Пијанистките Мазнејкови со 194 настапи: Им се насмевнува светска слава
Тие се две сестри кои доаѓаат од Струмица. Ана Мазнејкова има 9 години и е четврто одделение во ОУ „Видео Подгорец“, а Ивана Мазнејкова има 13 години и е осмо одделение во истото училиште. Двете имаат заедничко хоби, иако за Ивана повеќе е идна професија, а тоа е свирењето пијано. Па, така и двете го посетуваат основното музичко училиште „Боро Џони“ - Ана е во класата на нивната мајка Ленче, а Ивана во класата на нивниот татко Зоран.
# Кога за првпат седнавте зад пијаното?
Ана: Во нашиот дом имаме две пијана, па средбата со инструментот ја имав уште од најмала возраст. Тогаш, пијаното за мене беше играчка и на него ги истражував звуците. Инаку првиот јавен настап го имав на тригодишна возраст кога настапив на карневалскиот концерт кој го организираше музичкото училиште. Бев многу среќна после тој настап.
Ивана: И јас како и мојата помала сестра Ана, средбата со пијаното ја имав уште од најмала возраст. Првиот настап пред публика го имав на тригодишна возраст во основното музичко училиште, на концерт, заедно со учениците во класaта на мојата мајка. А, првиот настап надвор од Македонија го имав на четиригодишна возраст, на меѓународен натпревар во Белград.
# Од колку години започнавте посериозно да гледате на музиката?
Ана: Иако свирењето пијано за мене се уште е хоби, сепак за секој настап сериозно се подготвувам, уште од самиот почеток.
Ивана: Сериозно пристапувам кон музиката уште од мојот прв настап. Се сеќавам дека тогаш беше невообичаено дете на таа возраст да настапува, па публиката срдечно ме прифати, што пак силно ме мотивираше да продолжам.
# Потекнувате од музичко семејство. Но, кој член ви ја пренесе љубовта кон пијаното?
Ана: Да, во моето семејство сите умеат да свират пијано. Моите родители се наставници по пијано, а мојата постара сестра Ивана, е успешна млада пијанистка. За мојата љубов кон пијаното се заслужни сите тие, но можеби најголема е заслугата на мојата сестра, која секојдневно ја слушав додека вежба прекрасни композиции и посакував и јас како и таа да умеам убаво да свирам.
Ивана: Како што спомна и Ана, нашите родители се наставници по пијано и се сеќавам дека кога бев многу мала додека тие свиреа како дуо на пијаното јас седнував помеѓу нив, слушав како свират и уживав во музиката. Морам да спомнам, дека понекогаш и јас импровизирајќи се вклучував во изведбите.
# Кој е ваш идол во живот? Како кој/а познат/а пијанист/ка сакате да бидете кога ќе пораснете?
Ана: Секојдневно на каналот YouTube слушам изведби од различни пијанисти, и млади и повозрасни и како идоли би ги спомнала Јуџа Ванг, Ланг Ланг и секако нашиот, македонски пијанист Симон Трпчески.
Ивана: Ги има повеќе, но ќе се обидам да издвојам неколку. Многу го почитувам нашиот голем пијанист, со светско реноме, Симон Трпчевски, а би сакала да ги запознаам и да работам со светските пијанисти Марта Аргерич, Евгениј Кисин и Дмитри Башкиров.
# Каква музика најмногу сакате да свирите? Имате ли некоја омилена композиција за исполнување?
Ана: Се разбира, најмогу време поминувам вежбајќи композиции од класичната музика, но честопати си свирам и детски песни, песни коишто ги слушам во цртаните филмови, а си создавам и свои мелодии и композиции. Досега имам исполнувано композиции од многу автори, но како омилени би ги издвоила композициите од големиот композитор В.А. Моцарт.
Ивана: Најмногу сакам да изведувам класична музика. Сите композиции што досега ги имам слушнато ми се допаѓаат, затоа што се одраз на времето во кое се напишани и на стилот, карактерот и животот на композиторот. Сепак, најмногу ја сакам музиката на импресионизмот, особено на Клод Дебиси и уживам додека ја изведувам неговата композиција „Градини под дожд“.
# Се случува ли на некоја забава да ве замолат да отсвирите нешто?
Ана: Да, честопати кога имаме гости или кога кај нас си играме со другарките ме замолуваат да им отсвирам некоја композиција. Некогаш тоа е по нивна желба, а некогаш по моја.
Ивана: Многу често кога се дружам со моите пријатели, тие ме замолуваат да им отсвирам некоја од моите омилени композиции, а јас со задоволство ја пренесувам мојата љубов кон музиката кон сите оние што сакаат да ја примат истата.
# Имате настапувано на многу натпреварувања, но и концерти. Имате ли некој кој ви е омилен и кој се издвојува од останатите?
Ана: Досега имам вкупно 74 настапи на концерти, натпревари, фестивали и разни манифестации. Од нив, 23 настапи се на меѓународни и државни натпревари, на кои имам освоено 23 специјални и први награди. Имам настапувано во Париз, Салцбург, Милано, Белград, Виена, Лондон, Брисел, Софија, Будимпешта, Приштина, Скопје, Битола итн. Настапот во Париз ми е омилен, затоа што освоив специјална награда во голема конкуренција, а подоцна го посетив и Дизниленд.
Ивана: Имам повеќе од 120 настапи во Македонија и низ Европа. Имам настапувано во Италија, Шпанија, Франција, Обединетото Кралство, Белгија, Унгарија, Австрија, Чешка, Летонија, Грузија, Германија, Словенија, Србија, Бугарија итн. Досега имам 35 настапи на меѓународни и државни натпревари и исто толку специјални и први награди. Имам настапувано во престижни сали, како салата Бозар во Брисел, Моцартеум во Салцбург, камерната сала на париската филхармонија, салата Гилд во Рига итн. Не би можела да кажам кој ми е омилен настап, за мене се сите значајни. Сепак би ги издвоила следниве: настапот во Белград на кој ја освоив титулата Лауреат, настапите во Милано и Виена на кои освоив кристални медали...
# Успевате ли да ги завршите сите училишни обврски навреме, со оглед на обврските кои ги имате со ова ваше хоби?
Ана: Затоа што пијаното се уште е мое хоби, иако секојдневно вежбам, сепак, не поминувам многу време вежбајќи. Ми останува време навреме да ги завршувам училишните обврски, да спортувам, да се дружам со моите другарчиња и да си играм со моите домашни миленици.
Ивана: Со добро организација и планирање успевам навреме да ги завршам сите обврски, и оние кон училиштето и вежбањето пијано, а секако одвојувам време и за моите другари.
# Какви ученички сте?
Ана: Јас сум одлична ученичка.
Ивана: И јас.
# Се случува ли некогаш пред концерт наставничките да ве поштедат од испрашување или тест?
Ана: Вообичаено сум присутна на сите тестови и испрашувања, а доколку треба да патувам на натпревар, тестовите ги правам кога ќе се вратам од патување.
Ивана: Без разлика дали во денот треба да имам настап, сепак одам на училиште, сум присутна на тестовите и испрашувањата. За мене одењето на училиште е задоволство, не само заради стекнувањето знаења, туку и заради пријателствата и искрено не мислам дека наставниците треба да ме поштедуваат.
# Дали сте размислувале за некоја друга професија во иднина?
Ана: Јас мислам дека свирењето пијано ќе биде моја идна професија, но го сакам и класичниот балет, многу сакам да пеам, а од спортовите ја сакам гимнастиката.
Ивана: Освен музиката ги сакам сите видови уметности, особено ликовната. Имам интерес и за некои од науките, како физика и хемија, а кога бев мала сакав да бидам моден дизајнер.
# Каде се гледате за 10 години?
Ана: За 10 години се надевам дека ќе бидам студент на некој од најпрестижните универзитети за музика во светот.
Ивана: За 10 години се гледам како светски успешна пијанистка, која ќе настапува во врвни светски сали и со своите изведби ќе и причинува задоволство на публиката.
Ивана Мисајловска