Од Сорбона преку Цирих до научик по молекуларна биологија: Ангела Костуранова фуриозно

Од Сорбона преку Цирих до научик по молекуларна биологија: Ангела Костуранова фуриозно

Објавена во: Stars // Интервјуа

Ангела Костуранова е млада и надежна 21 – годишна девојка од Скопје, која на само 18 години се одлучува да се оддели од своето семејство, со цел да стекнување на квалитетно образование, а изборот паднал на престижниот универзитет Сорбона, во Париз, Франција.

Оваа девојка средното образование го завршува во две средни училишта: гимназијата СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ и гимназијата „НОВА“, каде што била дел од програмата за Меѓународна матура. Со оглед на тоа што штотуку ја заврши последната година на отсекот биологија, таа од септември ќе продолжи на постдипломски студии на отсекот биохемија на ETH Zurich во Швајцарија.

Ангела се одлучила за овој универзитет откако била примена на 13 постдипломски програми по биохемија на повеќе западноевропски универзитети кои се рангирани во првите 100 според Шангајската листа на унивезитетите, меѓу кои се и интернационалната магистерска програма која се спроведува на универзитетите Сорбона и Хајделберг, интердисциплинарната програма на институтите Karolinska и KTH во Шведска, универзитетите Гронинген и Лајден во Холандија, универзитетот во Копенхаген во Данска и ETH Zurich во Швајцарија.

За тоа како се одвива образовниот процес во Франција, но и за тоа како се дошла до одлуката да замине од државата, прочитајте во интервјуто во продолежние.

# Мометално си пред дипломирање на престижниот универзитет „Сорбона“. Што пресуди во твојата одлука да студираш надвор од Македонија?

Да, штотуку ги положив и последните испити од моите додипломски студии на отсекот биологија при универзитетот „Сорбона“. Мојата желба да студирам надвор од границите на Македонија се јави многу оддамна, во основно училиште, кога се запознав со биологијата за првпат и почнав да се гледам себеси како научник во научни институти во странство. На почетокот на средното образование сфатив дека молекуларната биологија ќе биде мојата конечна професионална определба и оттогаш континуирано работам кон таа цел. Иако отсекогаш сакав да студирам во странство, пресудна беше мојата желба да се дообразувам во областа на молекуларната биологија во високообразовна институција која нуди пред сè квалитетно образование, можност за учење и соработка со реномирани професори и научници, и која има јасно дефинирана структура на поддршка за студентите во текот на студиите. Универзитетот „Сорбона“ е помеѓу најдобрите 50 универзитети во светот според Шангајската листа, со одлична, сеопфатна програма по биологија и бројни можности за пракси, студентска работа и понатамошно дообразување, и ми претставуваше особена чест што бев примена и што сега веќе ги завршувам своите додипломски студии таму.

# Кој ти беше најголема поддршка во донесувањето на оваа одлука?

Најголемата поддршка за да си ги остварам своите амбиции се моето семејство и блиските пријатели, на кои сум им неизмерно благодарна.

# Дали пред да заминеш, имаше некој друг универзитет кој му беше конкуренција на „Сорбона“?

Иако универзитетот „Сорбона“ беше мојот конечен избор, француските универзитети не беа дел од моите првични планови. Оддамна сакав да студирам во Велика Британија, а University College London (UCL) беше мојот прв избор. Оваа замисла во трета година средно ме однесе во гимназијата НОВА, каде го завршив средното образование како дел од програмата за Меѓународна Матура (International Baccalaureate). И покрај тоа што бев примена на универзитетите каде сакав да студирам, меѓу кои и UCL, поради потешкотиите за аплицирање за целосни стипендија за додипломски студии ги одбив понудите. Истиот период ја добив понудата за студирање на универзитетот „Сорбона“, каде покрај одличните можности за студирање, условите за финансирање беа многу поволни, што ми помогна да ја донесам својата финална одлука.

# На кој принцип се одржуваат предавањата и испитите таму?

Додипломските студии на државите универзитети во Франција се одвиваат на француски јазик, така што солидно познавање на јазикот пред започнување на студиите е и еден од критериумите за влез на француските универзитети. Слично како и кај нас, годината е поделена на два семестри, зимски и летен. Зимскиот семестар почнува на почетокот на септември и предавањата завршуваат во декември, а испитната сесија за тој семестар се одвива во текот на втората недела од јануари. Летниот семестар започнува во средина на јануари, веднаш по зимската испитна сесија и трае се до средината на мај, и испитната сесија за овој семестар е на крајот на мај.

Наставата е поделена на три дела: предавања во амфитеатар кои траат 2 часа, работа во помали групи каде се дискутираат и обработуваат конкретни задачи со професор (travaux dirigés) кои траат 2 часа и задолжителни лабараториски вежби чие времетраење зависи од предметите. Освен испитите на крајот на семестарот кои сочинуваат 60-70% од конечната оценка, имаме редовни тестирања во текот на семестарот, кои заедно со извештаите од лабараториските вежби ги сочинуваат останатите 30-40% од оценката. Финалните испити најчесто имаат кус теоретски дел, каде најчесто се бара концизен опис и дискусија на дадена тема, и многу подолг дел каде се одговараат и анализираат конкретни прашања базирани на скорешни научни публикации. Оцените се помеѓу 10 и 20, каде 10 е најниска, а 20 највисока оценка, а студентите кои дипломираат со највисоки почести имаат просек помеѓу 16-20.

# Можеш ли да направиш разлика во образовниот процес?

Првично, на мојот смер на универзитетот не постои полагање преку колоквиуми, туку има оценувања во текот на целиот семестар кои заедно со задолжителниот краен испит ја формираат крајната оценка. Во случај испитите да не бидат положени, постои една поправна испитна сесија која за двата семестри се одвива во јуни-јули. Доколку испитите не се положени ниту во оваа сесија, семестарот, а со тоа и годината треба се повторуваат. Не постои презапишување на испит, па така предметите кои се слушале во даден семестар можат да се полагаат само во склоп на испитната сесија за тој семестар. Сепак, во францускиот образовен систем постои систем на компензација, односно доколку некој испит не бил положен, но вкупниот просек на студентот е над 10 (најниската оценка потребна за положување), на студентот му се дозволува да го валидира семестарот. Според мене, една од најголемите предности на францускиот образовен систем е работата во мали групи со професор која ја споменав погоре, каде во текот на два часа освен тоа што детално се обработуваат главните теоретски концепти, студентите имаат можност самостојно да ги применат стекнатите знаења преку конкретни примери и задачи. Освен решавањето вакви задачи, студентите имаат можност да дискутираат со професорите и да поставуваат прашања со цел подобро усвојување на наученото, нешто што верувам треба да биде редовна пракса во сите високообразовни институции. Биологијата е особено кооперативна наука и токму достапноста на  професорите не само во рамките на овие два часа, туку и за понатамошно професионално советување е според мене клучна за развојот на идните научни кадри.

# Како функциониравте за време на коронавирусот, кога целата настава се одвиваше од одма?

Пред да започне пандемијата, јас бев во Велика Британија на одделот за биомедицина при универзитетот Њукасл како дел од програмата за младинска мобилност Еразмус +, каде и требаше да го поминам остатокот од овој семестар. Покрај крајните испити, поголемиот дел од предавањата и лабораториските вежби беа завршени пред прогласувањето на превентивните мерки, додека пак остатокот од предавањата и консултациите со професорите се одвиваше преку платформата Zoom. Професорите се ангажираа доплонително и да ни пратат и видеа во кои ги предаваат лекциите од почетокот на семестарот досега покрај веќе достапните презентации за да се подготвуваме за испитите. Освен тоа, имавме непречен пристап до онлајн библиотека по затворањето на институциите, а професорите се постојано достапни за прашања преку мејл во текот на нивното работно време. Во поглед на испитите, првичните датуми за полагање, како и форматот на полагање беа задржани. Испитите беа отворени 24 часа за студентите кои се наоѓаат во различни временски зони да можат да пристапат кога ќе бидат во можност. По отворањето на испитот, имавме определено време за завршување на прашањата и испраќање на испитот преку соодветните платформи на универзитетот. Сметам дека двата универзитети успеаа сосем брзо да се адаптираат на новонастанатата ситуација, и се погрижи студентите, особено оние како мене кои беа заминати на Еразмус проекти за мобилност да имаат соодветна и континуирана поддршка и да да почувствуваат минимални последици во текот на оваа криза.

# Кој е твојот идол во животот?

Освен моите родители на кои отсекогаш сум се огледувала, мојот најголем идол од научниот свет еРозалинд Френклин, извонредна британска хемичарка која била клучна во утврдувањето на молекуларната структура на ДНА, меѓу другото.

# Каде се гледаш за 10 години?

Во следните неколку години планирам да продолжам со специјализирање во областа на молекуларната биологија на микроорганизмите, нешто на коешто работев на моите две претходни пракси во Франција. По завршувањето на додипломските студии, летниот период требаше да го поминам на тримесечна пракса во Австрија, повторно од оваа област, која за жал беше откажана по затворањето на институтите од безбедносни причини. Од септември ќе продолжам на магистерски студии на ETH Zurich во Швајцарија, а понатаму би сакала да продолжам на докторски и пост-докторски студии во Велика Британија. Во иднина се гледам себеси како академски научник во сферата на молекуларната биологија на микроорганизмите.

# Кој хаштаг најчесто го користиш?

#science

Ивана Мисајловска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: