Три девојки - три различни енергии: Калина, Емилија и Тамара во „Kaly’s Music Challenge“
„Kaly’s Music Challenge“ е проект зад кој стои Калина Велковска - Кали. Таа е дете кое е пораснато со класичната музика во училниците на МБУЦ „Илија Николовси Луј“, детските хорови „Пиколо“ и „Развигорче“, воспитано во бендовски манир и партизанска алтернативна култура низ скопските гаражи, а од 2006 година активно плови низ немирните и нестабилни води на македонската страна Б субкулутура и авангарда, далеку од поп естрадата. Експериментирајќи со разно-разни жанрови, доаѓа до идеа за овој проект.
„Едно топло кафе/чај испиено со пријатели соработници, со уметници соборци од редовите на танцот кои морам да признаам многу похрабро и каде-каде поактивно се стремат да предизвикаат културолошка ренесанса во земјава од нас музичарите, може да оди далеку. Што и би. Под директна инспирација и пријателска клоца од нив, се решив да го направам челинџот(предизвикот). Кај танчерите ова е често употребуван метод за себеразвој, промоција и активна соработка со околината. Но, во музиката, поготово кај нас, непостоечка категорија. Така се роди „Kaly’s Music Challenge“, со јасен концепт и сценарио и уште појасна намера/намена. Со едукативен карактер, јасно мото и слоган. Да не потсети и научи дека во музиката не постојат социо-психолошки, духовни, генерациски, жанровски, квалитативни лимити.“ - вака Калина ја започна приказната за музичкиот проект, а потоа додаде:
„Започна како краток серијал „домаќински видеа“ на музички колаборации од преработки и авторски дела со жени фронтмени уметници, создавање на кохерентна музичка смеса од енергија на два различни сензибилитети, каде секоја од дамите го бира делото, а јас треба да најдам начин да се вклопам во сликата и чија прва епизода се емитуваше на 1ви Септември 2019. Но, благодарение на целата желба, посветеност, труд, чиста мисла и реално споделување на музика без стандарден „интерес“ од секој еден член на екипата кој може да го видите и чуете низ епизодите, се создаде магија, целосно ослободена од егото, посветена на колективот и со единствена и унифицирана цел, МУЗИКА.“
Последно во низата реализирани проекти е оној во кој учествуваат Емилија Трајковска и Тамара Волческа. Калина ни откри како падна изборот токму на нив, иако и двете се доста различни.
„Гласот на Емилија Трајкоска го чув преку затворени порти сред аудиција на едно талент шоу, надвор од нашите граници и едвај чекав да излезе за да можам да ја видам и запознаам. Како уметничка душа во постојана потрага по естетика, несрамежливо и слободно се воодушевувам на талент и оттаму гласно споделувам импресии. Во првата прилика и се доближив, си кажав што имам и се сплотивме. Поради избраното дело, Еми ја спомна Тамара (од очигледни причини нели) и одма светна сијаличката, се осветли точната слика на тоа како сакам ова да звучи и изгледа и ги киднапирав на проба кај мене. Тамара е многу музикална и крајно енергична девојка, но нема допирни точки со музичкиот свет и оттука предизвикот. Да споиш млада дива која сериозно си ја сфаќа работата и постојано работи на себе и девојка од поинаков свет без претходно искуство. СОВРШЕН предизвик! И ете, уште еднаш се докажа дека кога нешто е искрено, несебично дадено и со труд, нема да помине незабележано. Топла и исполнета ми е душата од убавите коментари упатени кон девојките и општиот одзив на публикумот. Гориво за секој нареден чекор!“
Тамара Волчевска има 22 години и е апсолвентка на Институтот за безбедност, одбрана и мир во Скопје. Нејзината професија и работа се многу поразлични од уметноста, но освен препораката од Емилија, љубовта кон музиката исто така ја поттикнала да се вклучи во овој проект.
„Се случи спонтано и неочекувано, благодарение на Еми. Во принцип сум човек што сака авантури и предизвици, и во истиот момент знаев дека сакам да учествувам во проектот. Задоволство ми е што бев дел од прекрасната енергија на насмеаните лица и топли срца на овие луѓе за кои допрва ќе се слушаат многу убави работи. Се вклопив во целиот проект благодарение на нивната отвореност, целокупната палавост и професионалност истовремено. За мене ова беше ново искуство, коешто би го доживувала одново и одново.“ - раскажа 22 - годишната Тамара, која често ја споредуваат со светски познатата Били Ајлиш, за што таа рече дека оваа споредба секако дека и годи.
„Не е возможно да не ми годи споредбата со нејзината појава и успехот што го направи на светска сцена. Секојдневно налетувам на такви коментари и навистина ми е убаво. Што се однесува до идентитетот, сите ние можеме да наликуваме на некого, но она што не прави посебни и различни од сите е она што го носиме во нас, и сметам дека тоа е тоа што навистина не обележува како личности и индивидуи. Сите со различен печат. Сепак сум само Тамара “
Емилија, пак за овој проект и пронаоѓањето во истиот вели:
„Се уште сум под импресии од нашата енергија на пробите и на самото снимање и навистина сакам да продолжи. Секоја песна има своја приказна, која првенствено изведувачот треба суштински да ја разбере и потоа да ја пренесе кон публиката. Јас верувам дека ние успеавме во тоа иако досега се имам појавено во светло на солист имам музичка позадина и како хорист така да и тоа доста ми помогна во оваа изведба.“
Таа е студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, па така неминовно беше да ја прашаме како успева да ги спои правото и музиката.
„Секое едно нешто што се прави со љубов не е ни малку тешко, така е и во мојот случај. Најважен е балансот, истрајноста и упорноста. Инаку правото е застапено насекаде така и во музиката. Музиката е пример за слободата на изразување кое едно од основните човекови права, а во овој случај јас си го исполнувам своето право преку пеење.“
Финалниот производ од овој микс на девојки, карактери и музичари го имате во продолжение. Уживајте!
Ивана Мисајловска