Среде Москва се свиреше химната во наша чест: Интервју со младата балерина Нина
Нина Димитриоска има само 13 години и осмо одделение, во ООУ „Коле Неделковски“ во Центар. Оваа млада скопјанка за свое хоби го одбра балетот и со истиот има постигнато многу успеси и награди. Има прошетано во многу градови низ Европа, а од многу места се има вратено со медали и награди.
# На колку години и како започна твојата приказна со балетот?
Со балет почнав да се занимавамна шест годишна возраст во балетското студио „ АРТ БАЛЕТ“ каде ги направив првите чекори во прекрасниот свет на балетската уметност. Тоа беше љубов на прв поглед која се уште трае и по осум години сум член на ова студио и редовно и со големо задоволство одам на часови.
# Дали на балетот гледаш како на хоби или како на идна професија?
Во моментов балетот за мене е хоби што не значи дека во иднина не може да ми стане професија. Јас го сакам балетот и продолжувам да танцувам.
# Од каде љубовта за оваа професија? Дали некој од семејството се занимавал со оваа уметност?
Никој од моето семејство не се занимава со оваа уметност, но на петгодишна возраст мајка ми прв пат ме однесе да гледам балетска претстава и во моментот кога ја здогледав балерината сфатив дека сакам да почнам и јас да танцувам.
# Која позната балерина е твојот идол?
Познатите балерини Нина Капцова, примабалерина на Бољшој Театар од Москва, Александра Мијалкова, нашата примабалерина, потоа Марија Кичевска - Шокаровска и секако Maddie Ziegler.
# Од кој ја добиваш најголемата поддршка?
Најголема поддршка добивам од моите родители, мојата фамилија и од мојата учителка Тамара Ѓурчиновска. Од Тамара го научив сѐ она што го знам за балетот и светот на танцот. Таа ни ги отвори вратите на светот на танцот и секогаш не турка чекор понатаму и повеќе и подобро и посигурно.
# Имаш учествувано на многу натпревари, но можеш ли да издвоиш еден натпревар и една освоена награда како омилена?
Имам учествувано на многу натпревари во Виена, Австрија; Темишвар, Романија; Римини, Италија; Прага, Чешка Република; Келн, Германија; Атина, Грција; Велико Трново, Бугарија; Вршац, Србија. За мене се најзначајни двете први места кои ги освоивме на европското првенство во Москва, Русија, лани во март. Прекрасно и силно беше чувството среде Москва да се свири македонската химна во наша чест, а ние најгласно да ја пееме.
# Сега си 8 - мо одделение. Страда си ли училиштето поради твоите обврски поврзани со балетот?
Иако имам многу училишни обврски и проби и часови по балет, сепак успевам да не запоставувам ниту едно од нив.
# Каков ученик си?
Јас сум одличен ученик и носител на стипендија за талентирани ученици од Општина Центар.
# Како твоите другари од училиште реагираат на твоите успеси и хоби?
Моите другарки се радуваат и се среќни за моите успеси и ме поддржуваат.
# Доколку во иднина не се занимаваш со балет, имаш ли втора опција за идна професија?
Не сум размислувала за тоа, но покрај балетот многу ме привлекуваат природните науки и медицината.
# Каде се гледаш за 10 години?
За десет години се гледам како студент на еден од престижните универзитети во светот.
Ивана Мисајловска