Со Сара Војичиќ, ќерката на Тифа, поранешниот пејач на „Бијело Дугме“, пред нејзиниот настап во Скопје: Никогаш не сум го доживеала татко ми како претерано популарен

Со Сара Војичиќ, ќерката на Тифа, поранешниот пејач на „Бијело Дугме“, пред нејзиниот настап во Скопје: Никогаш не сум го доживеала татко ми како претерано популарен

Објавена во: Stars // Интервјуа

- Сара е 25-годишно „дете“, пејачка, фронтмен и во помала мера текстописец на симфонискиот/прогресивен бенд Dolia, изведувач од областа на музичкиот театар“, вели за себеси Сара Воичиќ, млада пејачка од Сараево, која му е ќерка на познатиот пејач Младен Војичиќ- Тифа.

Сè уште не дипломирала на комуникациски студии, и вели дека оваа обврска ќе ѝ земе уште некое време. Сара ќе дојде во Скопје на 28 октомври, и ќе пее во Филхрамонија, на концертот „Индекси и пријателите“ кој е во чест на 60 години од основањето на оваа култна сараевска група.

- Јас сум поранешен виолинист во мојот бенд и планирам да го вратам тој статус. Приватно сум весела и дружељубива личност, а професионално детална, дисциплинирана и често напорна кон себеси. Се радувам што во Скопје ќе ја испеам песната „Кривац си ти“ и многу сум среќна што имам можност на овој начин да ја прославам 60-годишнината од основањето на култниот сараевски бенд“, раскажа Сара за Женски магазин.

Таа пее симфониски/прогресивен метал, и вели дека мора да нагласи оти овој тип на пеење, особено кога станува збор за женски бендови, не се разликува многу од пристапот кон поп-пеењето.

- Секако, постојат жанрови во металот, како и одредени песни, кои бараат различни техники. Што се однесува до вокалната техника, мојот опсег на интереси е многу широк, па не можам да кажам дека некој жанр ми е премногу туѓ, особено не поп жанрот. Поп дивите имаа и имаат големо влијание врз моето пеење“, откри Сара. 

Медиумите секогаш го нагласуваат прашањето за нејзиниот познат татко, некогашниот пејач на „Бијело Думе“, Младен Војичиќ- Тифа.

- Тоа е прашање кое секогаш ми го поставуваат, а веќе не знам што да одговорам (хаха). Секогаш има две страни на паричката, но ова е единствениот живот што го знам и не би го заменила за ништо. Искрено, никогаш не сум го доживеала татко ми како претерано популарен, затоа што веројатно сум навикната од мали нозе. Исто како што нечиј татко е стоматолог, мојот е пејач и тоа со себе носи одреден начин на живот“, рече Сара. 

На нашето прашање, како таа реагирала на интересот на женската публика за татко ѝ, кога бил во екот на најголемата популарност со “Бијело Дугме“, Сара вели:

- Што се однесува до женската публика, сè уште не сум размислувала, но имам слушнато некои приказни од 80-тите“, ни изјави младата пејачка. За крај, како дете на „олд скул“ пејач, таа коментира како татко ѝ, а и таа се снаоѓаат во ова дигитално време во кое живееме и работиме сега.

- Морам да признаам дека ниту мене не ме бива многу ниту во дигиталното време (хаха). Сè уште сум дете од 90-тите. Секако, секогаш сум тука да му помогнам на татко ми доколку е потребно, иако и на мене ми треба помош и од помладите од мене. Тифа не ја коментира модерната музика затоа што, како мене, не ја ни слуша. Што се однесува до онлајн стилот на живот, мислам дека на сите им е тешко, особено на нас уметниците. Две прекрасни мачки не спасија од досада“, вели Сара.

Милица Џаровска

Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: