Светската здравствена организација: Бидете внимателни, не го занемарувајте ХИВ поради коронавирусот
Во 2019 година е забележан пораст на нови случаи...
Бројот на луѓе кои живеат со недијагностицираниот вирус ХИВ во Европа се зголемува и само во 2019 година овој вирус е дијагностициран кај повеќе од 136.000 луѓе, покажуваат податоците кои изминатиот месец ги објавија Европскиот центар за контрола на болести и Светската здравствена организација за Европа.
Околу 20% од овие дијагнози се во Европската унија, а 80% во истичниот дел на европскиот регион.
Секој втор ХИВ случај се открива во доцна фаза на инфекцијата кога имунолошкиот систем веќе започнува да опаѓа. Тоа е знак дека стратегијата за тестирања во регионот не даваат адекватни резултати во цел рано дијагностицирање.
Во последната деценија е пореполовен бројот на луѓе кај кои е дијагностицирана сидата, односно последната фаза од неизлечивата инфекција ХИВ, а целта за епидемијата AIDS да се заврши до 2030 година е достижна.
Меѓутоа, како што се вели во заедничкото соопштение на СЗО и Европскиот центар за контрола на болести, проблемот е доцното дијагностицирање на инфекцијата ХИВ.
„Се сеќавам кога дијагнозата ХИВ изгледаше како смртна казна. Сега, со соодветна терапија, луѓето со ХИВ може да живеат без страв од сида. Овие податоци се од 2019, а прашањето за во 2020 година мора да биде како пандемијата ќе влијае на тестирањето до крајот на 2021 година“ - рече Ханс Клуге, регионалниот директор на СЗО за Европа.
Тој додаде дека приоритет мора да биде продолжувањето на тестирањата и лекувањето на заболените од ХИВ.
„Не смееме да дозволиме пандемијата да ни ја одземе иднината без AIDS која ни е на дофат“ - рече Клуге.
Директорот на Европскиот центар за контрола на болести, Андреа Амон рече дека покрај фокусот на пандемијата на Ковид - 19, не смеат да се изгубат од вид другите прашања поврзани со јавното здравје, како што е ХИВ.