Сите ја знаеме „Марионка“, но кој е всушност Васил Гарванлиев?
По конечната одлука на МРТВ и годинава на „Евросонг“ да не’ претставува Васил Гарванлиев, јавноста не престанува да го коментира изборот на националниот сервис токму овој пејач да патува во Ротердам и да ги брани боите на нашата земја на најголемото европско музичко натпреварување.
Македонија ја слушна евровизиската песна „Here I stand“ со која Гарванлиев ќе нѐ претставува во Холандија. Музиката и текстот се на Васил, додека аранжманот и продукцијата се дело на Борче Кузмановски и Давор Јордановски.
Но, испадна дека спотот е спорен поради еден кадар во кој се гледа уметничка поставка која личи на бугарското знаме. Од тимот на Васил го исекоа тој кадар, но потоа се појави видео каде Гарванлиев кажува дека има бугарски пасош...
Гарванлиев ни е познат уште од најрана возраст, кога на само седум години го испеа познатиот детски евергрин „Марионка“ на фестивалот „Златно славејче“.На 12 години заедно со неговото семејство се селат во САД каде станува дел од светски познатиот детски хор во Чикаго. Во неговата биографија стои дека образованието по соло и оперско пеење го стекнува на некои од најпрестижните музички школи во светот, вклучувајќи ги „Академијата Лирика“ во Милано, престижниот Кралски Консерваториум и Оперската Школа при Универзитетот на Торонто во Канада.
Прогласен за најмлад, но и еден од најбараните баритони во Канада, тој за време на својата дваесет и пет годишна кариера има испеано над 50 главни оперски улоги, меѓу кои се Дон Џовани, Фигаро, и Лепорело, и како солист во најеминентните фестивали во светот како Банф, Малборо, Бритен-Пеарс и Грахтен.Неговиот вонсерски талент наводно го препознале и голем број светски музичи ѕвезди меѓу кои Chance the Rapper и YoYo Ma.
Во 2018та година, Васил одлучува да се врати во Македонија, посветувајќи се на креирање автентична музика инспирирана од македонските корени.Неговото враќање во Македонија е одбележано со песните „Ѓердан“, „Патувам“ и „Мојата Улица“, надополнети со извонредниот акустичен концерт во живо со сплет на македонски евергрини (Дом. Патување. Љубов.) како и голем солистички концерт насловен „Мојата Улица“ во Струмица.
- Да бидам избран од страна на МРТВ како преставник на Македонија на овогодинешната Евровизија во Ротердам, за мене преставува огромна чест, но и одговорност. Ќе дадам се’ од себе да ја преставам Македонија уште еднаш во најдобро можно светло, како што тоа го правев и во изминатите дваесет и пет години настапувајќи низ целиот свет. Им благодарам на сите што се дел од ова мое музичкo патување и се гледаме во Ротердам - порачува Васил.
Васил Гарванлиев, по потекло од Струмица, освен успешна интернационална музичка кариера, има тешка животна приказна. Кога имал 17 години, него и неговото семејство ги депортирале од САД. Во меѓувреме, за само една година, во сообраќајна несреќа загинале и татко му и баба му, во период кога секој член од семејството живеел на различна страна од светот. Најинтимните моменти од тешкиот период, Васил претходно ги сподели за „Женски магазин“.