Трикови и техники за учење во последен момент: Начини на кои полесно ќе го запомниш материјалот

Трикови и техники за учење во последен момент: Начини на кои полесно ќе го запомниш материјалот

Објавена во: Совети // School zone

Кога немаш многу време, но имаш многу материјател, можеш да учиш вака...

Учењето во последен момент е најлошата одлука која можеме да ја донесеме, но сеедно тоа често го правиме. Одложувањето на учењето на сите ни е добро познато, затоа треба сите да ги знаеме овие техники кои ќе ни олеснат и кога ќе немаме време да можеме да научиме поголем дел од материјалот.

# Картички за потсетување

Ниту еден од овие методи на учење не е најидеален, но кога ќе загусти, не бараме идеално, туку ефикасно решение. „Бубањето“ на дефиниции и набројувањата во последен момент не е лесно, но картичките за потсетување може да помогнат. Земи хартија и на едната страна напиши го прашањето, а на другата одговорот. Кога ќе повторуваш, вака побрзо ќе поминеш низ најважните делови од материјалот. Нема да мораш да ги бараш дефинициите, ќе ги имаш издвоени.

# Одговарај ги прашањата на глас

Додека го поминуваш материјалот кој треба да го научиш, на страна имај хартија и на неа запишувај ги прашањата на кои треба да ги знаеш одговорите. Кога ќе го прочиташ материјалот неколку пати, пробај да го повториш, така што наместо да читаш од книга, сам/а ќе си ги поставуваш прашањата кои ги имаш издвоено и ќе ги одговораш - но, она што е важно, треба да ги одговараш на глас. Информациите полесно ќе ти останат во глава.

# Набројувањата помни ги така што ќе си правиш асоцијации

Кога во материјалот имаш многу набројувања тешко е да се запомнат, особено доколку немаш многу време. Она што на сите ни има помогнато е да си направиш асоцијации за нешто познато. Можеш да си составиш песничка во главата која ќе ти помогне за полесно да ги запомниш или од првите зборови што треба да ги запомниш создади си приказна.

# Читај на глас

Кога учиш, секогаш подобро читај на глас, на многу луѓе ова им помага за полесно да запомнат. Ова е подобра метода отколку читањето во себе, бидејќи вака ќе имаш повеќе концентрација за материјалот. Доколку си визуелен тип, наместо читањето на глас на празна хартија цртај си белешки, прави си илустрации... Но, дај му можност на читањето на глас, би се изненадил/а колку може да помогне.

# Запишувај сѐ

Ова ќе ти одземе малку повеќе време, но е уште една техника која им помага на луѓето за полесно и побрзо да ги запомнат работите. Додека го читаш материјалот од книгите и забелешките, на хартија запишувај ги важните работи. Не на лаптоп или мобилен, туку на хартија. Може ќе ти делува како нешто здодевно, но кога ќе повторување или пред спиење ќе сакаш уште еднаш да го поминеш она што е важно, вака ќе ги имаш сите работи на едно место. Освен тоа, со пишувањето му посветуваш повеќе внимание на материјалот кој го поминуваш. На некои им помага во учењето и кога материјалот им е напишан со сопствен ракопис.

# Поврзувај го материјалот

Наместо само да „бубаш“ и не размислуваш за што учиш, материјалот кој ти е непознат поврзи го со некој од порано кој ти е познат. Кога размислуваш за што учиш, барем малку, ќе ти биде полесно и да запомниш. Како и со што ќе го поврзеш материјалот кој го учиш, зависи од предметот, но секогаш може нешто да се најде.

# Маркери во боја

Подвлекувањето на важните работи со маркери во разни бои е уште една ситница која може да направи разлика. Освен што ќе ти помогне полесно да се снајдеш во морето информации и да знаеш на што точно да обрнеш внимание кога повторно ќе го поминуваш материјалот, боите може да ти помогнат полесно да запомниш.

# Еден час пред тестот, повтори за последен пат

Земи си половина или еден час пред тестот и уште еднаш помини го материјалот кој треба да го знаеш. Овде добро ќе ти дојдат белешките кои порано ги имаш направено. Уште еднаш ќе се потсетиш на сите важни работи и истите во главата ќе ти бидат посвежи. Доколку тогаш за првпат го читаш материјалот, тоа нема да помогне, но доколку имаш малку идеја за што се зборува во него, тоа е друга работа. Наместо да одиш на кафе со пријателите, другарувај со книгата.

# Испрашувајте се меѓусебно со пријателот/пријателката

Уште еден забавен начин за да научиш или да ги повториш информациите е да повторуваш со пријател. Некако е тешко да се пронајде вистинскиот начин како да повторувате во пар, а еден кој ќе ви помогне и на двајцата/двете за што подобро да научите е да се испрашувате меѓусебно. Може да научите нешто еден од друг, да си објасните некои работи...

# Наспиј се

Последно, но не и помалку важно е вечерта пред тестот да не претеруваш, туку да си земеш доволно време за да се наспиеш. Ова е многу важно, бидејќи доколку на тестот бидеш поспан/а, потешко ќе ти биде да се сетиш на она што го имаш учено. Одморениот мозок подобро функционира. Легни си порано, а доколку мислиш дека е потребно, разбуди се порано од вообичаено за да успееш да повториш.


Објавена во: Совети // School zone

Можеби ќе ве интересира: