Се гледам како моден дизајнер: 13 - годишниот Зоран од Дабиле сонува за работа во Милано
Зоран Христов е 13 - годишно момче кое учи во ОУ „Свети Кирил и Методија“, Дабиле, Струмица. Ова момче се издвојува групата ученици по својот талент - цртањето.
Се започнало во 2015 година кога неговиот татко му ги покажал модни скици кои ги работел додека студирал. Најпрво правел модни цртежи, а потоа се префрлил на чевлите. Донатела Версаче му е идол за креирање на модни скици.
„Инспирација црпам од моите чувства додека цртам и се она што мислам дека е исправно за една артистичка слика“ - беше искрено ова талентирано момче.
Најмногу сака да црта слики кои кога останатите луѓе ќе ги видат веднаш ќе се заљубат во нив. „Најдрагоцена слика која ја имам нацртано е онаа за роденденот на мајка ми и истата се вика 'mom's love'.“ - беше искрен Зоран.
Има учествувано на многу натпревари и вели дека кога изработува слика за натпревар посебно се фокусира и внимава да биде совршена. „Досега имам освоено над 20 први места и сум навистина среќен кога некој сака да ги поддржи моите дела“ - отворено си раскажа.
Тој е примерен ученик и за себе вели дека не сака да има ниту една грешка во задачите кои ги извршува, како за обврските поврзани со училиште, така и за оние со цртањето.
Неговите другарчиња се горди на него, а тој е секогаш подготвен да им помогне во било кое време.
„За 10 години се гледам како моден дизајнер во голема модна куќа во Милано, Италија.“ - нескромно изјави Зоран, а кога ќе ги погледнеме неговите скици не би не изненадило доколку овие негови соништа се исполнат.
Ивана Мисајловска