Песната со која се претставив ја одбрав 4 дена пред настапот: Онур Бекировски за претставувањето во хрватскиот „Суперталент“
На почетокот на оваа недела ве известивме за 20 – годишниот Онур Бекировски, кој се појави во хрватското шоу „Суперталент“. Ова момче доаѓа од Скопје и студент на Економскиот факултет, а со музиката вели дека се занимава откако знае за себе.
„Со музика се занимавам од кога знам за себе, но првите почетоци ми беа во основно училиште на училишните приредби, а со текот на времето сè повеќе се заљубував во музиката.“ – ни посочи Онур, а потоа ни откри и кога сфатил дека музиката ќе биде негов пат во животот:
„Оној момент кога настапив на еден фестивал на 16 години и освоив второ место. Публиката беше импресионирана од мојот настап и тогаш се уверив себеси дека можам да се занимавам со музика.“
Иако последниве неколку години многу музички талентирани луѓе се пријавуваат во натпреварувањето „Ѕвездите на Гранд“ и го сметаат за отскочна даска за влегување во музичките води, Онур направи еден сосема поинаков чекор. Вели дека концептот на емисијата „Суперталент“ било она што поттикнало да замине дури во Хрватска.
„Случајно видов дека имаа објавени аудиции за „Суперталент“, едноставно ми се допадна концептот на емисијата па се пријавив, а по одреден период ме известија дека сум ја поминал првата аудиција. Ова не значи дека имам лошо мислење за „Ѕвездите на Гранд“, напротив сметам дека е исто така едобро напреварување.“
За неговиот настап во „Суперталент“ многумина имаа само пофални зборови, а и медиумите од Хрватска не ги штедеа пофалните зборови за него, иако тој самиот не е многу задоволен од тоа како се има претставено.
„Не сум многу задоволен, имав некои грешки во изведбата на песната, но сепак ова е мое прво појавување на ваква сцена, имав голема трема. Песната која сакав да ја изведам не ми ја дозволија поради некои авторски права, додека онаа со која се претставив, „Остала си увијек иста“ ја одбрав 4 дена пред настап.“
Неговото незадоволство не значи дека не се претставил како што треба, напротив жирито за него имаше само пофални зборови, а еве кој коментар му оставил најголем впечаток.
„Добив добри коментари од страна на жирито. Најголем впечаток ми остави коментарот на Маја Шупут – „Ти имаш нешто што многу други луѓе го немаат“, коментарот на Мартина Томчич - „Ти се исплатеше патот од Maкедонија и да дојдеш во Загреб да оставиш едно парченце душа на оваа сцена”, а на нејзиниот коментар се надоврза и Давор Билман – „Јас не би рекол дека е парченце него парчиште душа.“
Поради договорот што го има потпишано, Онур не може многу да ни открие за она што ќе следува, но затоа ни посочи кои биле првите чекори.
„Прво имаш прва аудиција на која праќаш снимка од твојот талент и жирито донесува одлука дали сте за главната аудуција, во која се снима во Загреб, Хрватска.“
Кога се идолите во прашање, Онур особено ги сака песните на Тоше Проески, а во иднина би сакал да сними дует со евровизиската претставничка Марија Шерифовиќ. За 10 години се гледа како изграден печај, кој одржува концерти со свои песни.
И. Мисајловска