За ништо не жалам, само за едно…тоа што не можевме да ве израдуваме вас со победа: Ракометарката Јована Саздовска за Женски магазин

За ништо не жалам, само за едно…тоа што не можевме да ве израдуваме вас со победа: Ракометарката Јована Саздовска за Женски магазин

Објавена во: Stars // Интервјуа

Таа е една од најмладите македонски репрезентативки. Јована Саздовска. Родена во Скопје, на кој како што самата ни кажа му се радува со секое нејзино враќање, израсната во едно здраво, спортско, хармонично и исполнето со љубов семејство. По природа е борец, личност која не признава пораз.

“Обожавам да се дружам и забавувам со моите другарки, но најмногу од се го ценам времето поминато со моите најблиски (мама, тато, бато и неговото семејство со внуката Илина)“

Оние кои го следат ракометот, сигурно знаат дека Јована настапуваше во репрезентативниот дрес на ракометното првенство за женски сениорки, ЕХФ ЕУРО 2022 чиј домаќин покрај Љубљана, Целје и Подгорица беше и Скопје.


# Раскажи ни ја твојата приказна, како се роди љубовта кон ракометот?

Љубовта кон спортот од секогаш постоела, без никаков притисок или принудување од било кој. Можеби е сето тоа генетски, не знам. Не само ракометот, јас навистина го обожавам секој спорт посебно што се игра со топка (фудбал, одбојка, кошарка…). 

Љубовта кон ракометот се појави уште од првиот тренинг во тогашниот клуб РК Скопје и еве веќе сме во љубов 18 години. 

# За кој клуб играш моментално?

Играм во клубот Браила, кој се наоѓа во Романија.

# На кој миг најмногу се радуваш, а за што најмногу жалиш од последното натпреварување на кое Македонија не го продолжи патот?

Европското првенство беше настан што никогаш нема да го заборавам во мојот живот. Едно огромно искуство, кое ретко кој спортист може да го доживее. Секој натпревар носи своја меморија, исполнета со измешани чувства на среќа, адреналин, болка и разочарување. Морам да ја споменам нашата фаланга која беше на трибините и ни ја даваше поддршката во добро и во зло. За ништо не жалам, само за едно…тоа што не можевме да ве израдуваме вас со победа и пласман во понатамошната групна фаза. 

# Опиши ни како изгледа еден твој тренинг?

Тренинзите се секојдневно присутни и секогаш различни, но мојата рутина е секогаш иста. Секогаш сум во сала 40мин. пред тренингот да започне, 10мин. ми се потребни да ги извршам своите потреби за да бидам сосема 100% спремна надвор на теренот и го започнувам своето загревање сама 30мин. Кога започнува тренингот сконцентрирано и максимално се внесувам. Нормално во тек на тренинзите освен работа имаме дружење и шегување. На крајот се истегнувам со чувство на задоволство и среќа. 

# Идол или ракометарка која ти била омилена во детството?

Идол е мојот брат (се смее) но омилен ракометар ќе кажам без размислување, тоа е нашиот Кирил Лазаров. Вистински пример на професионалист и лидер.

# Колку веруваш дека оваа ваша генерација може да го врати македонскиот женски ракомет во врвот на Европа и светот? 

Искрено не се гледам доволно компетентна за да дадам мислење на ова прашање. Можам да кажам дека овие девојки и нивниот карактер ми се допаѓа, но многу повеќе треба да се работи за да имаме поголем успех во иднина. Тоа се виде сега на ова ЕП до каде сме и уште колку многу ни е потребно за комплетен успех.

# Која од репрезентативките твои соиграчки ти е најблиска, најдрага, со која најмногу дружиш?

Драги ми се сите, не ги делам и има една супер атмосфера меѓу нас девојките. 

Најчесто се дружам со „поискусните“ девојки (се смее) Сара, Сања, Јована, Мони и Симона.

# Кој е твој најголем поттик да го даваш најдоброто од себе?

Како карактер по природа сум борец, личност што не признава пораз па така тоа ми помага за мојата игра во ракометот, што мислам дека е добра одлика за еден спортист. Поттик не ми е дополнително потребен, едноставно во крвта ми е вродена таа компететивна ‘маана’ и адреналинот кој ми струи низ вените прави да сум 100% професионалец. Покрај ова ќе дополнам дека имам огромна поддршка од моите најблиски, посебно од мојот брат кој секогаш е тука за најважниот дел, а тоа е психичкиот. 

# Тим за кој некогаш би сакала да заиграш, освен македонскиот се разбира?

Можеби како помлада сакав да заиграм за унгарскиот Ѓер, но веќе играм во многу солиден клуб во романската лига (една од најдобрите лиги во Европа) и мислам дека со тоа желбата ми е остварена па и понатака би сакала да продолжам во клубови со таков добар рејтинг. 

# Што сакаш да правиш во слободното време?

Како што напоменав во првиот дел од ова интервју, слободното време обожавам да сум меѓу најблиските. Но, сакам исто така многу да шетам, да слушам музика, често и по некоја книга да прочитам додека патувам. Обожавам да одам на концерти, опера и балет па и преку лето додека сум во Скопје да отидам на театар комедија. 

# Како ја негуваш внатрешната убавина, имаш ли време да читаш книги и да гледаш серии/филмови, колку внимаваш на исхраната и како ја одржуваш линијата?

Како и секоја девојка и јас се негувам. Физичкиот изглед сам по себе е добар заради начинот на живот. Тренинзи, хидратација и внимавање на исхрана, но нема да ве лажам, знам понекогаш да си купам чоколадо или по некоја грицка која иде во друштво со некој добар филм или серија. Инаку опседната сум со употреба на добра козметика за лице и тело, нега на коса, нега на заби. Сакам убави скапи парфеми и обожавам да се опуштам со убава масажа во некој спа центар.


Внатрешната убавина доаѓа од самиот човек, неговата ѕвезда и енергија која ја прима и дава. Аурата со која зрачи и позитивните мисли.

Ирена Ставрова


Објавена во: Stars // Интервјуа

Можеби ќе ве интересира: