Теона Илиевска: „Да не дозволиме животите на младите луѓе сѐ полека да гаснат“!
Теона Илиевска е млада и талентирана средношколка. Има 18 години и е трета година во СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, на правниот смер.Три години е член во училишниот клуб на оратори „Гарда на мудроста“, а оваа година на ораторската вечер која ја организира клубот го освои второ место, со својот неверојатно емотивен говор.
Во продолжение прочитајте го говорот на Теона!
„Помина една година и јас повторно застанувам токму на ова место, на истата говорница, и повторно чувствувам болка во душата. Гледам ништо не се изменило, како и моето чувство за подобро утро на сите. Имам потреба да го кажам сето она што во реалноста се уште е бледо, недоречено. Но, денес сум целосно решена да ја задоволам мојата потреба. Да ви ги разбистрам мислите за да погледнете малку подобро, кон улицата. Таму гледате илјадници луѓе како се движат и целат за убава прошетка и враќање кон својот дом.
Но кога улиците ќе останат празни, без минувачи, знаете дека остануваат неколкумина лица на улица.Бездомници, кои бројат 100милиони, а само 318илјади евидентирани во нашата земја. Таа бројка ја добив со купување на списанието " Лице в Лице". Списанието е 100денари, а содржински вреди многу повеќе. И што е најважно, самите тие го продаваат.
Во него се леат таговните зборови на Николина Андонова, Иван Шопов, Маја Неделковска и многу други, раскажувајќи ги приказните на бездомниците и средбите со нив. Тие млади писатели имале храброст да застанат лице в лице со луѓе без покрив над главата, да се соочат со нивната состојба, но и да им влеат надеж за подобра иднина, како што се вели во самото списание. Списанијата се продаваат во секој момент, на секое место. Од бездомници кои никогаш не се довеле до ситуација да питачат, да ограбуваат, да конзумираат било какви алкохолни супстанци како што велат самите тие, во раскажувањето што ни го доловуваат младите писатели. Тие биле лица, на кои не им се насмевнала среќата во овој живот, па останале на улица. Но и покрај тоа што имале можност да видат луѓе кои биле способни на секакви злодела само да се спасат од бездната, тие останале луѓе со гордост и почит кон самите себе. Да, на нивна страна сум. Ги бодрам и поддржувам од вечерта кога прочитав се во врска со нивните ненаспани ноќи поминати на улица. Кога немало ден нив да не им се јаде. Немало ноќ а да не се бореле со ветрот кој се ширел низ сите дупки на неколкуте парталчиња на нив. Тогаш кога се дознав, само една мисла со прашалник ми долета на ум. Како ли издржавте? И кога знам дека тоа не се одвива еднаш годишно. И кога знам дека тие кротки души секојдневно се соочуваат со тие проблеми. И знам, но само јас знам. Една цигла куќа не гради. И вие треба да го знаете и чувствувате сето она што јас го знам и чувствувам.
Кога само еден мал параграф прочитате од целото списание, се ќе ви биде јасно. Но за жал, многумина од вас не ни слушнале за продавањето списанија од страна на бездомниците. А кога би го купиле, сигурна сум дека од сликите што ги има во него, самите ќе ги препознаете. Случајно сте ги сретнале низ центарот на градот, продавајќи го списанието во кое не сте сакале ни насловот да го погледнете кој е обележан со голем фонт на букви, со нашето кирилично писмо.
Облечени во униформи, по името на списанието на самите нив, не сте знаеле дека тие се всушност бездомници. Па и нема никаква разлика. Зошто? Затоа што се полни со ведрина, насмевка, љубезност, гордост. Горделиви се на самите себе што од такво дно, успеале да се изградат како личност со чисто срце.
Луѓе, сега вам ви е редот. Потрудете се да ја докажете човечноста во вас и помогнете ми заедно да се избориме против неправдата што владее во нашата држава. Да не дозволиме животите на младите луѓе сѐ полека да гаснат. Да се здружиме со заеднички сили и да помогнеме на секого кому му е потребна наша помош.Затоа што животот е краток, а ние треба да оставиме дела кои вечно ќе се паметат!“