Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Објавена во: После „Школо“ // PR

„Литература.мк“ ја објави целосната програма за првото издание на новиот фестивал за литература и општа култура „ВИДИК“, што ќе трае од 16 мај до 16 јуни 2024 година.

На публиката ќе ѝ се понуди квалитетна содржина и непосреден контакт со најактуелните домашни и регионални автори и проекти од областа на културата. На програмата се промоции на книги за возрасни и за деца, музички настапи, театарски изведби, изложби на слики и илустрации, проекции на документарци и мултимедијални презентации.

„Литература.мк“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, нуди богата книжевна програма, како и мултимедијални настани инспирирани од изданијата на „Арс Ламина“. Вечерва, на првата фестивалска вечер ќе ги видиме реномираните книжевници Зоран Анчевски, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска, како и познатиот скопски состав „Акварела“ (Aquarela), што ќе ги изведе најубавите боса нова стандарди.

На следните фестивалски вечери дел од програма се реномирани книжевни имиња, меѓу кои Никола Маџиров, еден од најпознатите и најпреведуваните македонски поети во светот, црногорскиот писател Никола Николиќ и македонската писателка, книжевна преведувачка и професорка Румена Бужаровска, како и Јована Матевска Атанасова, добитничката на книжевната награда „Пегаз“ за 2023 година, младата авторка Маја Мишевска и мегапопуларниот автор Зоран Спасов-Ѕоф.

За концертната програма „Литература.мк“, во партнерство со радиото „Џез ФМ“, ги носи Мухамед Ибрахими – македонскиот скриен гитарски бисер, групата „Шлиц“ (Schlitz) – која ја предводи нашиот музички феномен Џијан Емин, групата на лимени дувачки инструменти во оркестарот на Македонската филхармонија – „Фамилија Металковци“, еден од најнадежните македонски музички состави „Мојра“, џез-составот „Парусион груп“, еден од првите блуз-состави во Македонија – „The Wild Bunch“, фанк-диџејот Џорџ Цветковски и Дарко Марковски, кој повеќе од 30 години е препознатлив диџеј, радиоводител, продуцент и промотор.

Од театарскиот свет ни доаѓаат реномираниот македонски театарски, филмски и телевизиски глумец – Александар Микиќ, популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски, како и режисерката Тамара Стојаноска и алтернативниот актер и музичар Лео Поповиќ.

Целосните детали за програмата се објавени на www.literatura.mk/vidik. За присуство на концертните и театарските настани потребен е билет и резервација на 070/585-021. Сите заинтересирани можат да купат билети во книжарниците „Литература.мк“ во Скопје, како и онлајн преку www.literatura.mk.

„Литература.мк“ ги повикува сите заинтересирани да бидат дел од свежата и динамична атмосфера на новиот фестивал за литература и општа култура „Видик“, која ветува проширување на културните видици и обединување на безграничните хоризонти на литературата, музиката, театарот, сликарството, филмот и дизајнот!
*пр-објава

Објавена во: После „Школо“ // PR

Можеби ќе ве интересира: