Преку ноќ нема ништо да промениме, но мора да бидеме упорни: Интервју со Марко Балоски - „Еко амбасадорот“ на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“

Преку ноќ нема ништо да промениме, но мора да бидеме упорни: Интервју со Марко Балоски - „Еко амбасадорот“ на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“

Објавена во: Stars // Интервјуа

Марко Балоски е 14-годишно момче, ученик во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Оваа година му е последна од основното образование и полека почнува да се подготвува за предизвиците кои го очекуваа во средно. Омилени предмети му се природните науки - Биологија, Хемија и Физика.

Во јавноста Марко се истакна како тинејџерот кој преку едукативни видеа се труди да ја подига свеста за заштита на животната околина, а воедно е избран и за „Еко амбасадор“ во своето училиште - улога која навистина му годи, но и која носи големи одговорности со себе.

Освен со оваа активност, слободно време го користи за дружба со пријателите, слушање на квалитетна музика и читање добри книга. Марко ни откри дека веќе 3 години свири мандолина и дека е член на мандолискиот оркестар „Скопје“.

# Како дојде на идеја да почнеш да ги снимаш видеата во кои сакаш да ја подигнеш свеста за заштитата на животната околина?

- Сѐ започна кога бев во село Луково, каде живеат баба ми и дедо ми. Беше кон крајот на февруари кога јас бев изолиран во Луково поради почетокот на пандемијата со Корона вирусот. Бев опкружен со прекрасна природа која прераснуваше во земјиште полно со хартивчиња и пластични шишиња. Запрепастен од начинот на однесување, решив да преземам нешто во мои раце. Инспириран, го направив моето прво видео каде кажувам за тоа како НЕ треба да се однесуваме со природата и како да ја подигнеме нашата свест за заштита на планетата бидејќи, за жал резервна немаме.


# Дали сметаш дека социјалните мрежи се единствениот начин за да се допре до твоите врсници?

- Во денешно време интернетот и социјалните мрежи ни овозможуваат голем пристап на информации. За почеток како добри пренесувачи на информации ги одбрав социјалните мрежи, но секако дека тоа не е единствениот начин. Иницијатор сум за многу еколошки акции и предавања во рамките во моето друштво, училиштето, а и пошироко. 

# Дали досега забележа разлика во однесувањето на твоите врсници, барем кога е твоето опкружување во прашање?

- За секоја промена потребно е свое време, труд и внимание. Преку ноќ ништо нема да промениме, но мора да бидеме упорни и да не се откажеме од борбата за почиста животна средина. Особено ако не го промениме начинот на однесување кој ни е потребен за да стигнеме до целта. Не треба да очекуваме промени доколку ние самите не ги промениме нашите навики на однесување. 

Да, промените стануваат видливи, со сѐ помалку и помалку исклучоци, во моето присуство, а  искрено се надевам и надвор од него. Во глобала менталитетот е тој, има за промена, но тоа не претставува предизвик да се откажам од мојата цел.

# Дали твоите пријатели ти помагаат кога е создавањето на видео содржините?

- Се подразбира, имам поддршка пред се од моите најблиски:  сестра ми, мајка ми, татко ми. Но, сакам да упатам и голема благодарност до мојот пријател Бојан, мојата десна рака кој се погрижи за еден куп работи во кои и снимањето и монтирањето на самите видеа. 

# Имаш учествувано и на многу натпревари по биологија, како на државни, така и на регионални. Имаш ли некоја награда која ти е омилена?

- Веќе 5-та година  активно учествувам на натпреварите по биологија. Секоја награда која ја добивам ми е омилена, таа е доказ за моето напредување во знаењето и добивам уште поголема  мотивација да станам подобра верзија од себе си.

# Прогласен си за „Еко амбасадор“ во твоето училиште. Колку ти годи оваа титула и колкава одговорност носи истата?

- Оваа титула носи голема одговорност, посветеност и ангажман и навистина се радувам кога моите пријатели од моето училиште, но и од други училишта и ми се приклучуваат и заедно се бориме за почиста животна средина. Во блиска иднина се надевам дека ние младите ќе бидеме во уште поголем број и ќе можеме да организираме и акции за чистење.

# Настрана оваа твоја активност, што друго сакаш да правиш во слободно време. Дали имаш некое хоби?

- Моето хоби е да читам книги, спортувам и шетам. Љубител сум на планинарење и честo се искачувам на Водно, уживајќи и шетајќи во природата, која е мојата најголема инспирација и место за релаксација. Kaко што напоменав, веќе подолго време свирам во училиштниот оркестар во „Јохан Хајнрих Песталоци“, а по часовите музицирањето го продолжувам во познатиот мандолински оркестар „Скопје”.

# И како за крај, бидејќи моментално си 9-то одделение, имаш ли размислувано во која насока ќе се движи твоето образование?

- Сѐ уште е рано да одлучам, но што и да биде моето насочување, знам и свесен сум дека секогаш ќе ги негувам моите особини и љубовта кон природата.

Ивана Мисајловска


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: