Талентот го наследив од мајка ми: Љубовта кон цртањето е родена заедно со мене
Никола Стефков од Струмица, е мултиталентиран студент на магистерски студии, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Архитектонски факултет во Скопје. Во фаза е на изработка на неговата магистерска теза на тема ,,Градителско наследство’’.
Поради ситуацијата која глобално го погоди целиот свет
моментално е невработен, но се надева дека
наскоро ќе има можност да магистрира и да навлезе уште подлабоко во светот
на архитектурата, преку работа на реални проекти.
Во меѓувреме тој наоѓа време да се посвети на неговиот талент и голема страст - цртањето.
#Предмет на мојот интерес секогаш ќе биде архитектурата како гранка на уметноста, извор на идеи кои никогаш нема да згаснат, доколку имаш желба и упорност да се надоградуваш. Особено ми е мило што успеав од мојот талент и хоби да отворам простор за идна кариера. Како човек што сака да го истражува светот и да запознава нови култури, доколу имам можност би сакал своите искуства и идеи да ги проширам надвор од нашата земја.
Никола, талентот за
цртање, вели дека најверојатно го наследил од мајка му, па така смета дека и љубовта кон
цртањето е родена заедно со него.
#Уште од кога знам за себе чкртав и цртав на
сѐ што е хартија. Тоа продолжи и во основното и средното образование, каде што
се случуваше на некои предмети кои не ме привлекуваа (физика и хемија итн.) да
се знесам со цртање.. Со запишувањето на архитектонскиот факултет, слободното
цртање ми остана во втор план и инспирацијата и идеите ги концентрирав кон еден
друг вид на уметност.
Тој вели дека се идентификувам со сѐ што е уметност и креативност, но дефинитивно цртањето и сликањето ги става на прво место. Освен со цртањето почнал да се занимава и со фотографија и едитирање, графички дизајн, „како нова перспектива во уметноста“ - вели тој, а исто така изработува и мали фигури од глина со различна содржина.
#Во последно време почнав да правам и мали гипсени вазни за кактуси и сукуленти кои подоцна ги цртам и бојам, бидејќи одгледувањето на истите е уште една моја пасија.
Никола вели дека секое последно дело што ќе го изработи, му е по омилено од претходното.
Ова е неговиот омилен цртеж, насловен Summer 2k20, а воедно е и негов последен цртеж.
#Овде симболично го отсликав летото кое доаѓа, што мислам
дека дефинитивно ќе има последици од пандемијата со која се соочуваме. Токму
поради тоа позадината која треба да го претставува небото е зеленa, боја со која
се карактеризира вирусот, но истовремено и боја на природата и будењето на
надежта.
Времетраењето за изработка на еден мал цртеж може да трае од 30 мин до 2 часа, додека изработката на големите цртежи понекогаш му одзема и до 2 дена, зависно од тежината на цртежот.
#Мојата техника на изработка на цртежите главно се состои од употреба на акварелни бои кои во зависност од материјалот на кој работам и ефектот кој сакам да го постигнам, може да бидат повеќе или помалку пигментирани. Нив ги користам во комбинација со црн маркер, фломастери, а за одредени цртежи користам и пастелни бои. Материјалот на кој работам најчесто е бела хартија за акварел, но во последениов период многу често работам и на форекс. Тој е многу потежок за работа бидејќи секоја трага од молив или боја не може да биде избришана, па така и немам просотр за грешки. По финализирање на цртежот на форекс тој веќе е цртеж кој нема потреба од дополнително врамување како кај цртежите од хартија. Цртежите кои ги изработувам можат да бидат или на мала површина која најчесто е со димензии 7x10 цм или на голема површина со димензии од 40x60 цм.
Никола раскажува дека инспирација наоѓа буквално насекаде, во природата и сѐ што не опкружува, архитектурата, Поп Арт дела и боите, а особена страст му е цртањето на колоритни портрети, инспирација за истите наоѓа во луѓето кои ги среќава секојдневно, како и на социјалните платформи Instagram i Pinterest.
Цртањето како и сѐ друго што изработува го прави повеќе како хоби, но не ја исклучува можноста за заработка од истото. А повремено заработува од дигиталното цртање/графичкиот дизајн преку изработка на логоа, едитирање итн.
Кога станува збор за омилени дела кои не се негови, вели дека одсекогаш се воодушевувал на ,,Раѓањето на Венера ‘’ од Сандро Ботичели.
-Морам да
признаам дека сум фасциниран од делата изработени за времето на ренесансата,
без разлика дали се работи за слики или склуптури. Исто така, не можам а да не
ги спомнам и уметниците и едни од најголемите доајени на 20век , како што се Хенри Матис, Монет, Паул
Сезан, Мондријан, Пикасо и други со своите извонредни дела. Денес имаме одлични уметници, како
познати така и уметници кои можат да се сретнат по социјалните платформи, а за
жал не се доволно афирмирани. Многу од нив имаат голем број на луѓе што ја
следат нивната работа и се надевам дека во иднина ќе успеат повеќе да се
истакнат и ќе дадат одличен пример и мотив за создавње на некој нов правец на
уметноста.
Се разбира, го прашавме и што најмногу му фалеше додека траеше
карантинот и што прво ќе направи по ослободување на мерките за движење.
-Карантинот ни
даде прилика да поминеме драгоцено време со најблиските, како и да размислиме
на многу теми, за кои можеби порано не сме можеле да најдеме доволно време. Нѐ
научи повеќе да ги вреднуваме слободата, семејството и пријателите. Дефинитивно
најмногу ми недостига слободното движење, социјалното дружење и пријателите. По
ослободување на мерките ќе се посветам на завршувањето на магистерскиот труд и
дружење со пријателите и задолжително на некое патување на некоја од моите
омилени дестинации.
Никола ни откри и дека најчесто ги користи хаштазите:
#инстаграмџии
#фотонанеделата #vsco
Во прилог погледнете ја галеријата со некои од неговите изработки: