Подготвени сме да блеснеме во Ереван: Лара, Ирина и Јован за „Хаштаг“, директно од Јуниорскиот Евросонг во Ерменија

Подготвени сме да блеснеме во Ереван: Лара, Ирина и Јован за „Хаштаг“, директно од Јуниорскиот Евросонг во Ерменија

Објавена во: Stars // Интервјуа

Нема кој деновиве, барем што се однесува до младите не си ја потпевнува „Животот е пред мене“, песна која е вистински хит, а ја пеат Лара Трпческа, Ирина Давидовска и Јован Јакимовски. Македонските претставници на Јуниорскиот Евросонг се веќе стасани на терен, во Ереван, и на Европа ќе ѝ покажат со колку љубов и професионализам се подготвија за овој настап. Песната е создадена од семејството Трпчески, автор на музиката е нашиот пијанист со светски успеси Симон Трпчески, таткото на Лара, текстот е на Јован Трпчески, неговиот брат и Лара Трпческа, а аранжманот и продукцијата се на Дарко Димитров. Лара во ова интервју, во нејзино имеи во име на своите другари ја раскажа целата приказна, како со Ирина и Јован станале тим. Ирина е инаку успешна пијанистка, Лара успешна виолинистка, а Јован првак во хип-хоп и самото ова кажува дека се тим кој победува. 

# Подготвени ли сте да ѝ го покажате на Ерменија, и на Европа она што го знаете, со какви очекувања заминавте во Ереван?

- Во Ерменија одиме пред сè за една прекрасна дружба и помеѓу нас во тимот, но и со другите учесници од оваа година, ќе имаме една прекрасно помината недела, прекрасно патување, додека пак за настапот ќе дадеме сè од себе да изгледа прекрасно и да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло. 

# Кој ве придружува на ова патување од возрасните?

- Во Ереван освен целиот тим што работеше напорно со нас изминативе месеци, се и уште неколку членови од нашите семејства за поддршка.

# Како се споивте вие тројца, се знаевте ли од порано?

- Јас и Ирина се знаеме уште од 2018, кога учествувавме во првиот детски мјузикл, „Земја во која не се стигнува”, а оттогаш дружбата продолжи. Првичната идеја беше да одам сама на аудицијата во МРТ а таа како другарка да биде дел од пратечките вокали. Но, заради правилата и краткото време, одлучив да се пријавиме двете, за сепак да сме заедно, токму заради дружбата. Додека пак со Јован се запознавме кога почнаа припремите за Ереван, и не се знаеме многу долго време, но и со него одлично се склопивме така што за целата ситуација ми е многу мило и сега сме спремни да блеснеме во Ереван, заедно со нашите танчерки, Мила и Сандра, кои се добитнички на многу меѓународни награди по танцување.

# Колку ви се смени секојдневниот живот откако почнавте да се подготовувате за Евровизија, како сега ве гледаат на училиште, во друштво?

- Ова навистина е искуство што се случува еднаш во животот, и поради обврските отсуствував од училиште прилично, но во секој момент имав најголема поддршка и од наставниците и од соучениците,за што сум им благодарна. Сите едвај чекаат да ме видат на сцената во  Ереван, а јас едвај чекам да застанам на неа.

# Трпеа ли училишните обврски?

- Па морам да кажам дека моето училиште, IPS навистина ми пружи шанса да им се посветам на обврските за Евровизија, пред се затоа што сите се многу среќни и возбудени што јас ќе ја претставувам Македонија, додека пак училишните обврски се трудам да ги балансирам во целиот овој период. Засега се справувам одлично. Останатото ќе го дополнам и надокнадам кога ќе се вратам од Ерменија. Засега максимално уживам во секој момент од ова доживување.

# Лара, колку искуството на татко ти помогна во овој натпревар. што научи од него за ова  време додека се подготвувавте? 

- Татко ми ми беше поддршка уште од самиот почеток и навистина се посвети и како автор, но и како дел од тимот. Со мене работеше и ми помагаше за сè што беше потребно и навистина се потруди да ме убеди дека сето ова е пред сè една прилика за уживање и поминување време со тимот и другите учесници, но во ниеден момент не забораваше да ме потсети и на одговорноста. 

Милица Џаровска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: