Посакувам светска слава за која нескромно мислам дека поседувам голем потенцијал: 11-годишната Тамара Грујевска за Хаштаг
Тамара Грујевска е 11-годишна девојка, која со својот раскошен глас ги освојува сите. Ученик е во шестто одделение во ОУ „Гоце Делчев“ во Гостивар, а паралелно е ученик во основното музичко училиште „Енфер Стафаи“, каде свири клавир и во музичкото училиште за соло пеење на Андријана Јаневска – отсек популарни светски жанрови.
Иако уште нема влезено ни во светот на тинејџерите, Тамара напорно работи на својот талент и е решена дека музиката ќе биде нејзиниот правец во животот. Сонува за светска кариерата, а дека сонот можеби ќе ѝ стане реалност, говори и тоа се труди и работи.
За Хаштаг открива кој го открил нејзиниот талент, со која македонски пејач или пејачка би сакала еден ден да сними дует, но и каде се гледа за 10 години.
# Кој ти ја пренесе љубовта кон музиката?
Љубовта кон музиката ми ја пренесе мојот татко кој долги години е музичар,тој ме внесе во светот на музиката и е многу голема поддршка за мене и несебично ми го покажува патот во светот на музиката.
# Кој го откри твојот талент? Кога за првпат сфати дека си талентирана за пеење?
Талентот го откри мојот татко, но и директорот на фестивалот „Јаболчиња “, Никола Тмница, кој ми овозможи повеќе настапи и преубави песнички на фестивалот, каде што се здобив со многу искуство. Иако самата веќе на 5 годишна возраст пројавив желба да пеам, така што по веќе 7 песнички испеани на „Јаболчиња “ имав желба да запеам и на „Златно Славејче“, секако и таа желба ми се оствари со песната „Малечка Самовила“. За моето учество на Фестивалот „Златно Славејче“ најзаслужен е Влатко Илиевски, тој ми ја исполни оваа желба.
# Досега имаш учествувано на многу фестивали и имаш освоено многу награди. Можеш ли да издвоиш некоја на која си особено горда и која ти е особено драга?
Можам да кажам дека 2021 година е мојата најуспешна година каде што учествував на три интернационални натпревари и фестивали каде што освоив највисоки награди, а тоа се Прво место Лауреат прв степен на Фестивалот „Езерски Бисери“ во Струга, освоив Гран при највисока награда на интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп и Гран при највисока награда на Фестивалот „Шкољкице“ во Нови Сад Србија со песната „Музиката во мене има дом“ од авторите Борче Шабановски и Валентин Соклевски. Бидејќи се со истата песна, од таа причина овие две награди ми се навистина драги, а за оваа песна снимивме и видео запис со Прокам продукција.
# Што е следно на листата? Се подготвуваш ли за некој друг фестивал?
Следен настап ми е на најголемиот Фестивал „Golden Stars Rain“ во Владимир, Русија кој важи за еден од најдобрите и најквалитетни фестивали во светот, кој ќе се одржува од 31 јануари до 7 февруари 2022 година, во навистина силна конкуренција од околу 150 натпреварувачи од целиот свет. Со големо задоволство ја прифатив поканата од организаторите на фестивалот, да ја претставам Македонија со две песни, „I Have Nothing“ од Витни Хјустон и „Црно и бело“ од Калиопи. Тимот, воедно и организатор со кој ќе патувам и учествувам е господинот Марјан Катароски кој е претседател на WAF Светската асоцијација на фестивали. Верувам дека успешно ќе ја претставам Македонија и во иднина ветувам, многу настапи, фестивали, натпревари, насекаде во светот. Планирам нови песни и спотови. Сакам Македонија да се гордее со мене.
# Кој е твој идол кога е музиката во прашање? Како кариерата на која пејачка или пејач би сакала да биде твојата?
Мојот идол е Витни Хјустон, пејачка која навистина ја обожувам и најмногу ги пеам нејзините песни, но секако тука се и други популарни странски пејачки како што се Селин Дион, Џенифер Хадсон, Деми Ловато, Бијонсе, Ариана Гранде и македонски пејачки Андријана Јаневска, Тамара Тодевска, Калиопи и Александра Јанева.
# Имаш ли желба да снимиш дует со некое познато име од македонското естрадно небо?
Да, се разбира имам желба и сонувам еден ден да снимам дует со популарна пејачка или пејач од Македонија, а тоа би биле Влатко Лозаноски Лозано и Антонија Гиговска.
# Дали можеби размислуваш да се пријавиш на некое музичко шоу или пак полека, но сигурно самостојно ќе се бориш за своето место на музичкото небо?
Да, навистина имам мотив и волја сериозно да чекорам во светот на музиката и преку интернационални фестивали, но и преку музички шоуа, сериозно размислувам и за учество „Ѕвездичките на Пинк“, но и имам желба да ја претставувам Македонија на детски Евросонг.
# Каде се гледаш за десет години?
Себеси за десет години се гледам на врвот на македонската, балканската, но и светската сцена, реално сакам да создадам три албуми позади мене, од еминентни автори, безброј награди и гостувања, сонувам најпрво да бидам победник на Макфест и и на други светски фестивали. Посакувам светска слава, за која нескромно мислам дека поседувам голем потенцијал на кој ќе придодадам многу вежбање и голем труд.
И. Мисајловска