Тамара Кунцулова: „Живееме според правилата кои ќе ни ги наметнат другите“!
И оваа недела ви подаруваме говор од оратоската вечер на СЕПУГС Васил Антевски Дрен. Овој пат тоа е говорот на средношколката Тамара Кунцулова.
Таа е втора година во ова училиште и со своите 16 години зборува на навистина деликатни теми. Тамара веќе две години е во училишниот клуб на оратори, а на ораторската вечер говореше за животот, а нејзиниот говор задолжително мора да го прочитате во продолжение.
„Животот е ,,цртичката која што се наоѓа помеѓу датумот на раѓање и датумот на смртта на вашата надгробна плоча." Досега сум прочитала многу мисли за животот. Оваа ја прочитав на интернет и најмногу ми се допадна. Се прашувате зошто? Затоа што ни кажува колку животот е краток. Токму затоа и многу вреди. Секој момент што го живееме е бесценет. Но за жал, малкумина од нас ја сфаќаат вредноста на животот. Затоа што во овој изопачен свет ние се посветивме на безвредни работи. Ситниците ни го преокупираа вниманието. Другите ги поставивме како приоритет во животот. И што се случи? Се заборавивме себеси. Го занемаривме своето јас. Немаме сопствени ставови и мислења. Или пак имаме, но се плашиме да ги кажеме. Затоа што тогаш стануваме црната овца во друштвото. Се плашиме дека ќе не отфрлат ако не размислуваме како нив. Мислам, не дај боже да имаш свој поинаков став. Затоа што тогаш стануваш онаа која се прави многу паметна. А ние ги слушаме. Молчиме. Само да не не сметаат за чудни. Наместо да се грижиме за нас и да уживаме во животот, ние се грижиме за другите. Леле, што ќе кажат ако го направам ова? А она? Станавме робови на нивните мислења. Повеќе ни вреди нивното мислење, отколку сопственото. Престанавме да го правиме тоа што го сакаме. Наместо тоа, го правиме она што се очекува од нас. Живееме според правилата кои ќе ни ги наметнат другите, наместо да живееме според нашите. Зарем ова не е наш живот? Зарем не треба ние да ги одредуваме правилата? Живеејќи според правилата на другите, заборавивме на нас. Ајде да престанеме да го правиме тоа. Животот не е филм. Не можеме да го вратиме назад. Не можеме да го пуштиме од почеток. Затоа да престанеме да се занимаваме со другите. Тоа што тие го мислат за нас не треба да не интересира. Затоа што тоа е нивна работа, а не наша. Наместо тоа да станеме и јасно да го кажеме своето мислење. Без оглед на тоа колку е различно. Без оглед на тоа, што ќе изгубите некои ,,пријатели" заради таа постапка. Затоа што ако ни биле вистински пријатели би не подржале. Не би не потиснувале. Би го почитувале нашиот став. Би не почитувале нас. А овие ,,пријатели" само би не мразеле. Па нека не мразат. Кому му е гајле за тоа? Животот е премногу краток за да го посветиме на вакви токсични луѓе. Луѓе кои повеќе би се радувале на вашата несреќа, отколку среќа. Луѓе кои ги лечат своите комплекси на други. Па нивната цел е да не направат како нив. Празни. Без став. Без мислење. Без свое јас. Но, едно не можат да ни земат. Нашите соништа. Нашите желби. А знам дека сите од нас ги имаме. Кон нив треба да се стремиме. За нив треба да се бориме со сета сила. Никогаш да не се откажеме, без оглед на тоа колку пречки има. Затоа што ако се откажеме, значи дека однапред сме изгубиле. А не велам дека сите желби и соништа ќе ни се исполнат. Еве ќе се земам себеси за пример. Во морето желби кои ги имам, има една малечка желба за која знам дека нема да ми се исполни. Ама сепак ја имам. Исто како што имам сон еден ден, со ранец на грбот и фотоапарат во раката, да го прошетам целиот свет. На пример да го посетам колосеумот во Рим, да облечам сари во Индија, да јадам риба покрај Босфор... Знам дека ова ви звучи невозможно. Но, не е. Не постои невозможно. Затоа ајде да се бориме за она што го сакаме, и секако, за она најважното. Нашите сакани. Луѓето кои секогаш би биле покрај нас, не водејќи сметка за тоа какви сме. И со оглед на тоа дека, животот е навистина многу краток, поминете го секој слободен момент со нив. Гушнете ги и кажете им колку ги сакате. Затоа што ако таа можност ја имате денес, не значи дека ќе ја имате и утре...“