По 31 година, лабрадорот повеќе не е најпопуларна раса: Еве кое куче моментално е број еден (ФОТО)
Лабрадорот повеќе не е на тронот...
Симпатичниот лабрадор повеќе не е најпопуларна раса во Соединетите Американски Држави, бидејќи француските булдози го зазедоа првото место, објави во средата Американскиот кинолошки сојуз. Лабрадорот, според податоците на организацијата со седиште во Њујорк, 31 година била најпопуларна раса, сѐ до 2022 година.
Но, „французите“, „долги години тивко се качуваа на листата“, стои во соопштението. Расата на овие мали кучиња, кои како лабрадорите се сметаат за одлични семејни миленичиња, организацијата ја опишува како „единствена“, а нивен заштитен знак се „големите уши слични на лилјак“.
„Добро се согласуваат со другите животни и уживаат во создавањето нови пријатели помеѓу луѓето“ - велат од организацијата, додавајќи дека не е ни чудно што жителите на градовите од Париз до Пеорија се „колнат“ во оваа многу забавна и дружељубива раса. Освен француските булдози и лабрадорите, помеѓу петте најпопуларни раси во 2022 година се и златните ретривери, германските овчари и пудлите.
Француските булдози, како и нивните англиски роднини и мопс, имаат кратки муцки, што може да доведе до проблеми со дишењето и други здравствени компликации. Тие се најдоа на насловните страници во 2021 година, кога двата француски булдози на поп-ѕвездата Лејди Гага беа украдени од вооружени напаѓачи, додека биле на прошетка со личноста која се грижела за нив.
Подоцна беа вратени, а тројцата разбојници беа фатени и затворени поради инцидентот во кој била застрелана личноста која ги шетала кучињата.
фото: Принтскрин / Инстаграм