Со видеото во кое е изјавата на министерот Филипче ми се зголеми бројот на следбеници: Златан за успехот на ТикТок
Злате Видоевски можеби не ви е толку познато, но доколку ви кажаеме XZlatan сигурно ќе сфатите за што станува збор. Имено, тој е млад ТикТокер кој освен на ТикТок, активен е и на другите социјални мрежи. Моментално има повеќе од 30 илјади следбеници, а бројката на истите започнала да расте по едно необично видео.
По успехот на социјалните мрежи, тој реши да се проба и во музиката, па изминатиот викенд ја објави својата прва песна. За Хаштаг, Злате ја раскажа својата ТикТок приказната, но и ни раскажа од каде желбата за музика.
# Кога започна твојата ТикТок приказна? Колку долго имаш профил на ТикТок?
За ТикТок почнав да снимам пред 7 месеци. Всушност кога започна пандемијата на коронавирус и сите бевме затворени дома решив да си го исполнам времето со нешто забавно и отворив профил на ТикТок.
# Како се реши, односно што те поттикна да направиш профил на оваа социјална мрежа?
Иако во светот ТикТок беше популарен многу поодамна, кај нас фамата за оваа социјална мрежа се крена оваа година. Бев љубопитен да видам за што се работи. Штом почнав да снимам добив голем број на следбеници и стекнав многу нови пријатели, тоа ме мотивираше да продолжам да снимам.
# Мометално имаш повеќе од 30 илјади следбеници на ТикТок. Се сеќаваш ли од кое видео почна да се зголемува нивниот бројот?
Тоа беше видеото со изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, дека се забранува движењето за млади лица во текот на сите работни денови (некаде во април оваа година) и скокам низ прозор. Тоа беше 28-то видео кое го снимив за ТикТок. Од тогаш навака бројот на прегледи и следбеници само се зголемува. Сега имам повеќе од 200 видеа.
# Може ли да се заработува од ТикТок во Македонија?
Јас не заработувам директно од ТикТок, но тука се соработките со брендови и спонзорства од кои секако се заработува. Иако пред сѐ го гледам како медиум за забава и добра енергија, сметам дека во иднина компаниите ќе го користат ТикТок и за маркетинг.
# Освен со ТикТок, се пробуваш и во светот на музика. Како дојде на идеја да снимиш песна?
Последниве неколку години сум доста активен на повеќе социјални мрежи: Инстаграм, Јутјуб, ТикТок, Фејсбук. Низ годните стекнав многу пријателства и луѓе кои го сакаат тоа што го споделувам. Музиката ја гледам како уште еден начин да допрам до луѓето кои ме следат и да создадам нешто што ќе остане. Се надевам дека ова е првата од многу песни кои ќе следат во иднина.
# За каква песна станува збор?
Песната се вика ТикТак. Се работи за модерен звук и комбинација на трап, хип хоп и РНБ што е популарна, не само на Балканот, туку и на светската музичка сцена. Текстот е базиран на мојата приказна и ги следи моите почетоци на ТикТок се до денес. ТикТак го симболизира времето кое поминува и растот низ текот на годините, но исто така зборува и за тоа дека и покрај бројот на следбеници и популарноста, јас сум сеуште ист. Тоа најдобро го знаат луѓето што се со мене од самиот почеток.
# Имаш ли некои друго хоби освен ТикТок и пеење? Што правиш во слободно време?
Освен што ги сакам сите аудио и визуелни медиуми, видео, фотографија, музика, во слободно време се занимавам и со street workout. Здравиот начин на живот е нешто што го практикувам и сметам дека никогаш не треба да бидеме премногу зафатени за да издвоиме време за тренинг неколку дена неделно. Покрај ова моделингот е нешто што ми е особено интересно и баш поради тоа го завршив курсот за фотомодели во модното студио Црнокрак. Во принцип сакам сѐ што е интересно и што квалитетно ќе ми го исполни слободното време.
И.М.