Огнен Анѓушев: Имам 21 година, реализиран сум како татко, а сега фокусот ми е на отварање свој моден бренд
Чекори цврсто и напред по стапките на татко му, познатиот бизнисмен Кочо Анѓушев. Но се чини дека за разлика од него, негува и други афинитети, поврзани за уметноста и естетиката.
Огнен Анѓушев има 21 година, а веќе формираше семејство и е татко. Работи како референт за продажба во РЕС, но бидејќи има завршено моден дизајн, за нашиот магазин открива дека наскоро ќе излезе на пазарот со свој моден бренд...
Еве ја неговата приказна:
# Вие сте син на еден од најпознатите бизнисмени во Македонија, а самиот по завршувањето на образованието се вклучивте во работата на една семејна компанија. Најпрвин би ве прашал колку ви е олеснување или какво бреме ви е позиционираноста на татко ви во домашната економија?
-Да се има татко кој важи за еден од најпознатите бизнисмени во нашата држава, како што кажавте вие, за мене претставува гордост пред се‘. Јас секојдневно се восхитувам на неговите успеси кои тој ги градел од нула, истовремено на неговата извонредна улога како татко и добар пријател. Татко ми е човекот на кој јас се угледувам затоа што е тешко да се избалансира животот, а тој тоа го прави одлично. Тука би се надоврзал на вашето прашање со тоа што би кажал дека од една страна е големо олеснување да се има татко кој е позициониран во домашната економија затоа што имам привилегија да учам од еден од најдобрите, но истовремено и големо бреме затоа што како син на познат бизнисмен, очекувањата се поголеми и просторот за грешки е помал, а сепак треба да го задржите високиот стандард на тековните работи.
# Кој е вашиот ангажман во моментов?
- Од неодамна почнав да работам како референт за продажба во РЕС, нашата најнова партнер - компанија која се занимава со трговија на електрична енергија главно од сопствени обновливи извори.
# Како и на кој начин започна вашата инволвираност во доменот во кој работи и вашиот татко? Се зборува дека токму тој дури и кога сте во прашање Вие не ви дал шанса веднаш да бидете на позиција, туку почеток од најниското скалило...
- Моето прво работно место беше како магационер во една од нашите компании, „Брако“. Моите родители функционираат и не воспитуваат мене и мојот брат на база на заслуги. За се што ќе добиеш треба да бидеш заслужен, па така и работното место. Во работата сметам дека треба да се надградувам од почетно ниво, и растејќи да застанам таму каде што мојот максимум ќе биде доволен. Според мене секое работно место е за почит, така што немам проблем или не чувствувам комплекс да почнам од самиот почеток. Апсурдно е јас, штотоку завршен со студии да добијам било каква титула или работно место кое не го заслужувам, па макар и да имам завршено на најдобриот факулктет во светот, пред се‘ затоа што во нашите фирми има над 1000 вработени, кои се работници со искуство и знаење кое јас допрва треба да го учам и стекнувам, а за кое нема лекција на ниеден факултет. И да ве назначат за директор без стекнато знаење и искуство, вие за вашите вработени ке бидете само тема на потсмев без тоа да го гледате, и со тоа само ќе ги уназадите вашите фирми на кои им е потребно менаџер или директор со јасна визија, многу работа и многу искуство.
# Живееме во специфични околности, се‘ уште не се избришани ефектите од пандемијата, а новата светска криза предизвика конфликот во Украина. Со кои предизвици се соочувате вие во вашата компанија и кои се вашите очекувања за следниот период?
- Пред се‘, искрено се надевам дека пандемијата која за жал згасна многу животи и направи огромна дестабилизација на економијата ќе остане во минатото. Точно е дека конфликтот со Украина придонесе големи предизвици на пазарот во цел свет, па така и за нашите компании. Моментално работиме во време кога цените на суровините се менуваат од ден на ден па така и ние како производители секојдневно се соочуваме со проблеми и промени во работата. Јас не сум политички субјект и немам многу големо искуство за да би можел да предвидам што ќе се случи во следниот период, но од аспект на работник во нашите компании можам да кажам дека цените во изминатиот период растат секојдневно, од што можам да заклучам дека во блиска иднина ситуацијата нема да се стабилизира.
# Со каква стратегија влегувате во работењето, кои концепти се ваш приоритет?
- Во работењето влегувам со јасна стратегија. Тоа што го работам сакам да го сработам најдобро што можам. Мојот приоритет е концепт во кој можам да се чувствувам исполнето во работата која ја работам, концепт во кој ќе можам успешно да ги исполнам моите работни обврски и задачи и концепт кој ќе придонесе добро за мене, моето семејство, моите компании и моето општество.
# Вие имате завршено моден дизајн... Многу интересен спој на две нешта кои се ваша преокупираност... Како се решивте да се запишете на моден дизајн, што беше пресудно?
- Да, јас имам завршено моден дизајн на Иституто Марангони кој гласи за еден од најдобрите факултети за моден дизајн во светот. Се одлучив да студирам моден дизајн затоа што од мал имам пасија кон мода. Отсекогаш ме интересирала историјата на врвните светски брендови и нивната естетика. Секогаш ми било битно да изгледам добро, а повеќе од половина од добриот изглед е облеката. За мене облекувањето е еден вид изразување кое многу говори за вас. Многу ми е битно да бидам облечен согласно со пригодата, во спротивно за мене тоа претставува непочит кон самата пригода и луѓето околу вас. Во нашата држава модата е сведена на многу ниско ниво која е една од главните причини за што се одлучив да студирам моден дизајн со визија во иднина да помогнам на модната сцена во Македонија.
# Дали на ова поле имате реализирано свои колекции и какви? Од каде ја црпите инспирацијата и како би го дефинирале она што го создавате во овој сегмент?
-Првите парчиња облека и првите колекции ги имам реализирано за време на моите студии како дел од програмата на факултетот врз основа на кои бевме оценувани. Колекциите кои ги сработувавме беа по една колекција од секое поле (класична гардероба, секојдневна гардероба, авангардна гардероба...), за ние како млади дизајнери да можеме да си ја пронајдеме нашата јака страна. Моја јака страна е дефинитивно класичната страна. Не сакам многу импровизација со облека затоа што линијата помеѓу многу добро и многу лошо во модата е тенка, што значи дека не треба да се претерува. Треба да бидете различни од другите, да понудите нешто што пазарот го бара кое истовремено ќе биде уникатно парче во кое клиентите ќе се чувствуваат сигурно. Јас конкретно ја следам оваа визија, додека инспирацијата не би можел концизно да наведам од што ја црпам бидејќи за секоја колекција и парче е различно... може да биде естетика на некој историски период, или на период од животот, може да биде на дел од природата или на одредена култура, а може да биде и чисто моја имагинација.
# Дали можеби размислувате за формирање на свој моден бренд?
- Прв пат за вашето интервју го најавувам мојот ЅЕРО бренд кој ќе се лансира во почетокот на мај со продавница во центарот на Скопје на булевар „Климент Охридски“. Брендот за почеток ќе биде исклучиво за жени, но со текот на времето се надевам дека ќе реализирам и колекција за мажи. „Ѕеро“ ќе биде бренд во кој ќе можете да најдете гардероба изработена од фини материјали, која ќе можете да ја носите за свечени пригоди и во кои ќе се чувствувате доминантно и сигурно. До тогаш секој кој сака може да отвори на официјалниот инстаграм профил на брендот под името ZeroBrand и да види за што поточно станува збор.
# Во однос на балансот на работата и семејството, како сте ги поставиле овде своите очекувања и насоки?
- Тешко е да се избалансираат обемната работа која бара огромна жртва заедно со семејството, но се може да се направи ако се сака. Јас имам 21 година, а веќе имам оформено семејство и сум реализиран како татко, така што доколку сте амбициозни, работливи и имате јасна цел можете да постигнете се‘.
# Кој е начинот на кој се релаксирате?
- За мене најдобра релаксација е поминување време заедно со семејството и блиските пријатели. Да се има семејство и добри пријатели е богатство кое треба да се негува. Во слободно време сакам да патувам и да запознавам нови култури кое исто така го сметам како дел од мојата релаксација.
Небојша Толески