Преку проектот „Сите сме различни, сите заедно сме Европа“ учениците од „Дрен“ ја посетија Португалија!
Веќе 3 години по ред, СЕПУГС Васил Антевски – Дрен заедно со четири партнер училишта од Турција, Шпанија, Португалија и Латвија, учествува во проект добиен преку Националаната агенција за европски образовни програми и мобилност на Република Македонија, во рамките на програмата Ерасмус +.
Името на проектот е „Сите сме различни, сите заедно сме Европа“ (WE ARE DIFFERENT, WE ARE EUROPE ALL TOGETHER), а идејата на истиот е учениците да се запознаат со различните култури на партнер државите и да го продлабочат знаењета за истите. Крајната цел на овој проект е да се зголеми културолошката свесност кај младата популација. Официјален јазик на проектот е англискиот, но со цел унапредување на другите јазици се користат и јазиците од сите партнер држави.
Училишниот психолог, Ива Стојановска ги води сите активности, секако со помош од тим составен од директорот Александар Канурков, Соња Панева (проф. по македонски јазик), Кристијан Стојановски (проф. по музика), Александар Мијоски (проф. по економски предмети), Викторија Постолова (проф. по математика) и Јасна Трајановска (проф. по право).
Последна во низата активности на учениците Мартин Николовски, Ѓорѓи Наумовски и Ангел Трифуновски, заедно со психологот Ива Стојановска и професорката Соња Панева, беше посетата на Португалија, односно малото место Коура.
На оваа четврта по ред мобилност, учениците биле сместени кај домаќини семејства, што помогнало дополнително да се запознаат со обичаите, културата, традицијата и секојдневните навики на едно Португалско семејство.
Ова патување освен што им донесе нови пријателства и знаења на учениците и професорите учесници од „Дрен“, исто така им даде можност да ја пренесат нашата култура. Со помош на слики и презентации „Дреновци“ го промовираа Градот Скопје, својата земја и училиште. Зборувајќи за македонската литература, преку македонската музика и на крајот со мала закуска со македонски ајвар и слатко од смокви, ги освоија сите присутни.
„Би сакале да ги охрабриме сите училишта кои досега не учествувале во проектите на Ерасмус+ програмата да се потрудат и да земат учество во истите, бидејќи бенефитот од истите е голем и може да се почувствува и види само доколку директно се земе учество“ – истакнуваат од СЕПУГС Васил Антевски Дрен.