Виктор Василевски од Grind House: Скејтбордингот не е само спорт, тоа е заедница каде не постојат предрасуди, генерации, поделба на полови или религии.

Виктор Василевски од Grind House: Скејтбордингот не е само спорт, тоа е заедница каде не постојат предрасуди, генерации, поделба на полови или религии.

Пред да стане глобален феномен и начин живот со децении по асвалтните улици секаде низ светот се кинат малите тркала под даските и со тоа веќе се чини дека скејтбордингот го пронаоѓа своето место меѓу „традиционалните спортови“. Скејтбордингот не е само екстремен спорт или субкултура, тој пред сè е животен стил. За развивањето на скејтбордингот во Македонија, за изградбата на скејт - парковите, за ширењето на оваа култура и за идејата околу формирањето на Grind House-Mk поразговаравме со Виктор Василевски.

„Идејата дојде многу спонтано уште во 2010-2011 година. Неколку години пред да се формира Grind House Skopje, се собиравме на скејт со помладата генерација скејтери на кејот на Камен мост, каде што заедно изработувавме импровизирани рампи за да возиме. Еден од помладата генерација скејтери, Небојша Илиевски даде идеја да направиме група на Фејсбук - Grind House-Mk за да се договараме за возење, да споделуваме иформации, да постираме слики, видеа...“, ни раскажа Виктор.

Од групата на Фејсбук идејата се раширила, па Grind House Skopje станунва скејтборд асоцијација.

„Во 2012 година Grind House Skopje го регистриравме како правен субјект „Асоцијација за скејтборд Гринд Хаус-Скопје” за да можеме да бараме спонзори за турнеји, за натпреварите кои ги организираме. Со тоа што станавме правен субјект, како Асоцијација, поднесовме иницијатива до Владата на Република Македонија за изградба на нов современ скејт - парк со светски и безбедносни стандарди. Во соработка со Град Скопје на наше задоволство идејата беше прифатена и се оствари, се изгради нов скејт - парк покрај кејот нареката Вардар пред Градскиот парк.“, објасни Виктор. 

Со текот на годините скејдбордингот кај нас се издигна на едно повисоко ниво, како што открива Виктор, тоа не е само екстремен спорт туку заедница каде не постојат предрасуди.

„Скејтбордингот покрај тоа што е екстремен спорт, исто така е еден вид на заедница каде што не постојат предрасуди за генерации, пол или религија. Со текот на времето скејтбордингот како на глобално ниво, така и кај нас се развива на едно повисоко ниво. Скејтбордингот не е само машки спорт, сè повеќе девојки почнуваат да возат скејт, лонгборд, крузери итн…“

Години наназад низ град гледаме момци и девојки што се врткаат со даските во раце, па го прашавме Виктор колку во Македонија е развиен скејтбордингот на ниво на спорт.

„Во последните неколку години, сè почесто наоѓаме причини да организираме ивенти кои се најголемата причина да се собереме сите на едно место и од повеќе земји и на тој начин да го промовираме скејтбордингот кај нас, со тоа што на сè повеќе случувања се појавуваат нови деца кои почнуваат да се дружат и да возат. Со организирање на натпревари, локални ивенти, дружби, како на глобално ниво, така и кај нас скејтбордингот се развива како екстремен спорт.“

Виктор вели дека развивањето на која било субкултура не треба да зависи од одредени фактори.

„Би истакнал дека развивањето на една субкултура не треба да зависи од изградба на било каков објект, поготово не изградбата на скејт - парковите за скејтбордингот, иако се неопходни. Не само според мене, туку и сите оние кои се во оваа заедница, ќе ви кажат дека се потребни помали скејт - паркови во секоја општина. Многу фактори влијаат кога станува збор за изградба на современ скејт - парк со светски и безбедносни стандарди. За наше задоволство, со изградба на новиот скејт парк работите мрднаа од мртва точка. Сè повеќе општини имаат во план да се градат скејт паркови, но кога ќе бидат изградени тоа не знаеме, времето ќе покаже.“, открива Виктор.

Grind House може да ги следите на:

Website: https://grindhousemk.wordpress.com/

Facebook Page: https://www.facebook.com/grindhousemk

Instagram: http://instagram.com/grindhousemk

Twitter: https://twitter.com/grindhousemk

Youtube: http://www.youtube.com/user/grindhousemk

Vimeo: https://vimeo.com/grindhousemk

Б.М.


Можеби ќе ве интересира: