Се трудам да станам фудбалер кој ќе освојува терени: Алек Бабунски, младиот талент од ФК Вардар
Алек Бабунски веќе четири години гордо го носи дресот на ФК Вардар, фудбалскиот клуб за кој се дава максимално и на терен. Има 11 години и е ученик во основното училиште „Драга Стојановска“.
Седум години веќе не го менува клубот, како што не го менува ниту својот идол – Лионел Меси. Игра на позиција десен бек. Вели дека љубовта кон овој спорт му пренел неговиот братучед, кој исто така успешно плива во овие води.
„Љубовта кон фудбалот ја наследив од мојот братучед Стефан Бабунски, кој игра за Академија Пандев. Сега тој не е единствениот фудбалер во семејството.“ – се пошегува Алек.
Без разлика со што и да се занимаваш или пак доволно е само да излезеш од дома и може да ти случи некоја анегдота. Една таква, но од теренот ни раскажа и овој млад фудбалер:
„На терен ми се имаат случено повеќе анегдоти, но ќе издвојам една. Еднаш на еден натпревар во дуел со противничкиот играч ни се исплеткаа врвките од копачките. Беше мошне интересно и за двајцата, но и за публиката.“ – беше искрен Алек.
Кога е спортот во прашање поддршка добива и од неговите најблиски пријатели, соученици и секако најмногу од семејството.
„На моите соученици им е мило што јас играм за ФК Вардар, како наш најтрофеен клуб. Мојот најверен другар, Марко Стојмиров кој тренира теквондо ми е најголема поддршка, заедно со моето семејство.“ – ни откри 11 – годишното момче.
Освен што се интересира за училиштето и фудбалот, Алек своето слободно време го користи и за да „гејма“, односно игра видеоигри. Секако ова му е само хоби, бидејќи во и во иднина сака да се занимава со фудбалот.
„За десет години сакам да бидам фудбалер кој ќе освојува терени и освојува титули со клубот.“ – истакна тој, а за крај ни откри и кој хаштаг најчесто го користи: #кајсибебрат.
И. Мисајловска