Сакав да ја доловам болката на сите луѓе кои страдале во холокаустот: Интервју со младиот битолчанец Давид Козаров

Сакав да ја доловам болката на сите луѓе кои страдале во холокаустот: Интервју со младиот битолчанец Давид Козаров

Објавена во: Stars // Интервјуа

Документарниот филм кој го привлекува вниманието на јавноста последниот период, е дело на младиот битолчанец Давид Козаров, филм снимен по повод Меѓународниот ден на холокаустот. Филмот е со наслов „Писмо” и на 29-то издание на ФАДФ „Камера 300“ ја доби Плакетата на УНИКА.

Претходно на само 14 години Давид направи документарен филм за Народниот херој Стив Наумов. Токму овој филм кој доби многу позитивни реакции го охрабри да одговори на државниот конкурс за аматерски документарен филм на темата холокауст.

- „На овај филм му претходеше еден краток документарен филм кој го работевме во основното училиште со мојата наставничка по македонски јазик и беше мислам втор филм воопшто што се снимил за народниот херој Стив Наумов. Тој доби многу позитивни реакции и ме охрабри следно да одговорам на една провокација од државен конкурс за аматерски документарен филм на темата на холокаустот. Тогашната наставничка ми нафрли неколку идеи, нејзини искуства на темата и ми претстави некои слични проекти. Потоа настапи пандемијата, време во кое се запре, за сосема случајно по една година, ми дојде инспирација да го пишувам сценариото, да речеме првата верзија ја напишав во една вечер, потоа со помош на Магдалена Сајкова го усовршивме и доработивме до финална верзија.“ - открива Давид.

Во филмот се користени архивски снимки и документи.

Филмот е работен за преживеаните Евреи од холокаустот и целта на Давид е да ги доближи луѓето до тоа кои се трајните последици кои ги оставил холокаустот на човештвото, на некој начин сака да ја долови болката на сите луѓе кои страдале во холокаустот преку еден човек. 

# Филмот го подготвуваше сам, но со многу вистински луѓе околу него. Кој се ти помогна додека го работеше филмот?

- Околу сценариото и подготовките ми помогна Магдалена Сајкова, околу некои снимки кои беа направени со дрон, мојот брат Дамјан Козаров. Исто така само со еден телефонски разговор, го замоливме господинот Борис Чоревски, доајенот на битолскиот театар, да ја сработи главната улога - нараторот во филмот, со што мислам дека истиот доби посебна тежина, а на што особено му сум благодарен. Сето тоа го сместивме, со дозвола на одговорните на Завод Музеј Битола, во битолската соба - најубавата поставка во Музејот, со што филмот доби и своја рамка во простор и време. 

# Како доаѓаше до материјалите?

- За оваа тема има доста пишуван материјал, архивски снимки и документи, затоа што еврејската заедница во Македонија, особено во Битола била активна и го сочинувала јадрото на градското живеење низ вековите, како и почетокот на XXвек. Жално е што само со една морбидна одлука, цело еврејско битолско население, преку ноќ, е собрано во товарни вагони и испратено во Треблинка, од каде никој не се вратил жив. 

Другиот материјал се мои видеа правени со дрон и камера, фотографии од сегашноста кои ги поткрепуваат документите, автентичните места и спомените за еврејското население во Битола.

# Што за тебе претставува наградата на последното издание на Фестивалот за документарен филм?

- Нескромно ќе звучи, но особено сум среќен. Тоа е огромно достигнување за многумина, а еве ми се случи мене, со што ми се даде признание за трудот кој го вложив во изработката на филмот.

# Која е пораката во филмот?

- Филмот беше работен за преживеаните Евреи од холокаустот и целта ми беше да ги доближам луѓето до тоа кои се трајните последиците кој ги оставил холокаустот на човештвото, на некој начин сакав да ја доловам болката на сите луѓе кои страдале во холокаустот преку еден човек. Филмот носи една силна порака односно никогаш да не се повтори.

# Кога пројави интерес за филмската уметност?

- Желбата за снимање и сликање ја имам уште од детството, но главно интересот ми се јави во осмо одделение кога го изработив мојот прв филм во чест на Стив Наумов. За него веќе ви кажав погоре, истиот имаше проекција на одбележувањето на патрониот празник на моето училиште и беше работен врз интервју со внукот на Стив, Стефан Божиновски.

# Покрај интересот за филмската уметност, се занимаваш и со фотографија и си член на фото и кино клубот во Битола - Народна Техника. Како започна приказната со љубовта кон фотографијата и што најчесто фотографираш?

- Нема некоја посебна приказна како започна мојата љубов кон фотографијата, тоа започна во екот на пандемијата, на некој начин го гледав како активност која ме исполнува.

Неда Маретиќ


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: