Помеланхолична од било кога: Во што лежи клучот за (не)успехот на Били Ајлиш?
Непишаното правило вели дека вториот студиски албум на поп изведувачот, воедно е и неговиот најуспешен, особено доколку првиот студиски проект го вивнал во ѕвездите, исто како што е случајот со веројатно и најголемата тинејџ ѕвезда на денешницата - Били Ајлиш. Сепак, „Happier Than Ever“, судејќи по сè, нема да потврди ова.
Доколку се остават настрана настојувањата на конкурентските обожаватели кои даваат сè од себе за другите изведувачи кои ги сметаат за конкуренти на своите миленици да ги претстават како неуспешни, валидни причини за опишување на овој албум како недоволно успешен нема, освен една, а тоа се изневерените очекувања.
Рака на срце, „When We All Fall Asleep, Where Do We Go?“, по сите параметри помина подобро на топ листите од „Happier That Ever“, како што и успехот на најголемиот хит од првиот („Bad Guy“) е немерлив со оној кој го имаше најголемиот хит од вториот („Therefore I Am“), без разлика дали станува збор за бројот на продадени примероци, пик-позиција или бројот на неделите во кои се задржа на топ-листите. Сепак, земајќи ги предвид сите наведени ставки, вториот албум може само да се нарече помалку успешен од првиот, но никако не и неуспешен.
Клучот на слабиот одзив на вториот студиски проект можеби лежи во самата (не толку вешто промислена) промоција на истиот. На крилјата на успехот на првиот албум, како и двата хита кои ги објави во периодот помеѓу двете ЦД-ња, од што еден е снимен за најавата на новиот филм за Џејмс Бонд, Били можеше без помпа да го објави албумот и да - многу веројатно - постоигне подобри бројки од оние кои ги доби на крајот. Сепак, одлуката за промоцијата да ја развлече во текот на една цела година, ја стишуваше возбудата, а за тоа секако допринесе и самиот избор на синглови (дури шест од нив) од кои скоро секој од нив послабо допираше до слушателите од претходниот. На крајот Ајлиш можеше да смета на своите верни обожаватели, додека пошироката публика полека, но сигурно го изгубила интересот за она што има да го понуди пејачката, бидејќи дури третина од албумот не ѝ се допадна. За среќа, обожавателите на 19-годишната ѕвезда се во толкав голем број, што ѝ обезбедија прво место на Топ 200 листата на Билборд на најпродавани албуми и тоа три недели по ред.
Меѓутоа, и помеѓу нив се најдоа одреден број на незадоволни, бидејќи Били преку ноќ од една од модно најоткачените девојки на светот, која „оверзајзот“ го доведе на пиедесталот и наметна нов тренд на облекување кај тинејџерките во светот, почна да носи карирани џемпери со панталони, додека впечатливата црно-зелена коса ја замени со платинесто руса, како што има и секоја втора поп - ѕвезда. „Здодевни сте и неинспиративни и ти и твојата музика“ - ѝ пишуваа обожавателите, на што таа шеговито одговори дека не може да остане „луда девојка“ засекогаш.
Токму и во тоа лежи одговорот на сите поранешни прашања. Били Ајлиш, едноставно кажано, порасна побрзо отколку публиката која ја доведе до ѕвездениот статус и тука настана целата таа бесмислена збрка околу (не)успехот кој со бројките кои ги постигна во 2021 година.
„Можеби 19 - годишната Били загуби во битката со самата себе на 17 - годишна возраст, но кој вели дека таа воопшто го започнала тој маратон?“
Во период кога на прво место секоја недела се наоѓа друга личност, а потоа следната година никој не се ни сеќава на нејзиното име, можеби единствениот валиден параметар за упехот еборјот луѓе кои се подготвени да издвојат пари за карта за концерт, а Ајлиш, што се однесува до тоа, е „мирна“ уште неколку години и така и без издаден албум може неколку пати да заобиколи земјината топка со настапи и сигурно во најголем број случаи би се барале карти повеќе за нејзините настапи.
„Happier Than Ever“, за разлика од претходниот, е попогоден за помали концертни сали, отколку за големи арени. Били и нејзиниот брат, согласно распонот и силината на нејзиниот глас, направија добитна формула за минималистичка продукција која не се заканува да го „проголта“ нејзиниот глас, а со овој албум отидоа и чекор напред, ставајќи ги мелодиите и битовите во уште попоредена положба во однос на она што Ајлиш има да го порача со самите текстови.
„When We All Fall Asleep, Where Do We Go?“ воглавно е базирана на трето лице, бидејќи поради недоволното животно искуство се ставив во кожата на другите луѓе и пеев за ситуациите кои ги немам доживеано. „Happier Than Ever“ е многу полична исповед и наспроти самиот назив, помеланхолична“ - истакна пејачката во едно од интервјуата.
Две теми се издвојуваат како доминантни: растењето и товарот кој го носи популарноста. Били размислува за начинот на кој се промениле луѓето околу неа од моментот кога станала „it girl“ и колку ѝ е тешко да процени дали некој е тука поради неа самата или поради нејзиниот статус. Особено се интересни моментите во кои Ајлиш ги наведува сите причини поради кои ѝ е оневозможено да создаде нови пријателства и воопшто доверба во личноста која се наоѓа спроти неа („NDA“, „I did't Change My Number“, „Male Fantasy“). И покрај годините, таа длабоко размислува за стареењето („Getting Older“, „Мy Future“, „Everybody Dies“), што и не изнеадува кога ќе се земе предвид повеќедецениското одбивање на јавноста да го прифати созревањето на оние кои го добиле статусот тинејџ ѕвезди. Тоа созревање се гледа и во досега неприсутните теми во нејзиниот опус, како што се изразените сексуални алузии („Billie Bossa Nova“, „Male Fantasy“), но и суровата критика на јавноста упатена на сметка на непримерното коментирање на нејзиното тело („Not My Responsibility“, „Overheated“).
Најголемо внимание секако предизвикаа песните кои се занимаваат со турбулентната емотивна врска со пет години постариот Брендон Адамс, што, помеѓу останатото беше и отскочна даска за објавениот документарец „The World's a Little Blurry“. Иако во првата песна на албумот („Getting Older“) експлицитно порачува дека „нејзиниот избор бил да биде злоставувана“, како и дека „сега е време да зборува за тоа“, Ајлиш до последната песна не зборува толку отворено за тоа, иако целата приказна може да се изгради од алузиите што се расфрлани низ албумот („I Didn’t Change My Number“, „Lost Cause“, „Your Power“, „Happier Than Ever“, „Male Fantasy“). Стиховите во кои зборува за тоа како нејзиниот партнер наводно не знаел дека го крши законот поради врската со малолетничка, додека таа „од неговата постела заминува на училиште“, се вбројува во насилните на албумот, бидејќи ниту една поп - ѕвезда, не се занимавала со оваа тема на толку болно впечатлив начин.
Кога ќе се соберат и одземат работите, „Happier Than Ever“ е секако помалку приемчив, незаборавен, имагинативен и енергичен од претходникот, но треба да го пофалиме тоа што Били се тргна од сигурноста и на публиката ѝ понуди уште еден дел од себе.
Извор: teenstar.rs