мојот брат и моите родители.
# Видовме дека во една од емисиите како поддршка ти беше пејачката Лина Пејовска. Какви совети ти даде таа, бидејќи веќе има искуство во неколку балкански музички натпреварувања?
Со Лина се знам уште од детските денови и имам поминато низ тие периоди кога таа се натпреваруваше и многу добро знам што значи поддршката! Совет кој што ми беше многу битен беше тоа дека што и да се случи не треба да се разочарувам и да го земам истото при срце затоа што ова сепак е натпреварување и дружење!
# Твој ментор беше Ѓорѓе Давид. Колку си задоволен од соработката со него? Кој совет никогаш нема да го заборавиш?
Точно така. Можам да кажам дека многу сум задоволен од бројот на пробите кои ги имавме и трудот кој беше вложен за да бидеме најдобри кога ќе излеземе на таа сцена. Можам да кажам за Ѓорѓе Давид дека е голем професионалец, и дека е борец за своите кандидати.
# Доколку не беше во тимот на Ѓорѓе, кој друг член на жирито би сакал да ти биде ментор и зошто?
Дефинитивно Марија Шерифовиќ, затоа што за мене таа е еден од најдобрите вокали во регионот и многу ми се допаѓа како работи со кандидатите. Исто така заради тоа што е во жанрот кој јас го пеам и би можел многу да напредувам.
# Минатата сабота за жал испадна од натпреварувањето. Дали се разочара? Кои се твоите планови? Дали би се пријавил и следната година?
Така е. Моето претставување во „Ѕвездите на Гранд“ за оваа сезона се заврши. Секој човек, како и јас се цени самиот себе си и знае колку може. Разочаран дефинитвно не. Дали ми е криво? Да. Криво ми е заради тоа што сметам дека натпреварувањето за мене не требаше да се заврши во четвртиот круг. Не сакам да звучи погрешно, но пак кажувам сите се цениме и знаеме колку можеме и до каде можеме. Мојот репертоар беше доста тежок, и респектабилен, како што впрочем и жирито се изјасни, и затоа мислам дека тоа требаше да се награди. Секако дека би се пријавил повторно. Одиме напред!
# Во секој следен круг Саша одлучува неколку кандидати да се вратат во натпреварувањето. Дали можеби тебе те вратија, бидејќи веќе е започнато снимањето на петтиот круг?
Така е, но не би смеел ништо да откривам бидејќи такви се правилата во натпреварувањето.
# Кој коментар од другите членови на жирито ти е најдраг и никогаш нема да го заборавиш?
Секој коментар добиен од професионалци како нив е ценет, но ако треба да издвојам тоа би бил коментарот на Марија Шерифовиќ дека имам специфична боја на глас и добра техника.Таков коментар од професионалец како неа е зелено светло дека никого не копирам и дека во иднина ќе бидам препознатлив по својот глас.
# Кога ќе ги собереш и одземеш работитите, што е она што најмногу ти се допаѓа во ова шоу, а што не и зошто?
На прво место би ги ставил дружбите. Запознав многу луѓе со кој што сум секојдневно во комуникација. Исто така секое снимање на нов круг е некоја нова авантура и искуство. Не би имал ништо лошо да кажам заради тоа што ова натпреварување ми донесе многу убави работи.
И. Мисајловска