Зошто тинејџерите бегаат од дома: Психолозите откриваат што се крие зад стравот од родителите
Бунтовното однесување и непочитување на наметнатите норми се типични за периодот на адолесценција...
Бегањето од дома во периодот на адолесценција беше и остана карактеристичен за сите генерации.
Не постои скоро никој кој нема анегдота или лична или на некој од опкружувањето, кој од некоја причина во тинејџерскиот период не помислил да го напушти домот на родителите.
Причините и изговорите биле последица од стравот од казната поради лошите оценки, па сè до љубовните проблеми. Децата во тие моменти воопшто не размислуваат за тоа што ќе помислат родителите и како ќе се чувствуваат кога ќе сфатат дека ги нема ден, два или три.
Случајот со 14 - годишната девојка од Чачак, Србија, која исчезна и за која се водеше потрага 3 дена ја вознемири јавноста на Балканот. За среќа, оваа приказна имаше среќен крај и таа беше пронајдена на местото Прељина, недалеку од својот град.
Како што објасни нејзината сестра во објавата за исчезнувањето, девојката „имала и лоши оценки“, па стравот од реакцијата на родителите можно е да била причината за напуштање на семејниот дом.
Психилози за „Телеграф“ објаснија што сè може да биде причина за бегање од дома кај тинејџерите.
„Навистина, некогаш причината може да биде стравот од казната поради неуспех на училиште“ - посочи психологот Зоран Мустеровиќ.
Тој наведува дека ова се случува кога „децата не ги исполниле очекувањата на своите родителите и кога имаат страв да им соопштат дека се полоши отколку што мислат нивните родители“.
„Меѓутоа, причината може да биде и кога не се исполнуваат целите кои си ги поставиле на себе или кога ги изневериле своите очекувања, па не се такви какви што се претставувале, што е чест случај во тинејџерскиот период. Тогаш им е срам да го кажат тоа на родителите и решението го наоѓаат во бегањето од дома“ - наведува психологот.
Мустеровиќ истакнува дека децата често таквите постапки ги користат и да преупредат на реакцијата на родителите или казната и критиката што можеби ќе следува.
„На нив им е јасно дека родителите ќе се загрижат, без оглед на тоа што немаат перцепција низ каков пекол поминуваат поради нивното исчезнување. За пеколот низ кој родителите поминуваат, децата не ни размислуваат. Тие размислуваат само за тоа како родителите, кога ќе ги најдат и видат живи и здрави, ќе заборават и на оценките и на казната и на критиката“ - објаснува психологот.
Исто така за „Телеграф“ и психологот Љубица Богетиќ тврди дека децата често го напуштаат домот на родителите поради страв од казна.
„Позадината на бегањето е најчесто страв од тоа како родителите ќе реагираат на неуспехот на детето. Доколку детето не е во состојба да ги пријави оценките и да каже во што е проблемот, ова тогаш сугерира дека наместо однос на доверба, меѓу децата и родителите е изграден однос на страв од казна и критика“ - вели Љубица Богетиќ.
Таа е согласна со Мустеровиќ дека постојат и ситуации во кои децата бегањето од дома го користат како манипулација, но и за привлекување внимание.
„Таков начин на привлекување внимание не е необичен за децата во повисоките одделенија од основно училиште. Средношколците немаат страв од реакцијата на родителите поради успехот или неуспехот на училиште. На таа возраст тоа не може многу да влијае, но тие имаат други причини поради кои бегаат од дома. На пример, поради забранета љубов“ - заврши Богетиќ.
Извор: телеграф.рс
фото: freepik.com