Својата кариера ја гради полека и без „инстант популарност“: Тијана Периќ за Хаштаг открива детали за својата музичка кариера
Тијана Периќ е ново име на македонското музичко небо. Има 20 години, а својата кариера реши да ја гради полека, без „брзата популарност“ која со себе ја носат познатите музички натпреварувања.
Студентка е на Факултетот за музичка уметност, а досега има објавено две авторски песни, за кои детално раскажа во ова интервју. Исто така ни откри од каде го наследила талентот, но и каде се гледа за 10 години.
Особено интересна е приказната за тоа како го добила името, бидејќи токму личноста по која е крстена ѝ е голем идол. Што сѐ ни откри оваа млада и талентирана девојка, прочитајте во продолжение.
# Кога сфати дека твојот правец во животот ќе биде музиката?
Во моето семејство музиката е секојдневно присутна и нѐ опкружува постојано, па така уште од многу рана возраст сум почнала и јас да покажувам интерес и љубов кон неа. Оној момент кој беше клучен за да го сфатам тоа дека сакам музиката да е мојот правец во животот, беше додека бев во нижото музичко училиште. Тогаш веќе бев сигурна дека ќе продолжам понатаму и со средното музичко училиште, а како течеше времето и со факултетот кој го изучувам сега. Сега сум свесна дека сакам понатаму што и да ми носи животот музиката да биде секогаш дел од него и да остане мој правец во животот.
# Од кој го имаш наследено талентот? Дали некој во твоето семејство се занимава со музика?
Талентот го имам наследено од мојот татко Марјан Периќ, кој е дипломиран етномузиколог и целиот свој живот работи со музиката, а потоа јас работев на тој талент и до ден денес работам за да се надградувам и да го искористам на убав начин, зошто талентот за музика е посебен дар, но без работа и труд нема резултат.
# Студент си на Факултет за музичка уметност. На кој смер си и колку е тешко да се балансира помеѓу студиите и кариерата, која допрва ја почнуваш?
Студент сум на смерот Музичка теорија и педагогија каде што се учи најопширно за секој дел од музиката, истиот смер го изучував и во средното музичко образование. Би кажала дека убавото е што и студиите и кариерата ми се поврзани со музика, па тоа дава некоја интересна динамика, меѓутоа си има своја тежина затоа што факултетот си бара многу посветеност, труд и вежбање за успех, а воедно тука е и кариерата која ги бара истите па и многу други работи и затоа треба човек да внимава да не го загуби балансот и да се труди и вложува еднакво во двете за да на крајот добива успеси на двете полиња и да не загуби ниту од едната, ниту на другата страна. Но, морам да нагласам дека кога нешто правиме со љубов, секогаш на крајот од денот колку и да е тешко или заморно ни остава големи насмевки на нашето лице.
# И на првата и на втората песна соработуваше со Ѓорѓи Крстевски. Како дојде до соработка со него - дали тоа беше твоја желба или понудата ја доби од него?
Точно така. Досега двете мои песни беа соработка со Ѓорѓи Крстевски, соработката беше моја желба и јас бев човекот кој го побара и му ги кажа своите идеи, а тој беше човекот кој ги остари баш онака како што ги имавме замислено и се согласи на целата соработка. Направивме две ремек-дела, зошто двете песни си имаат некоја своја уникатност и навистина сум горда кога луѓето ќе ме пофалат, искоментираат или прашаат за идеите во песните, зошто и самите забележуваат дека се поразлични од една класична едноставна песна и содржат нешто што не можеме да го видиме или слушнеме во секоја друга песна.
# Колку е тешко еден изведувач сам да се пробие и да се избори за своето место на естрадното небо, без претходно да учествува на некое музичко натпреварувањето, кое е навистина голема отскочна даска во понатамошната кариера?
Би кажала дека е многу тешко затоа што кога се појавува таков изведувач на естрадата е само уште едно ново лице и нов глас, па додека луѓето да го запознаат и почнат да го почитуваат, како и тоа да си го оправда и изгради името и нареди успеси позади себе сето тоа е долг и трнлив пат. Затоа моето мислење е дека е многу тешко кога почнуваш од нула, меѓутоа доколку сакаш да се надградуваш и ги следиш своите соништа без разлика за колку време, важно е дека ќе стигнеш на она место каде што посакуваш да бидеш и ќе ја добиеш почитта и популарноста што ја заслужуваш.
# Размислуваш ли да се пријавиш на некое музичко натпреварување?
Ги почитувам сите музички натпреварувања и верувам дека се добра можност за да те запознаат повеќе луѓе тебе и твојот талент. Меѓутоа во моментов имам други цели и соништа кон кои целам и други работи поврзани со музиката кои треба да ги остварам и да работам на нив, па останува да видиме што ќе донесе иднината и дали некое такво музичко натпреварување ќе биде дел од неа.
# Почна ли да настапуваш некаде?
Пред помалку од година почнав со живи свирки во кафулиња, но сето тоа не беше толку добро организирано и редовно. Сега можам да ви откријам дека работам на тоа многу повеќе, зошто во план е наскоро да почнам со редовни и убаво организирани свирки, и најважно е што кога ќе почнам константно да ги имам. Вдека ерувам и луѓето ќе можат на тој начин да ме запознаат уште поубаво, а воедно и оние кои што сакаат да присуствуваат на тие свирки и да се забавуваме заедно. А, во меѓувреме настапи и концерти од типот како хуманитарни концерти, гостин на концерт и слично ги имам од време на време кога ќе се појави можност, како и концерти со клавир.
# Како млад изведувач сигурно веќе имаш идол и изведувач на чија кариера се воодушевуваш. Кој е тој и зошто?
Би ги издвоила Каролина Гочева и Тијана Дапчевиќ. Каролина Гочева е една прекрасна sвезда, идол ми е поради тоа што е секогаш своја, отмена, уникатна, културна и секако затоа што отсекогаш во нејзината музика сум уживала целосно. Знае да остане и да биде тоа што навистина е, а притоа има толку луѓе што ја почитуваат, сакаат и слушаат и тоа мислам дека е најважно нешто. Тијана Дапчевиќ, по која инаку сум крстена ми е идол поради тоа што е жена што ја носи уметноста на дланка, жена што знае да пее, свири, глуми, сѐ она што е уметност таа го носи во себе и отсекогаш сум се восхитувала на тоа. Притоа повторно морам да напоменам дека и Тијана има некоја посебна, своја енергија што ја прави една, единствена и неспоредлива.
# Имаш ли некој македонски изведувач со кој би сакала да снимиш дует?
Би ги издвоила Влатко Лозаноски и Александар Тарабунов, но секако дека има и други само што најважно нешто во снимањето дует е да може да ни се поклопат вокалите и стилот на музика за да може да има добра соработка.
# Каде се гледаш за 10 години?
За 10 години се гледам како човек со завршен факултет по својата струка, како пејачка која што веќе има многу свои песни и албуми, па и концерти, како музичар успешен во класиката и со уште повеќе успеси од оние досега кои ги имам позади себе. И секако на крајот од денот повторно како позитивниот човек кој што сум, а воедно и трудољубивиот кој сѐ уште си има свои неостварени сонови и цели и работи на нив, зошто нели секогаш има простор за повеќе и да бидеме подобри од она веќе што сме.
И. Мисајловска