Поради војната во Украина, бев принудена да го напуштам домот: Познатата блогерка истакна дека видеата од Македонија се скапоцено богатство
За да станете добар блогер, треба да имате добра интуиција, да ги чувствувате потребите на публиката, да имате креативни идеи, да не се плашите да изгледате смешно, да бидете искрени, вели блогерката Јанина Злебова.
Да се работи како блогер значи да се забавувате, да се впуштите во авантура, но има и можност да се заработи. Нашата соговорничка е родена во украинскиот град Киев, има 31 година, поседува универзитетска диплома за издаваштво и почнала да се занимава со блогерството како хоби. Сега престојува во Македонија и раскажува дека почнала со работа пред 7 години. На почетокот немала заработка, туку се ангажирала за да го исполни слободното време.
„Мојот YouTube канал го водам од 2015 година. Се вика „Јанина Злебова – блогер УА“. Оваа активност ја започнав како хоби. Првите видеа беа за козметика. Не донесе приход, беше за забава. Во 2016 година отворив втор канал. Тој е за моите животни. Името на вториот канал е SvinkiShow. Вториот канал брзо се здоби со популарност, сега имам 157 илјади претплатници и повеќе од 26 милиони прегледи на сите видеа на SvinkiShow. Кога каналот за животни почна да се здобива со популарност, почнав да ги добивам првите пари од оваа активност. YouTube има програма за монетизација каде што можете да се придружите и да добивате плата за прегледи на вашите видеа. Овие видеа не смеат да ги прекршуваат правилата на платформата YouTube, мора да бидат авторска содржина. Можете исто така да заработите пари од реклами поставени од огласувачи во видеата. Не ја преземам целата реклама што се нуди, за да не ја изгубам довербата кај публиката. Мојата репутација ми е поважна од парите. На крајот на краиштата, тие често нудат да рекламираат штетни или лоши производи, а за ова нудат многу пари. Прифаќам само квалитетни предлози. На пример, на мојот канал за животни, рекламирав продавница за миленичиња. Сметам дека ова е соодветна соработка“ - раскажува Злебова.
За себе вели дека ја сака својата работа и дека многу е важно каква идеја имате, какви материјали креирате и која ви е целната публика со која сакате да комуницирате. Поради војната, блогерката беше принудена да ја напушти својата родна земја, а патот ја донесе и во Македонија. Вели дека македонските граѓани се гостопримливи за што е искрено благодарна.
„Сега, поради војната на Русија во Украина, бев принудена да го напуштам домот. Моите животни останаа дома. Решив да снимам видео за моите авантури на каналот на Јанина Злебова - блогер УА. Ова е формат на видео дневник. Во текот на 4-те месеци од моето патување посетив 7 земји - Полска, Австрија, Словенија, Хрватска, Турција, Бугарија и Македонија. Ми се допадна Македонија. Останувам овде неколку месеци. Тука се чувствувам безбедно и многу сум благодарна на оваа земја за гостопримството. Моите видеа од ова патување се скапоцено богатство. Еве нови впечатоци од нови земји и носталгија. Со снимање видеа, можам и да заработам пари и да му помагам на моето семејство во Украина. YouTube овозможува да заработите пари од каде било на планетата, главната работа е да имате Интернет и желба да споделувате информации со публиката“ - објаснува Злебова.
Вели дека блогерите се соочуваат со голема конкуренција и треба да бидат оригинали за да го задржат вниманието на публиката.
„Има голема конкуренција меѓу блогерите, но секогаш можете да ја најдете вашата публика. Секогаш има луѓе на кои им се допаѓаш. Тешко е откако ќе ја пронајдете вашата публика да го задржите нејзиниот интерес. За ова, авторот на содржината користи нови формати и експерименти. Ја променив темата на блогот и тешко ми е да го привлечам вниманието на публиката. Претходно снимав за козметика и животни. Затоа, сега мојата главна задача е да му докажам на гледачот дека моите видеа се интересни за гледање. Патувањето е интересно. Не ми е тешко да ги комбинирам снимањето и патувањето, бидејќи тоа е дел од животот“ - рече Злебова.
Таа досега снимила повеќе видеа на различни локации во Скопје, каде ги претставува убавините на Водно, Старата чаршија и други места. Воедно при посета на градовите презентира и специјалити кои туристите можат да ги вкусат.
Сања Атанасовска