Тргнете се од екраните: 11 работи кои може да се прават дома и не вклучуваат мобилен
Наместо половина ден да „висиш“ на социјалните мрежи или да изгледаш една серија во еден ден, пробај да се посочиш на овие активности.
Секој ден во својот дневен распоред вклучувај по една од работите кои се наоѓаат на оваа листа и ќе имаш занимација за скоро две недели. Понекогаш треба да ги одмориш очите од гледање во екран, а овие работи се совршени за тоа, а ќе се чувствуваш и корисно откако ќе ги поминеш сите.
# Започни со пролетно чистење на собата
Зависно од тоа колку често ја средуваш собата, сега е вистинско време да ја доведеш во ред. Вклучи го усисувачот, земи крпа за бришење на под, потоа вреќа за ѓубре и почни со работа. Сите работи кои не ти се потребни треба да ги исфрлиш од собата, исчисти ја како никогаш досега. Вистинко време е да направиш големо пролетно чистење!
# Стани помошник кувар на мајка ти во подготвувањето на ручек
Искористи го претпладнето, научи нешто ново и биди од корист. Мајка ти сигурно ќе биде среќна доколку одлучиш да и помогнеш во подготовката на ручекот, а ова ти е можност да ги поправиш своите готвачки вештини. Започни со некои едноставни работи - сецкање, мешање, миење садови, а пропратно искористи го времето и за малку квалитетно дружење со мајка ти.
# Играј некоја друштвена игра
Не на лаптопот, туку вистинска социјална игра - нешто со карти, Монопол, Не лути се човече, шах... што и да имаш дома, сега добро ќе ти дојде. Повикај и останатите членови од семејството и искористете го попладнето за ваква забава.
# Среди го плакарот и најди си пролетни комбинации
Среди го твојот плакар за враќањето во училишните клупи. Иако моментално изгледа како да е далеку тоа, како и кафето со пријателите, се ќе дојде неверојатно брзо. Пролетта е на врата, а еден ден искористи и на средување на плакарот и наоѓање на нови кул аутфити. Исфрли ја онаа облека која не си ја носела во последната една година, која ти е мала или која повеќе не е твој стил и остави ги само оние парчиња кои знаеш дека ќе ги носиш. Испробај ги, направи комбинации од нив и биди подготвена за пролетта.
# Играј си со домашното милениче
Нешто што можеш да го правиш секој ден, а што сигурно веќе и го правиш е играњето со домашното милениче. Поминувањето време со кучето или мачето секогаш е добра идеја. Со дружењето и играњето со нив, времето ќе ти прелета. Можеш да се обидиш и да го научиш кучето на некој трик.
# Направи си пенлива купка
Не мора секогаш нешто да правиш, треба повремено и да си земеш време за себе и да уживаш. Има ли подобар начин за тоа отколку да направиш топла купка, во водата да ставиш некој „bath boom“ и да уживаш? Земи и книга доколку сакаш да читаш, но мобилниот задолжително остави настрана. Сепак тоа е време за тебе и време за да се опуштиш.
# Прочитај книга
Лектирата можеби ти е здодевна, но на светот постојат многу книги кои не се воопшто здодевни. Зависно од тоа кој жанр го сакаш, земи книга и „фрли“ се читање. Сигурно дома имаш книги кои никогаш ги немаш чепнато, а ова сега ти е совршена можност да го промениш тоа. Доколку книгата е добра, времето ќе прелета и нема да можеш да ја пуштиш од раце.
# Решавај крстозбор
Добар начин да се разбуди мозокот и да се натера малку да размислува е да земеш крстозбор. Можеш ли да решиш цел? Постави си предизвик и започни. Не е толку лесно како што изгледа, но не е ни невозможно.
# Излакирај ги ноктите
Зошто само да земеш еден лак за нокти и да ги налакираш сите нокти во една боја, кога имаш време за да експериментираш? Земи ги сите бои кои ги имап, пушти се на цртање, дизајнирање, направи го секој нокт во различна тема.... дури и на крајот да не изгледа добро, не е важно, секако нема да одиш никаде одреден период.
# Започни со секојдневно вежбање
Само затоа што сме затворени дома, не значи дека цело време треба да лежиме во кревет или да седиме. Направи си својата рутина за вежбање која тебе најмногу ти одговара и повторувај ја секој ден, додавај нови вежби кои ќе бидат уште потешки и одржувај ја својата форма. Ќе се чувствуваш подобро по неколку вежби и ќе го искористиш времето за нешто корисно.
# Состави сложувалка
Доколку дома имаш сложувалка која никако не си можел/а да ја составиш, бидејќи си немала време, сега го имаш, па искористи го. Вклучи си плејлиста на мобилниот и почни да сложуваш. Кога ќе завршиш, стави ја некаде настрана, а кога ќе поминат сите мерки на претпазливост кои моментално се на сила, можеш да ја залепиш и да ја ставиш во рамка. Супер ќе изгледа на ѕидот на твојата соба.