Вљубеник е во опасен спорт: Интервју со Антонио Дамјановски – шампионот во мотокрос кој остана без ваучер од Агенцијата за млади и спорт
Антонио Дамјановски е 14 – годишно момче, кој е ученик во 8 – мо одделение во ОУ „Климент Охридски“ во Битола. Освен што е посветен на своето образование, овој тинејџер веќе неколку години ја негува својата голема љубов кон споротот, поточно кон мотокросот.
„Јас се занимавам со возење на мотор крос од 85 кубици со кој се вози на стази со нерамни површини“ – открива Антонио, кој од 11 години почнал активно да вози.
Љубовта кон овој опасен спорт ја наследил од неговиот татко, кој прво возел рекреативно, а подоцна и професионално.
„Мотокросот е опасен спорт доколку не се носи соодветна опрема, има можност за повреди, но со внимание и заштита се намалува опасноста. Затоа и е задолжителна таа опрема како што се кацига, штитници на нозе, врат, гради, очила, ракавици, чизми итн.“ – ни посочи младиот возач, а потоа ни откри дали некогаш му било тешко да извози некоја стаза:
„Не ми било тешко да извозам ниту една трка. Со оглед на временските услови и стазите се некогаш тешки некогаш лесни, ако врне многу дожд како на пример на трката во Чачак Србија, во тој случај има многу кал, а самото возење е отежнато. Стазите си се стази, некогаш суви, некогаш со кал, но со добар тренинг сите се добри за возење.“
Иако ова момче има освоено многу награди во Прилеп, Скопје, Грција, Битола, сепак има една која му е омилена:
„Омилена ми е наградата на последната трка која се возеше кај нас во Битола на патеката Смолево, бидејќи ми беше прва трка возена во мојот град, пред мојата публика и моите сограѓани.“
Вози само три години, а веќе беше шампион во неговата класа MX85, а очекува дека успехот ќе го повторни уште еднаш:
„За 2020 година се уште не е прогласен шампионатот и шампионите во класите, но со оглед на бодовите кои ги имам во трките извозени за 2020 година повторно ќе бидам шампион во мојата класа МХ85. Овој период трките се возат по протоколите за заштита од Ковид 19 вирусот.“
По освојувањето на шампионатот, Антонио требало да добие ваучер од страна на Агенцијата за млади и спорт, но тоа не се случи. Тој вели дека оваа ситуација нема ни да се промени, но посочи и дека целата вина ја препишува на Мотоциклистичката Федерација на Македонија, за која се надева дека ќе ја утврди грешката.
„Во секој случај сум разочаран од одлуката за недобивање на ваучер, но јас ќе се потрудам и оваа година да го освојам Македонскиот шампионат и да си го задржам местото на врвот.“ – прокоментира младиот возач и посочи дека сево ова нема да го демотивира.
Кога е овој спорт во прашање, Антонио има еден идол, а тоа е Ели Томак, возач во суперкрос во Америка. Дури на трките вози под истиот број како Ели – број 3.
Антонио вели дека без неговото семејство, кое му е најголема поддршка, како и клубот Ендуро Тим Водно кој стои зад него, како и спонзорите и сите кои го поддржуваат, тој немало да успее во своите цели. Плановите за во иднина воопшто не му се скромни, но со ваква поддршка дефитивно ќе ги реализира.
„ За 10 години се надевам дека ќе ги возам сите трки од Европскиот и Балканскиот шампионат со освојување на што повеќе подиуми.“ – заврши Дамјановски.
И. Мисајловска
фото: приватна архива