15-минутни видеа на телевизија: Настава за учениците преку малите екрани
Министерот за здравство Венко Филипче веќе изјави дека ќе се донесе позитивна одлука доколку се утврди дека бројот на деца кој би останал и по завршувањето на часовите не е голем.
- Предност е тоа што станува збор за истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.
Инаку, Kомисијата за заразни болести и денеска ќе продолжи да ја разгледува можноста за воведување целодневна настава со физичко присуство во основните училишта, со оглед на тоа што онаа која е предвидена за деца до трето одделение засега е замислено да биде скратена кога ќе започне од 1 октомври.
Се работи и на проблемот што 40.000 ученици ги немаат потребните ИТ-уреди за следење на онлајн-настава, а министерката за образование Мила Царовска најави дека часовите што ќе ги одржуваат наставниците ќе се снимаат и потоа ќе се пренесуваат во одредено време на националната телевизија.
-За таа цел, детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наставниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали. Овие материјали ќе се доставуваат на родителите од страна на наставниците според сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. За да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали кои се обезбедени, појаснуваат од МОН.