Плачев секој ден: Интервју со Антониа Гиговска

Плачев секој ден: Интервју со Антониа Гиговска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Моментално таа е една од најпопуларните млади пејачки во нашата држава. Веќе полнолетна и со музичко искуство зад себе, за Хаштаг откри многу интересни моменти од својот живот. Гиговска проговори за врската со Иван, за односот што го има со својот брат, но и за учеството во музичкото натпреварување „Ѕвездичките на Пинк“. Беше на гости во нашата редакција и искрено и без заобиколување даде одговор на секое прашање.

Презодоволна од својот постигнат успех и претставувањето во музичкото натпреварување „Ѕвездичките на Пинк“, Антониа вели:

„Искено премногу сум задоволна, а најмногу поради јутјуб, поради прегледите и целата поддршка која ја добив од македонската јавност и од Србија, Босна, Хрватска... а сметам дека поддршката е најважна за секој изведувач.“

Таа не е разочарана поради тоа што нѐ победи. Позитивните коментари од обожавателите, како и нивната поддршка не и дозволиле да се посомнева во себе и своите способности.

„Мислам дека нема потреба да се разочарувам, поради тоа што јас и понатаму си имам кариера и си работам и снимам многу песни, спотови итн.“ - додава Антониа.

Во морето коментари имаше многу такви во кои главна тема беше дека ова музичко натпреварување било наместено, но ставот на Антониа за оваа тема е обратен.

„Па искрено јас не се замарам многу со тие работи, заради тоа што мислам дека кој ѝ да победи, прегледите и она што го знае публиката, како и она што се зборува по завршувањето на ова шоу е многу поважно од победата. Не секогаш победува оној кој публиката сака да победи или кој што навистина заслужува да победи. Сергеј исто така е многу добро дете и мислам дека пред него е целото музичко небо, може да прави што сака. Тој оди во правецот на Јала и Буба, она што е многу препознатливо кај нас. Така што, сметам дека тој ќе успее.“ - не можеше, а да не го пофали својот конкурент Сергеј.

Како што веќе сите знаете, ова не ѝ беше прва сезона во ова музичко натпреварување. Антониа за прв пат застана на таа сцена на 14 години, а кога би ги споредила двете сезони, дојде до еден заклучок:

„Тогаш бев многу помала, сега имам повеќе искуство. Многу време помина и многу работи се сменија, многу работи не беа исти. Ова не беше натпреварување, ова беше повеќе како ревијално, така го гледавме сите.  Тоа беше така зошто не беше од типот денес ќе си одбереш што сакаш да пееш, туку тие ни кажуваа што да пееме и ни задаваа теми, за да ние одбереме песна за таа тема. Беше поразлично и во однос на жирито, поради тоа што не беше истото жири.“

Додека бевме на темата „Ѕвездичките на Пинк“ не можевме, а да не ја прашаме за тоа колку поддршка добиваше од момчето.

„Покрај моите родители, најголема поддршка имав од Иван, поради тоа што тој е во таа фела. Тој е музичар, тој знае најдобро да ми каже, во финалето негов предлог беше да ги пеам 'Proud' и 'I'll never love again', со тоа што за 'I'll never love again' премногу ми помогна за тоа како да ја изведам.“ - беше искрена Антониа.


Тие се познаваат одамна, но нивната љубов се родила на еден необичен настан.

„Иако се знаевме од порано затоа што сме колеги, официјално се запознавме на свадба на која што јас ја пеев првата песна за младите. Така започна сѐ. Тоа беше љубов на прв поглед, нема што да зборувам.“

Со оглед на тоа што и двајцата се музичари и пред сѐ ги спојува музиката, за дует ќе мора малку да почекаме.

„Можеби, понатаму. Зборуваме, но сметам дека се уште не е време за тоа. Сега тој со бендот снима песна и видео запис, кои ќе излезат за неколку дена. Така што во план имаме да снимаме нешто, иако си пееме секој ден поради тоа што сме 24/7 заедно. Иван вика сме како сијамски близнаци.“ - вели Антониа, а потоа додаде дека и таа самата подготвува нова музика.

„Подготвуваме нешто со Дарко и со Лазе. Во тек се подготовките, но не беа во Скопје, бидејќи одморите се во тек. Ќе биде нешто со побрз ритам, а можеби ќе има уште една песна на српски.“

Темата музика не доведе и до една друга тема. Имено, Антониа победи и на „Кастинг талент шоуто“, со што ја доби главната улога во мјузиклот „Тајно моја“. Овој проект набрзо згасна, а младата пејачка не криеше дека и недостасува.

„Премногу ми недостасува. Баш зборувавме со Денис и сите оние кои што беа во мјузиклот. Криво ми е поради тоа што беше еден преубав проект и некако нешто што требаше да го зачуваме, а не го направивме тоа. Ама се е можно кај нас, секое чудо за три дена.“

Како и поголемиот број ќерки и Антониа била татина маза, но низ смеа ни раскажа и дека не била дете кое што секој родител би го посакал.

„Многу плачев, многу јадев чајна и кашкавал (кашкавалот ми остана, чајната не). Сум била многу бесно дете, многу сум плачела, не сум сакала да одам ни во градинка, ни во училиште. Се сеќавам дека во прво одделение многу плачев и не сакав да седам, па баба ми ја викаа да седи со мене во клупа. Хаос, хахахаха.“

Некои велат дека е вистинска среќа да имаш постар брат, а донекаде и таа се сложи со нас. За односот со него и интересните моменти од заедничко живеење, открива:

„Со оглед на тоа што веќе не живее со мене, затоа што се ожени, многу ретко се гледаме, иако живее само на една секунда од мене. Буквално мојата зграда е тука, неговата од спротива. Многу рето се гледаме затоа што и јас имам премногу обврски, тој има работа и сопруга дома. Знам да отидам да ги видам, да испијам кафе, т.е. да испијам сок со нив, зошто не пијам кафе. Порано знаеше да ми забрани некои работи. Кога бев помала паметам на некои 14 - 15 години, кога беше шемата да излегуваме во град и по дискотеки, не ми дозволуваше. Знаев да му кажам 'Те молам, брани ме, немој да кажеш на мама и тато'. Сме го имале тој однос да ме брани и да не кажува и се уште го имаме, иако сега е поинаку, нема за што да ме крие. Сега сум полнолетна и скоро и како да живеам сама.“

Интересно е тоа што брат ѝ и Иван, сегашното момче се другари, а за нивната врска Антониа му признала малку подоцна:

„Па тие се другари, играат заедно фудбал и од порано се знаеја. На почетокот прво беше збунет, но по одредено време сфати дека уште пред да му кажам тоа почнало. Некое време не знаеше и сега е се супер.“

Доколку не би била пејачка, таа откри дека би била актерка, а на прашањето каде се гледа за 10 години не можеше да даде конкретен одговор.

„За 10 години, лелелле...јас не знам утре каде ќе бидам. Да бидам искрена не гледам многу за иднината гледам сега што ќе се случи и си викам се ќе си дојде на свое, се ќе биде како што треба да биде и се се случува со причина. Па, така каде и да ме однесе ова лудо време, така требало да биде.“

Не користи премногу хаштази, нема навика, но се потруди и издвои неколку од оние кои ретко ги става на фотографиите:

#singer #teamwork #stylish #proudofmywork


Ивана Мисајловска 

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: