Пет ученици од ПТТ направија систем за собирање на дождовница со која ќе го наводнуваат училишниот двор: Се надеваме дека со нашиот реализиран проект, позитивно ќе влијаеме на непосредната околина
Пет ученици од СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје создадоа систем за собирање на дождовница, со која ќе го наводнуваат училишниот двор. Рационалното користење на водата ги поттикнало за дојдат на идеја да создадат ваков изум.
Христијан Златковски, Петар Неделковски, Мартин Нелковски, Маја Колевска и Вања Василевка се учиниците кои се потпишуваат за овој изум. Идејата на овие пет млади луѓе е една од 5-те наградени во рамките на програмата „UPSHIFT“, а истата се темели на решавање на предизвиците со климатските промени, како и заштитата на животната средина.
Овие средношколци за Хаштаг открија од каде ја добиле идејата за да го направат овој систем за собирање на дождовница.
„Па ние комунициравме со луѓе од нашата околина, со другарите, со соучениците и и дојдовме до заклучок дека водата која е наменета за исхрана се користи нерационално. Почнавме да размислуваме како може водата од природата да се искористи и притоа да се намали сметката за вода. Тоа не доведе до идејата за колектирање дождовницата.“ – велат тие, а потоа ни посочија и колку време им било потребно за да осмилат и реализират целиот систем.
„За да го осмислиме беше потребно околу еден месец поради истражувањата кои требаше да бидат спроведени околку водата и како таа е користена најмногу дали е на рационален или нерационален начин.За реализација ни беа потребни скоро два месеци.“
Христијан, Петар, Мартин, Маја и Вања веруваат дека со нивниот реализиран проект ќе може да позитивно да влијаат на непосредната околина.
„Се надеваме дека со нашата идеја , сега веќе реализиран проект, позитивно ќе влијаеме на непосредната околина, ќе го свртиме вниманието на јавноста кон можностите кои ни ги нуди природата за искристување на нејзините ресурси како што се подземните води, ветерот и сонцето, а притоа да ја зачуваме животната околина.“
Со оглед на тоа што програмата е реализирана од страна на Здружението „LEAD“, со поддршка од УНИЦЕФ, ФИТР и Шведска, покрај помошта и поддршката професорите од училиштата, голема помош добиле и од тимовите на „LEAD“, UPSHIFT, ФИТР.
„Низ целиот процес не водеше предметниот наставник, а корисни совети добивме и од тимот на UPSHIFT, Леад и Фитр, а посебно од менторот назначен од нивна страна. Покрај нив поддршка добивме и од училиштето во целост, на чело со професорката Елена Лентиќ, која неуморно работеше и се залагаше за проектот исто како и ние.“
Овие млади луѓе, подготвени да го променат светот и да ја поддигнат свесна кај возрасните веќе размислуваат на што следно ќе работат.
„Нашите следни плнови се да биде подобрен нашиот изум како и да се прошири кон другите граѓани од нашата држава за да може да се намалат трошоците на вода. Нашиот изум би придонел за решавање на проблемите со климатските промени на таков начин што ќе ја намали употребата на питка вода за непотребни работи како миење на автомобили и патиштата, или наводнување на цвеќиња. Покрај тоа го очекуваме и следниот повик на UPSHIFT, можно е да биде на тема воздух, за што веќе размислуваме.
Размислуваме и за поставување на соларни панели за претварање на сончевата енергија во електрична енергија за напојување на електрични апарати, користење повеќе електрични коли за да се намалат штетните гасови кои се испуштени од автомобилите.“
И. Мисајловска