Не верував дека има надеж: Лозано растури на првиот концерт
На Лозано му се исполни желбата првиот негов солистички концерт во ВИП Арената да може да се опише како насловот на големиот хит, „Јако, јако“. Уште долго, сите генерации во публиката за оваа вечер ќе зборуваат колку радост им донела.
Поп-пејачот кој изминатов период реди хит до хит од авторите Лазар и Магдалена Ена Цветкоски, ги направи среќни децата, нивните мајки, татковци, тинејџерите, но и повозрасната публика која беше дојдена да го слушне својот миленик.
Вокално перфектно подготвен, со добар бенд, придружни вокали и одлично озвучување, Влатко Лозаноски пееше како да му стоти концерт, а не прв.
„Не верував дека има надеж, дека некогаш ова ќе ми се исполни. Вие ми докажавте дека има надеж“, рече Лозано најавувајќи ја песната „Надеж“. Еден од најемотивните моменти се случи на „Сонце не ме грее“, еден од првите хитови на Влатко. Арената гореше од светлата на мобилните а тој рече дека оваа песна е негова лична карта.
„Некст тајм“ беа повеќе од добар избор за гости. Уште на првите стихови од „Ја излези Ѓурѓо“ публиката ги надвика со пеење, а лудило настана кога Лозано им се придружи во вториот дел од песната. И ова е еден од моментите кој долго ќе се памети.
„Ова лето ќе се памти“, „Жена ко ти“ „Мандарина“ за крај и уште неколку весели песни ги разиграа фановите. На бис, тие уште еднаш ја добија песната со која концертот почна, „Километри“, и „Јако, јако“ за крај, на најјако.
Лозано успешно го скрши мразот, и си отвори добар пат за нов концерт. Го организираше „Авалон продукција“.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски