Приказната за девојчето кое 20 луѓе одбиле да го посвојат кога имало само 13 дена
А, потоа во нејзиниот живот се појавил еден голем цар.
Почетокот на животот на Алба бил суров. Мајка и ја одбила кога лекарите и соопштиле дека родила ќерка со Даунов синдром. Тоа било прво во низата одбивања. Во Италија многу семејства сакаат да посвојат деца, но само здрави.
Кога Алба имала само 13 дена, 20 потенцијални семејства не сакале да ја посвојат, се додека не се појавил еден маж кој успеал да го промени нејзиниот, но и својот живот.
Лука Трапанезе отсекогаш сакал да биде татко. Сепак, законот во Италија е многу конзервативен и до 2017 година луѓето кои биле слободни не можеле да посвојуваат. Дури и кога тоа било законски дозволено и понатаму не било едноставно, бидејќи Лука имал 41 година и бил хомосексуалец.
Уште откако ја донел одлуката да посвои дете, знаел дека сака да се грижи за некој со здравствен проблем. Додека бил тинејџер, на неговиот најдобар другар му бил дијагностициран рак и Лука останал со него до самиот крај. Ја видел и ја почувствувал болката, очајот и стравот и знаел дека својот живот сака да го посвети помагајќи им на оние на кои им е потребна помош.
Волонтирал во локалната црква и им помагал на тешко болните луѓе. Кога добил можност да посвои дете со Даунов синдром не се двоумел ни секунда, знаел дека е подготвен и дека најдобро ќе се грижи за детето.
Кога му заѕвонел телефонот, летал до болницата. Таму првпат ја сретнал малта принцеза во креветот и моментално почувствувал посебна врска која може да ја има само родител и дете.
Алба денес има повеќе од две години и насмевка која не ја симнува од лицето, исто како и нејзиниот татко. Со него го добила семејството кое ја сака, пријатели, баба и дедо, вујко и безкрајна љубов.
Многу светски медиуми ја пренесоа неговата приказна, а Лука објави и книга „Родена за мене“, во која го опишува процесот кој го поминал за да стане татко на Алба. Во едно интервју кое го даде рече дека неговиот случај е посебен, бидејќи „руши стереотипите за татковството, религијата и семејството“.